Регион
(Видео) Црна Гора: Пожарникар повреден при експлозија, повеќе семејства евакуирани по пожарите
Денеска низ Црна Гора се регистрирани повеќе големи пожари, а во Горни Рогами неколку семејства се евакуирани откако огнот се приближил до нивните домови. Во текот на гаснењето дошло до експлозија во која е повреден еден пожарникар.
Пожарите ги гаснат пожарникари, хеликоптер и ер трактори, како и припадници на Армијата на Црна Гора.
Во Пипери гори, а густ чад се шири над Подгорица. Повеќе од 20 возила на Службата за заштита се на терен и се обидуваат да ги заштитат куќите.
Najavih juče požare. Lako je zaključiti. Kada je 35°C i više uz vjetar, svaka iskra je novi požar.
Buljarica danas. pic.twitter.com/F3Y5EL7mKz— Stanko Đuričić (@stankodjuricic) August 11, 2025
Командирот на Службата за заштита и спасување на Подгорица, Никола Бојановиќ, изјави за агенцијата МИНА дека сите расположливи екипи се испратени на терен.
Според неговите зборови, ситуацијата е прилично критична во Пипери.
Od Pipera požar se širi ka Podgorici uz jak sjeverni vjetar. Ko ima kuće na potezu od Pipera ka PG valjalo bi da ode i brani kuće. Naravno da to ne može uraditi vatrogasna sa svojim kapacitetima. Naravno da o tome ne misli Vlada, jer je ona na godišnjem odmoru. pic.twitter.com/ZBsrYyltml
— Stanko Đuričić (@stankodjuricic) August 11, 2025
При гаснење пожар во местото Рогами денеска во Црна Гора дошло до експлозија во која е повреден пожарникар, соопшти вршителот на должност командир на Службата за заштита и спасување на Главниот град, Никола Бојановиќ.
Тој истакна за порталот „Стандард“ дека пожарникарот има полесни повреди.
Како што посочи, укажана му е лекарска помош и неговата состојба е стабилна.
Црногорскиот електродистрибутивен систем соопшти дека, по барање на Пожарникарската служба, е исклучен далекуводот DV 10 kV „Пипери“ поради пожар во близина на трасата, па без струја останале повеќе села и населби.
Бојановиќ истакна дека во меѓувреме добиле дојава дека пожар избувнал и во подгоричката населба Мало Брдо, каде гори една куќа.
Гори и во Кучи, Буљарица, Чањ и Бијело Поље.
Iznad Čanja u Crnoj Gori jutros se rasplamsao požar. Vatrogasne sirene se čuju u celom naselju. Vatra je prema nezvaničnim informacijama krenula u nedelju, a tokom noći se rasplamsala. pic.twitter.com/7H7N2iOySi
— Razglas news (@razglasnews) August 11, 2025
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.
Регион
Епстин бил заинтересиран да ја купи „Титовата вила“ во Њујорк
Во документите за починатиот сексуален престапник Џефри Епстин, кои неодамна ги објави американското Министерство за правда, се споменува и Србија. Имено, Епстин бил заинтересиран за купување на една од најстарите вили во Њујорк, сместена на Петтата авенија – зградата на поранешна СФРЈ, позната како „Титовата вила“, пишува „Блиц“.
Овој архитектонски бисер се појавува во преписката што Епстин ја водел на 10 декември 2018 година. Меѓу документите има и електронска порака испратена до Епстин со 26 фотографии од вилата, план на просториите и извадок од текст објавен во „Њујорк пост“ во 2017 година, со наслов: „За 50 милиони долари можете да станете сопственик на последната вила од златното доба на Менхетен“.
Утрото на 10 декември 2018 година, Епстин примил е-пошта од Дејвид Мичел, долгогодишен инвеститор и финансиски експерт.
„Голем пожар во зградата што ја разгледувавме, Мисијата на Србија на Петтата авенија 854. Можеби сега е добро време за понуда, ако сте заинтересирани“, стои во пораката.
Според објавените документи, комуникацијата продолжила преку СМС-пораки. Епстин на двајца соговорници, чии имиња се затемнети, им испратил линк до текст од „Њујорк пост“ за пожарот во вилата во сопственост на Мисијата на Србија.
„Амбасадата на Србија?“, прашал Епстин, на што добил одговор: „Мојата мисија јави.“
„Можеби цената сега ќе биде пореална“, напишал Епстин.
„Значително пореална“, добил одговор, со напомена: „Но треба да се пресметаат и трошоците за обнова.“
Вилата на крајот била продадена, но дури четири години подоцна – во 2022 година.
„Новиот сопственик купи значаен дел од историјата на Њујорк“, изјавил тогаш Тристан Харпер, агент на компанијата „Даглас Елиман“, која ја реализирала продажбата.
Харпер додал дека претседателот на поранешна СФРЈ, Јосип Броз Тито, „иако комунист, имал многу добар вкус за недвижности“. Според агентот, вилата првпат била понудена на продажба во 2017 година. Во јуни 2021 година било објавено дека е примена готовинска понуда од 50 милиони долари и дека државите-наследнички постигнале согласност за продажба.
Врз основа на Договорот за прашањата на сукцесијата, на Србија ѝ припаднале нешто помалку од 40 проценти од износот добиен од продажбата на зградата на постојаната мисија во Њујорк.
Според претходно објавениот оглас за продажба, вилата се простира на четири ката и има уште два кровни ката, вкупно 18 соби, шест бањи и вински подрум. Станува збор за првата зграда со два електрични лифта, кои и денес се во функција. Во неа е зачуван оригиналниот ентериер, а од 1969 година е под заштита на државата и градот Њујорк.
Наводно, за време на Студената војна, кога таму престојувал и Тито, на врвот постоела просторија што не можела да се прислушува, а прозорците кон Петтата авенија биле непробојни. Зградата, која со децении главно била недопрена, во моментот на продажбата немала централна климатизација, а гасот бил исклучен по пожарот.
Регион
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.

