Регион
Во Србија пристигнаа уште 50.000 дози на руската вакцина „спутник В“

Авион со нов контингент на руската вакцина „спутник В“ слета на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.
„Денес, напладне, ќе пристигнат уште 46.800 вакцини на ‘Фајзер’, што значи дека заедно со овие дози, вкупно два милиони вакцини се доставени во Србија“, изјави премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.
Според зборовите на министерот за иновации, Ненад Поповиќ, станува збор за првата компонента на вакцината со која 50.000 луѓе ќе можат да се вакцинираат.
Поповиќ изрази задоволство, бидејќи испораката на вакцини од Русија се одвива според договорената динамика.
„Се согласивме да купиме два милиони вакцини од Русија. Очекувам до крајот на март, односно во текот на првата половина на април, целата договорена количина на вакцини да биде доставена до Србија“, рече Поповиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Големо невреме во Загреб, ветерот крши ролени, урива дрвја

Голема промена на времето пристигна во Хрватска. Бура го погоди Загреб околу 10 часот наутро. Како што известуваат хрватските медиуми, ветерот дува силно и ги кине ролетните на куќите. Грми, врне и дува силно во целиот град.
Портокалова тревога е во сила за регионите Славонија, Истра, Кварнер и во Далмација, а жолта тревога е во сила за остатокот од Хрватска.
Температурите во делови од земјата ќе паднат за повеќе од 10 степени во споредба со вчера.
Регион
Дел од натстрешник се урна во центарот на Белград

Во центарот на Белград, пред продавница за парфеми, се урна таванот на натстрешник, пишува „Н1 Србија“.
Ова, најверојатно, се случило во текот на ноќта, а жената што работи во продавницата за парфеми изјавила за „Н1“ дека сè било во ред во текот на денот.
Властите поставија црвена лента на која пишува „внимание, опасност“, така што на граѓаните сега им е забрането да минуваат во тој дел од улицата.
Делови од таванот се наоѓаат и на самото шеталиште, а дел од него сè уште виси.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.