Регион
Децата во Србија ќе одат на училиште со скратени часови и на растојание од 1,5 метар

Најмладите ученици се враќаат во училиштата во Србија, а за поголемите се очекува комбинирана онлајн-настава со одење во училиште.
Епидемиологот Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ објасни дека најмалите ученици ќе ја следат наставата во училиштата со почитување на сите мерки, со што ќе се намали можноста за ширење на вирусот.
Во една училница ќе може да има по 15 ученици, кои ќе седат на растојание од еден и пол метар. Часовите ќе бидат скратени на 30 минути.
Кисиќ Тепавчевиќ, по седницата на кризниот штаб, изјави дека се разгледуваат сите аспекти, како што се бројот на ученици во училиштата, возраста на децата, а особено се води сметка и за актуелната епидемиолошка ситуација.
Според неа, моментната епидемиолошка ситуација во Србија е поволна.
„Направивме сè за нашите најмлади ученици да следат што е можно повеќе настава во училиштата. Тоа е значајно за нивното идно школување. За повисоките одделенија имаме разни комбинации за водење на наставата“, изјави Тепавчевиќ.
Првиот училиштен ден од новата учебна година ќе биде целосно посветен на тоа како да се спречи ширењето на вирусот.
Наставниците ќе мораат цело време да носат маска, а за учениците допрва ќе се одлучува како и во кои ситуации ќе треба да ги носат маските, а кога ќе може да ги извадат.
„Се препорачува носење маска цело време додека се на училиште, но на учениците можно е да им се дозволи да ги извадат кога седат во клупите иако е препорачливо нивно носење“, додава Тепавчевиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Силен земјотрес во близина на Крит: ги вознемири жителите на островот

Силен земјотрес денес го погоди подрачјето во близина на брегот на Крит.
Епицентарот на земјотресот се наоѓа 31 километар источно-североисточно од Закрос на овој остров, објавува грчкиот „Прототема“.
Земјотресот се случил во 20:46 часот по грчко време, а сеизмичкиот потрес имал јачина од 5 степени според Рихтеровата скала, според Геодинамичкиот институт.
Длабочината на која се наоѓал епицентарот на земјотресот била 7,8 километри, објавуваат медиумите.
Регион
(Видео) Невреме во Србија: превртен камион, откорнати дрвја, поплавени улици

Силно невреме, проследено со јак ветер и дожд, денес зафати делови од Србија.
Само во Белград, ветерот собори дрвја и гранки на повеќе од 50 локации.
На социјалните мрежи беа објавени бројни видеа од паднати дрвја и скршени гранки.
Силниот ветер што дуваше во Нови Сад собори дрво.
Силен ветер дуваше и во Белград, а повремено имаше врнежи проследени со грмотевици.
Силна бура го погоди и Зрењанин.
Ветрот кршеше гранки од дрвјата, а поради дождот, водата остана на патиштата.
Налети на ветер превртеа камион кај Зрењанин, според написите во медиумите од регионот.
Регион
(Видео) Големо невреме во Загреб, ветерот крши ролетни, урива дрвја

Голема промена на времето пристигна во Хрватска. Бура го погоди Загреб околу 10 часот наутро. Како што известуваат хрватските медиуми, ветерот дува силно и ги кине ролетните на куќите. Грми, врне и дува силно во целиот град.
Портокалова тревога е во сила за регионите Славонија, Истра, Кварнер и во Далмација, а жолта тревога е во сила за остатокот од Хрватска.
Температурите во делови од земјата ќе паднат за повеќе од 10 степени во споредба со вчера.