Регион
Во Хрватска 1.595 новозаболени од коронавирус, 71 починат
Во последните 24 часа регистрирани се 1.595 нови случаи на инфекција со вирусот САРС-КоВ-2, а бројот на активни случаи во Хрватска е вкупно 15.115. Меѓу нив, 2.895 пациенти се во болница, од кои 294 се на апарати за дишење, а починаа 71 лице.
Од 25 февруари 2020 година, кога беше регистриран првиот случај на инфекција во Хрватска, вкупно се евидентирани 197.323 лица заразени од новиот коронавирус, од кои 3.328 починаа, а вкупно 178.880 закрепнаа, од кои 2.514 во последните 24 часа.
Во моментот има 48.166 лица во самоизолација.
До денес се тестирани вкупно 964.313 лица, од кои 9.088 во последните 24 часа.
Од утре е во сила забраната за патување во други жупании од местото на живеење или престој. Оние што сè уште сакаат да патуваат, мора да имаат пропусница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
МОЛ го презема српскиот НИС
Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави дека е постигнат договор меѓу руската и унгарската страна, што треба да доведе до поволен исход во процесот на трансформација на Нафтената индустрија на Србија (НИС).
„МОЛ и ‘Гаспромнефт’ се согласија за основните одредби од идниот договор за продажба на НИС, кој ќе биде испратен до американската администрација за одлука, а Србија успеа да го зголеми својот удел во сопственост за пет проценти во преговорите“, рече министерката.
Изјавата доаѓа по неколку месеци интензивни разговори и неизвесност за иднината на NIS, дополнително интензивирани од геополитичките притисоци, санкциите против руските енергетски компании и растечкиот интерес на Европската Унија за структурата на сопственост и управување со стратешките енергетски системи во регионот.
Ѓедовиќ Хандановиќ потврди дека МОЛ и „Гаспромнефт“ се согласиле за основните одредби од идниот договор за продажба.
„Тоа беше барање на американската администрација и како такво ќе биде испратено до американската администрација за одлука. Важно е што во овие преговори Србија успеа да ја подобри својата позиција во споредба со 2008 година, кога останавме под 30 проценти сопственост. Беше договорено дека во иднина ќе го зголемиме нашиот удел во српската нафтена индустрија за пет проценти и ќе го достигнеме бројот на акции што ќе ни овозможи поголеми права за донесување одлуки во Собранието на акционери“, рече министерката.
фото/епа
Регион
(Видео) Непалските работници во Хрватска штрајкуваат поради ниски плати и лоши услови
Неколку часа траеше прекинот на работата во складиштето за овошје на логистичко-дистрибутивниот центар на „Плодине“ кај Кукуљаново, откако непалските работници изразија незадоволство од условите, јави „Индекс“
Синдикатот NSRH информира дека странските работници, најмногу од Непал, реагирале на ниските плати, прекувремената работа и условите. Во објектот работат околу 100 странци и околу 70 домашни работници.
Синдикатот предупреди и на случајот со седуммина непалски работници кои по зачленување во синдикат биле изложени на притисоци и закани со губење на работен и престојувачки статус.
Штрајкот е прекинат откако им било ветено дека во понеделник ќе имаат средба со лице од повисоко раководно ниво.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА

