Регион
Додик му честита на Милановиќ
Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, во неделата вечерта му честиташе на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ за победата во трката за втор мандат, уште пред да бидат објавени конечните резултати.
Откако беа објавени резултатите со обработени 90 отсто од избирачките места, потврдувајќи ја убедливата победа на Милановиќ над Драган Приморац, Цвијановиќ во својата честитка изрази очекување дека за време на неговиот нов мандат, билатералните односи меѓу БиХ и Хрватска ќе се засноваат на меѓусебно почитување и благодарност, а тоа дополнително ќе се фокусира на прашања од заеднички интерес за доброто на сите граѓани.
„Во мене ќе имате доверлив партнер и соговорник во развојот на политичкиот дијалог и конструктивната соработка во различни области“, му порача Цвијановиќ на хрватскиот претседател.
Честитке Зорану Милановићу на убједљивој побједи и реизбору на функцију предсједника Хрватске.
Сигуран сам да ће предсједник Хрватске Милановић својим богатим политичким искуством и знањем и у наредном периоду доносити одлуке у интересу мира, стабилности и даљег просперитета…
— Милорад Додик (@MiloradDodik) January 12, 2025
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик на социјалната мрежа Икс веднаш по објавувањето на нецелосните изборни резултати му ја честиташе победата на Милановиќ.
Лидерот на босанските Срби изјави дека е сигурен оти Милановиќ „со своето богато политичко искуство и знаење ќе продолжи да носи одлуки во интерес на мирот, стабилноста и натамошниот просперитет на Хрватска, но и дека овие одлуки ќе имаат позитивно влијание врз односите со Босна и Херцеговина“.
„Верувам дека тие ќе ја продолжат политиката на почитување на Дејтонскиот мировен договор и дека ќе продолжат да ги градат односите со конститутивните народи на Босна и Херцеговина врз овие принципи“, напиша Додик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

