Регион
(Видео) Опсадна состојба во Подгорица кога Турци со нож повредија млад човек
Жителите на подгоричката населба Забјело се собраа синоќа на протест откако група турски државјани нападнаа и избодоа еден нивен сограѓанин претходната ноќ. Во исто време, црногорската полиција спроведе рации и приведе 45 турски државјани.
Полицијата досега идентификуваше и приведе двајца турски државјани кои се поврзани со синоќешното ранување на жителот на Подгорица, М.Ј. со ладно оружје.
Како што објавија медиумите во Подгорица, група турски државјани викендов нападнале група жители на Подгорица, а еден од младите мажи од Подгорица добил седум убодни рани со нож.
Насилство во Подгорица
Во официјалното соопштение на црногорската полиција е наведено дека синоќа, половина час по полноќ, дошло до нарушување на јавниот ред и мир со тепачка во која учествувале неколку лица, а во која едно лице се здобило со телесни повреди во градите и рацете.
Црногорските медиуми претходно објавија дека во подгоричката населба Забјело, каде што се спроведуваа рациите, владеела состојба на опсада, додека од друга страна, револтирани од чинот на насилство, бројни жители на населбата се собрале и постојано извикувале навредливи слогани против Турците.
Голем број полицајци и инспектори биле на местото на настанот, а контролирани биле и неколку локации во тој дел од црногорската престолнина.
Медиумите, исто така, објавија дека тројца турски државјани дури и се забарикадирале во казино откако, според очевидци, група мештани се обиделе да се пресметаат со нив. Откако ги извеле од казиното, полицијата привела двајца од нив, а се сомнева дека еден од нив бил вмешан во нападот.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

