Регион
Додик бара оставка од Џаферовиќ и вели дека и натаму ќе ги блокира санкциите против Русија

Членот на претседателството на БиХ, Милорад Додик, го обвини актуелниот претседател на државниот врв, Шефик Џаферовиќ, за уривање на уставниот поредок и најави дека поради тоа ќе бара негова смена, нагласувајќи дека бошњачките политичари некритички ги поддржуваат санкциите против Русија, на што тој силно се противи.
Додик е огорчен од говорот кој Џаферовиќ го одржа минатата недела пред Советот за безбедност на Обединетите нации за ситуацијата во БиХ, предупредувајќи, меѓу другото, на опасностите од сецесионистичката политика на босанските Срби.
Затоа, на првата седница на Претседателството на БиХ, одржана потоа во Сараево, Додик го покрена прашањето за одговорност на Џаферовиќ, тврдејќи дека претседавачот на Претседателството на БиХ излегол од своите овластувања и го дезинформирал Советот за безбедност со изнесување приватни ставови во Њујорк.
Со тоа, како што тврди, Џаферовиќ ги прекршил Уставот и Деловникот на Претседателството на БиХ, па мора веднаш да поднесе оставка.
„Доколку не го стори тоа до следната седница на Претседателството, ќе побарам да се покрене постапка за негова смена“, изјави Додик за новинарите.
Тој не објасни како има намера да го стори тоа бидејќи изборниот закон одредува само ситуација во која Уставниот суд одлучува за привремена или трајна спреченост на член на Претседателството да ја врши таа должност.
Додик тврди дека кршењето на Уставот и Деловникот станало редовна практика на, како што рече, бошњачко-муслиманската политика, на сите нивоа на власта и вели дека единствената цел на бошњачките политичари е да му се додворат на Западот.
Тој обвини дека затоа некритички ги поддржуваат санкциите против Русија, додавајќи дека лично силно се противи на какви било казнени мерки против Москва за агресијата врз Украина.
Додик нагласи и дека неговите лични напори го спречиле Претседателството на БиХ и Советот на министри, како колективни тела, да донесат каква било формална одлука за приклучување на БиХ кон санкциите против Русија.
„Така и ќе остане“, рече Додик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Сопругата на хрватскиот претседател вршела притисок да му ги поправат оценките на син ѝ

Хрватското Министерство за образование и наука отвори инспекциска постапка во училиштето во кое учи синот на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ откога неговата сопруга, како што тврди „Јутарњи лист“, извршила притисок врз директорот на училиштето да му ги смени веќе заклучените оценки на син ѝ, и тоа од четворки во петки.
Според весникот, Сања Мусиќ-Милановиќ на 24 јуни испратила имејл до директорот на училиштето на син ѝ, класниот раководител и до училишниот психолог наведувајќи ги неправилностите во наставата по математика како причина за промената на оценките.
Ова предизвика бран реакции во медиумите поради наводниот притисок на сопругата на претседателот да му ги зголеми оценките на синот, така што просекот на сите негови оценки би бил пет, пренесуваат хрватските медиуми.
Според „Хина“, Милановиќ денеска изјавил дека не знаел за писмото на сопругата до училиштето и дека тој немало да го напише. Милановиќ исто така ја нападнал и компанијата „Ханза медија“, сопственик на „Јутарњи лист“, поради објавување напис на оваа тема.
„Не знаев. И јас не би бранел нешто само затоа што жена ми го направила. Кога се занимаваш со ваква работа, тоа всушност ништо не значи, но, според мене, тука е многу помалку важно од начинот на кој криминалната организација „Ханза медија“ ја подготвила“, рече Милановиќ.
Тој додаде дека со тоа писмо неговата сопруга оставила „бразда длабока три метри“.
„Да ми го направеше тоа мајка ми кога имав 17,5 години, ќе полудев“, изјави Милановиќ. „ Но, мама е мама, сега мама остави пишан белег“, рече Милановиќ.
Хрватскиот претседател смета и дека цел на текстот во весникот не е неговата сопруга, туку лично тој.
Регион
(Видео) „Да станам да му го скршам носот“, избегната тепачка во собранието во Црна Гора

Во Собранието на Црна Гора беше избегната тепачка по жестока расправа меѓу пратениците, информираат тамошните медиуми.
Пратеникот Марко Милачиќ го обвини министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и вицепремиер Владимир Јоковиќ дека зел кредити и купил диплома на бензинска пумпа во Затон.
"Da se dignem bre da mu nos slomim." pic.twitter.com/5eLPCVH395
— Peruci (@Kardinal1876) July 5, 2022
На ова реагираше пратеникот на СНП, Драган Ивановиќ, кој изјави дека се работи за измислици.
Меѓутоа, по тоа дошло до расправија и закани, а за малку и до физичка пресметка. За да се избегне влошување на ситуацијата била дадена пауза, јавуваат медиумите.
Регион
Најмалку шестмина загинати, а 25 повредени во автобуска несреќа во Турција

Патнички автобус рано утринава се превртел и слетал во бездна на излезот од Киркларели.
Најмалку шест лица загинаа, а 25 се повредени јавуваат, локалните медиуми.
На местото на несреќата пристигнале бројни екипи на брзата помош и полицијата.
Гувернерот на таа турската провинција, Бирол Екичи, изјавил дека се работи за автобус кој сообраќал од Едрене за Бодрум кој паднал во бездна во областа Лулебургаз.
Гувернерот изјавил дека во несреќата животот го загубиле најмалку шест лица, меѓу кои и едно дете, а 25 повредени се пренесени во болници.