Регион
(Видео) Ранетиот напаѓач префрлен во болница во Приштина: пренесен е со лисици
Еден ранет напаѓач на косовската полиција, по укажаната лекарска помош, доцна вчеравечер е пренесен на Универзитетскиот клинички центар во Приштина.
Ова го изјави директорката на болницата во јужна Митровица, пренесува „Косово онлајн“.
Како што додаде таа, ранетиот има прострелни рани и скршеница.
„Тој дојде овде со стабилни параметри и со стабилни параметри беше однесен во Приштина и таму очекуваме дека ништо нема да му го загрози животот. Имаме свои екипи, но имаме и засилување од Универзитетскиот клинички центар на Косово. Лицето имаше прострелни рани, влезни и излезни рани, а од друга страна, има и скршеница“, рече таа.
За потсетување, немирите во Косово почнаа во текот на ноќта саботата кон неделата кога косовската полиција забележала барикади и вооружена група Срби од Косово кај селото Бањска, по што дошло до конфликт и еден косовски полицаец бил убиен, а двајца полесно ранети.
Лицата од вооружената група околу пладне упаднаа во дворот на Бањскиот манастир, а верниците и свештените лица останаа внатре. Рашко-призренска епархија по неколку часа објави дека групата се повлекла и во манастирот е мирно, но има неизвесност и загриженост кај монасите и верниците.
Во престрелките што траеја во текот на целиот ден застрелани беа три лица од вооружената група – состојба што српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека можела да биде избегната, а истовремено тврди дека имаат и докази оти косовската полиција брутално ги ликвидирала. Вучиќ вечерва на вонредна прес-конференција изјави и дека групата Срби се побуниле поради теророт на Курти и посочи на косовскиот премиер како на единствен виновник за состојбите, а убиството на полицаецот го осуди.
Курти, пак, за престрелките на северот директно ја обвини Србија дека ги финансирала и поддржала напаѓачите опишувајќи ги настаните како тероризам.
Во близина на манастирот во хотел има и седум македонски државјани, меѓу кои и дете. Косовската полиција го обезбедува хотелот, велат од МНР.
Меѓународната заедница го осуди убиството на полицаецот и повика да продолжи дијалогот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Авион од Дубаи слета во Белград, евакуирани 200 српски државјани
Авион од Дубаи со 200 српски државјани слета денес во Белград, откако летовите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија беа суспендирани поради тензиите на Блискиот Исток.
Првиот авион со 200 патници полета од аеродромот во Дубаи синоќа, објави Радио телевизија Србија (РТС).
Аеродромот во Дубаи објави дека првиот лет од Обединетите Арапски Емирати до Србија, по суспензијата на воздушниот сообраќај, полетал околу 23:30 часот по централноевропско време.
Авионот е Боинг 737 MAX 8, со капацитет од 162 до 200 патници, управуван од авиокомпанијата „Флајдубаи“.
Во меѓувреме, авиокомпанијата Емирати објави дека го продолжува сообраќајот со реализација на ограничен број летови.
„Приоритет им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои се прераспределени на овие ограничени летови ќе бидат контактирани директно од компанијата Емирати“, се вели во соопштението.
Компанијата ги повика патниците да не доаѓаат на аеродромот освен ако не бидат однапред известени, додавајќи дека сите други летови остануваат суспендирани до понатамошно известување.
Летовите беа откажани поради американско-израелската воена кампања започната во саботата против Иран, во која загинаа неколку високи ирански функционери, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи.
Како одговор, Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, како и врз неколку земји во регионот каде што се наоѓаат американски воени објекти.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.
Регион
Кипар го подигна нивото на тревога, училиштата се затворени
Кипар го подигна нивото на тревога по нападот со беспилотни летала врз британската воена база РАФ Акротири на островот. Властите ги затворија училиштата и спроведоа евакуации каде што е потребно, бидејќи земјата е вовлечена во ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Во утринското обраќање до нацијата, кипарскиот претседател Никос Христодулидес рече дека безбедноста на земјата е најголема грижа на неговата влада.
„Се наоѓаме во регион со исклучителна геополитичка нестабилност, со бројни предизвици и проблеми, кој во моментов поминува низ невидена криза. Правиме сè што е потребно, а безбедноста на нашата земја и граѓаните е наш врвен приоритет“, рече тој.
Тој нагласи дека Кипар, членката на ЕУ најблиску до Блискиот Исток и популарна туристичка дестинација, инсистира дека нема да се вклучи во никакви воени операции.
„Остануваме посветени на хуманитарната улога што ја имавме цело време – секогаш како дел од решението, а не како проблемот – и ќе продолжиме да дејствуваме со истото чувство на одговорност“, додаде Христодулидес.
Осврнувајќи се на нападот што се случи синоќа, ретседателот рече дека „дрон Шахед погодил воени објекти во британската база во Акротири и предизвикал мала материјална штета“.
Грчките медиуми објавија дека бил неутрализиран и втор борбен авион, кој Иран исто така го насочил кон британската база, оддалечена околу 960 километри.
фото/ЕПА

