Регион
Вучиќ: Ние сме големи губитници, изгубивме инвестиција од 750 милиони евра
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, коментира за актуелните теми вклучувајќи ја и веста дека компанијата на зетот на претседателот на САД, Доналд Трамп, Џаред Кушнер, одлучила да се повлече од проектот за изградба на луксузен хотелски и станбен комплекс, планиран на местото на бомбардираниот Генералштаб во центарот на Белград.
„Сè што се случи во врска со Генералштабот, се гордеам со сите што учествуваа во обидот да се донесе толку голем инвеститор, а со кампањата и ловот што се водеше против инвеститорот успеавме да го уништиме сето тоа“, рече Вучиќ, објави „Телеграф“.
Тој рече дека се чини оти „е потребно да се оцрни сè, да се уништи Србија, да се остави без инвеститори, струја и плати“.
„Оваа приказна денес станува само афера, како држава и народ сме големи губитници, изгубивме инвестиција од 750 милиони евра, а блокадите ни предизвикаа штета од вкупно една и пол милијарда. Штетата предизвикана на Србија е огромна. Сега ќе имаме срушена зграда од која паѓаат тули, а никој веќе нема да ја допре“, рече тој.
Тој се осврна и на Обвинителството за организиран криминал во Србија, кое вчера поднесе обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште три лица за злоупотреба на службената должност и фалсификување документи во врска со овој луксузен проект за недвижности.
„Ние Србите сме мајстори за пропуштени можности, само за да му умре кравата на нашиот сосед на кој било начин. Јас лично ќе поднесам кривични пријави против сите што учествуваа во оваа потера и уништување на инвестицијата, и од Обвинителството и од полицијата“, најави тој.
Вучиќ нагласи дека „како одговорен човек, жал му е што изгубиле инвестиција од 750 милиони евра“ и дека сега „некој измислен проект во Албанија ќе го привлече целото внимание на светот“. Вучиќ истакна дека во соопштението од компанијата на Кушнер се наведува оти се повлекуваат од проектот „за да не се подели народот“.
„Што очекувавте луѓето да напишат? Дали очекувавте: „Се повлекуваме затоа што таму има идиоти што не сакаат инвестиција од 750 милиони евра и кои уживаат гледајќи како урнати згради пред 26 години остануваат такви и во следните 100 години? Дали очекувавте да кажат дека таму има идиоти што не сакаат американски инвестиции? Секако дека не“, рече Вучиќ.
„Тие логично рекоа: ‘Очекувавме сите да ни бидат благодарни, очекувавме тоа да ги обедини луѓето, луѓето да бидат ентузијастични. Но, таму, знаете, има некои што не се ентузијастични, туку, напротив, читаат меѓу редови, некои што не разбираат што е држава, што е народ или кои се интересите на граѓаните на Србија и беа против тоа“, додаде Вучиќ.
За потсетување, на почетокот на годината беше објавено дека инвестициската компанија „Афинити партнерс“, кооснована од Кушнер и милијардерот од Обединетите Арапски Емирати, Мохамед Алабар, планирала да изгради луксузен хотелски и станбен комплекс „Трамп“ на местото на Генералниот штаб на поранешната Југословенска народна армија, уништен во бомбардирањето на НАТО во 1999 година.
Од минатата година српската јавност расправа за правната основа за отстапување на просторот на тешко оштетениот Генералштаб, кој има статус на културно богатство, на странска компанија.
Инсистирајќи на тврдењето дека овој проект е во интерес на државата и нејзиниот главен град, што особено го туркаше Вучиќ, владејачката партија во српскиот парламент донесе посебен закон со кој се дозволува градење во населба чии делови имаат статус на заштитено културно добро поради нивната архитектонска вредност.
По донесувањето на овој закон, следуваше афера со фалсификување на одлуката во Републичкиот завод за заштита на спомениците за бришење на зградите на поранешниот Генералштаб и Министерството за одбрана од регистарот на недвижни културни добра.
фото/депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

