Регион
(Видео) Трагедија во центарот на Белград: Од Сава е извлечено телото на жената која исчезна по судир меѓу брод и чамец
Судир на товарен брод и чамец со три лица, кој паднал во реката Сава се случи доцна синоќа во Белград.
Лицето кое било во чамецот и испливало на брегот, В.М.(42) изјавил дека на чамецот била неговата сопруга Ј.М.(43) и нивниот кум С.Р.(42).
Женското тело од страна на службите за итна помош е извлечено во 2 часот и 50 минути во близина на шеталиштето Сава, додека третото лице се уште се води како исчезнато, пишуваат српските медиуми.
Судирот меѓу чамец и товарен шлеп се случил синоќа околу 21:45 часот на Сава кај Нов Белград.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Вучиќ преку инстаграм бара Трифуновиќ да биде ослободен
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на Инстаграм побара итно вклучување на државните органи на Република Србија за ослободување на актерот Сергеј Трифуновиќ. Тој се осврна и на случајот со Северина, која Србите ја задржаа на граница.
„Пред неколку дена видовме општа хајка против државата Србија, организирана и надворешно и внатрешно, само затоа што естрадна уметница од Хрватска беше задржана десетици минути на граничниот премин. Таа не беше приведена, уапсена или малтретирана. Истите луѓе внатре и надвор молчеа кога адвокатот Бериќ беше уапсен во Хрватска, тој беше во притвор 15 дена поради објавена песна на неговиот Фејсбук профил“, рече Вучиќ.
„Вчера беше приведен и уапсен и одведен од граничниот премин Сергеј Трифуновиќ, човек кој е мој политички противник, основачот на Движењето на слободни граѓани. Но, тој е и државјанин на Србија, државјанин на нашата земја, тој беше уапсен, а никој не разбра за што. Најпрво барам од властите во Србија да се обидат да се борат за правдата и слободата на Сергеј Трифуновиќ преку сите дипломатски канали и апелирам до хрватските власти да разберат дека притворањето на Србите не води кон развој на подобри односи и не сакам да ги изговарам грубите зборови и квалификации што тие ги искажаа за Србија“, продолжи тој.
„Молам и барам да постапат рационално и да го ослободат Сергеј Трифуновиќ“, заклучи тој.
Српскиот актер Сергеј Трифуновиќ е уапсен во вторник околу полноќ на граничниот премин Бајаково додека преминувал од Србија кон Хрватска. Потоа бил спроведен во Општинскиот суд за прекршоци во Сплит. Трифуновиќ пред судот изјави дека не се чувствува виновен за она за што е обвинет. Судењето на српскиот актер продолжува денеска во 12:30 часот, пренесуваат хрватските медиуми.
Регион
Гори рафинерија кај Атина: хеликоптери и 11 противпожарни возила на терен, наредена итна евакуација
Пожар избувна во втората по големина нафтена рафинерија во Грција, а работниците беа евакуирани бидејќи црн чад се прошири на небото, соопштија властите и компанијата „Мотор Оил“.
Локалните медиуми објавија снимка од големиот пламен во рафинеријата, која се наоѓа на околу 70 километри западно од Атина.
„Денеска, 17 септември, од засега непознати причини избувна пожар од големи размери во делот на единиците за рафинирање на јужната рафинерија на Мотор Оил во Аги Теодори. Ситуацијата е под контрола. Од пожарот полесно се повредени тројца вработени од фирма-изведувач, кои се пренесени во болницата Коринт и им е укажана неопходната нега. Од почетокот на инцидентот сме во континуирана соработка со надлежните служби. Им благодариме на Противпожарната служба и нејзините луѓе за соработката од првиот момент“, соопшти „Мотор Оил“.
Противпожарните екипи на лице место испратија три хеликоптери и 11 противпожарни возила, соопштија од противпожарната единица.
Се повикува населението да ја напушти областа.
Локалните власти го затворија автопатот во близина на рафинеријата, а железничката компанија соопшти дека возовите се запрени.
Регион
Се огласи Сергеј Трифуновиќ: Можете ли да ме размените за Северина
Откако денеска беше уапсен на граничниот премин Бајаково додека минуваше од Србија во Хрватска, а потоа беше спроведен во Општинскиот суд за прекршоци во Сплит, се огласи на социјалните мрежи српскиот актер, Сергеј Трифуновиќ.
Првин објави фотографија со пријател и го цитираше Питер О’Тул.
„О, колку ми недостигаат тие денови кога излегувате на пијачка во Лондон навечер и се будите во Мароко“, напиша тој.
Потоа ја спомна пејачката Северина. „Можете ли да ме разамените за Северина?“, напиша на сликата што ја објави, а во описот додаде: „Барам пријател“.
Северина на крајот на август беше приведена од српската полиција на разговор додека ја минуваше границата.
Полицијата го приведе Трифуновиќ во Општинскиот суд за прекршоци во Сплит, каде се одржа рочиште и му беше одземен пасошот како мерка на претпазливост, пишува Слободна Далмација.
Судењето на српскиот актер продолжува утре во 12:30 часот кај судијката Жељка Матков. Трифуновиќ денеска пред судот изјави дека не се чувствува виновен за она за што е обвинет.
Тој се товари по член 5 и член 17 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Во член 17 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир се вели: „Тој што омаловажува или навредува државни органи, односно службени лица при или во врска со извршувањето на нивните законски наредби, ќе се казни со парична казна од 700 до 4000 евра или затворска казна до 30 дена“, пишува хрватски „Индекс“.
Полицијата денеска од судот побара 30-дневна затворска казна и 1000 евра парична казна за актерот.
Предмет на истражување е објава на социјалните мрежи
Предмет на истражувањето е објава на социјалните мрежи од 10 септември минатата година.
„Објавил текст со недолична содржина во кој истовремено грубо ги омаловажувал полицајците, наведувајќи дека сплитските полицајци изнудиле над илјада евра“, наведуваат во ПУ на Сплит-Далмација, пренесува „Индекс“.
Трифуновиќ наводно напишал: „Се надевам дека ќе ги искористите тие пари за да си сошиете убави црни униформи по примерот на Франтиќ и дека вашите мајки конечно ќе бидат задоволни од нивните примитивни копилиња. Сега слободно распишете уште една потерница“.
Неговата сопруга Исидора Мијановиќ тврди дека Сергеј бил физички малтретиран.
„Синоќа околу полноќ мојот сопруг беше приведен на граничниот премин Бајаково, откако истече забраната за влез на територијата на ЕУ, без никакво објаснување, со големи непријатности на кои бев сведок, вклучително и физички напад од страна на гранични полицајци. Го однесоа во непознат правец и повеќе од 9 часа немам никакви информации за тоа каде се наоѓа, ниту причината за неговото апсење“, напишала неговата сопруга Исидора на Инстаграм.