Регион
За 72 часа, Санторини го погодија 39 земјотреси посилни од 4 степени според Рихтер, речиси 9.000 луѓе го напуштија островот
Сеизмичката бура на Санторини не престанува. Познатиот грчки остров во последните 72 часа го погодија дури 39 земјотреси посилни од четири степени според Рихтеровата скала.
Како што пренесува грчкиот портал „Прототема“, овој остров во Егејското Море го напуштиле околу 9.000 туристи и жители кои стравуваат дека овие земјотреси се увертира за катаклизмичен удар.
🫨🫣#Mundo | Decenas de seísmos siguen sacudiendo las islas griegas de Santorini y Amorgos, que se encuentran en estado de alerta.🔗⬇https://t.co/PlVGZRCbxB
— Vanguardia (@vanguardiacom) February 3, 2025
Претходно во понеделникот грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ги повика жителите на Санторини да останат смирени и „да ги слушаат упатствата на Цивилната заштита“.
„Мораме да управуваме со многу интензивен геолошки феномен. Побарав од ресорното министерство да изготви научен преглед на феноменот во следните неколку дена за сите да знаат со што се соочуваме“, рече тој.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија снимки од пренатрупани патишта кои водат до главното пристаниште каде што се закотвуваат фериботите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бугарија во нов изборен круг: Осми избори за пет години, Радев се смета за фаворит
Бугарите денес излегуваат на осми парламентарни избори во последните пет години, а се очекува коалицијата на поранешниот претседател Румен Радев да победи, поттикната од ветувањата за борба против корупцијата. Најсиромашната членка на Европската Унија е во политичка криза од 2021 година, кога масовните антикорупциски протести ја урнаа конзервативната влада на долгогодишниот лидер Бојко Борисов.
Радев, поранешен генерал на воздухопловството кој се залага за обновување на врските со Русија и ја критикува воената помош за Украина, девет години беше претседател на државата. Во јануари се повлече од функцијата за да ја предводи новоформираната левоцентристичка групација „Прогресивна Бугарија“, а анкетите пред гласањето покажуваат дека блокот би можел да освои околу 35 проценти од гласовите, пишува „Индекс“.
Тој изјави дека сака да ја ослободи земјата од „олигархискиот модел на управување“ и ги поддржа антикорупциските протести кон крајот на 2025 година, кои доведоа до пад на владата поддржана од конзервативците.
Партијата ГЕРБ на Борисов, која ја водеше и последната влада, според анкетите би можела да заврши на второто место со околу 20 проценти од гласовите, пред либералната коалиција ПП-ДБ. Гласачките места беа отворени во 7 часот по локално време, а се затвораат во 20 часот.
„Целта на Радев е Бугарија да има иднина. Дојдовме до точка кога ја доведуваме во прашање самата иднина на сопствената земја“, изјави Лазар Лазаров, 28-годишен професор по филозофија, за АФП на последниот предизборен митинг на Радев во Софија.
„Радев се докажа како претседател и државник. Тој е најприфатлив за ЕУ, САД, Русија, па дури и за Кина“, додаде тој.
Радев остро ја критикува политиката на ЕУ за зелена енергија, која во „свет без правила“ ја смета за наивна, како и напорите на Бугарија да испраќа оружје во Украина, која се бори против руската инвазија од 2022 година, иако нагласи дека нема да користи вето за блокирање на одлуките на Брисел.
Залагајќи се за обновување на врските со Русија, тој го осуди и десетгодишниот одбранбен договор меѓу Софија и Киев, потпишан минатиот месец, што дополнително ги засили обвинувањата на противниците дека е премногу благ кон Москва.
Поранешниот претседател предизвика реакции и кога на митинг прикажуваше фотографии од средби со светски лидери, вклучително и со рускиот претседател Владимир Путин. На социјалните мрежи, проевропските гласачи масовно ги споделуваа тие снимки како доказ дека Радев стои на страната на Кремљ.
На самиот настан, во најголемата затворена арена во Бугарија, неговите поддржувачи го пречекаа со овации, кои тој ги прекина со воена команда „на место одмор!“, предизвикувајќи смеа кај публиката.
„Мораме да ги збиеме редовите“, рече тој пред околу 10.000 поддржувачи, претставувајќи ја својата партија како некорумпирана „алтернатива на перверзниот картел на старите партии“.
Борисов, кој речиси една деценија ја водеше земјата, ги отфрли тврдењата дека Радев носи нешто „ново“. На митинг на својата партија изјави дека ГЕРБ „ги остварил соништата од 1990-тите“, посочувајќи го влезот на земјата во еврозоната како пример.
Радев вети дека по изборите нема да влезе во коалиција со ГЕРБ, ниту со Делјан Пеевски, лидер на ДПС, кој е под санкции од САД и Велика Британија поради корупција. Наместо тоа, рече дека цели кон апсолутно мнозинство во парламентот од 240 пратеници.
Ниската доверба во политиката досега влијаеше на излезноста, која на изборите во 2024 година падна на 39 проценти. Сепак, со оглед на тоа што Радев успеа да мобилизира дел од гласачите, аналитичарката Борјана Димитрова од институтот „Алфа Рисрч“ очекува поголема излезност.
Политичките партии ги повикаа граѓаните да излезат на гласање и со тоа да го намалат влијанието на купувањето гласови. Во последните недели полицијата, во засилени акции, заплени повеќе од еден милион евра и приведе стотици лица, меѓу кои и локални советници и градоначалници.
Регион
Израел ја користи војната за проширување на територијата, смета Турција
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан го обвини Израел дека ја користи војната на Блискиот Исток како изговор за проширување на територијата.
„Израел не сака само да ја обезбеди својата безбедност, туку сака уште територија. Владата на Нетанјаху ја користи безбедноста како изговор за окупација“, изјави Фидан на дипломатски форум во Анталија.
Според него, покрај палестинските територии, Израел се обидува да ја прошири својата доминација и кон делови од Либан и Сирија.
„Ова е континуирана окупација и експанзионизам. Ова мора да престане“, рече Фидан.
Тој додаде дека конфликтот на Блискиот Исток ги оттурнал во втор план напорите за решавање на војната меѓу Русија и Украина.
Регион
Почина еден од основачите на бендот „Дивље јагоде“
Еден од основачите на рок-групата „Дивље јагоде“, Нихад Јусуфходжиќ, почина во средата во Бихаќ.
Музичарот имаше 73-години, а во последните неколку месеци се лекувал во Кантоналната болница во Бихаќ. За него претходно биле организирани и акции за дарување крв.
Веста за неговата смрт потресе бројни колеги, а од него се прости и пејачот Анте Јанковиќ.
„Денес ме затекна вест која тешко се прифаќа. Замина мојот пријател Нихад Јусуфходжиќ, човек со кој не делев само сцена, туку и дел од животот низ ‘Дивље јагоде’. Заедно свиревме, се смеевме и минувавме низ сè што музиката и вистинското пријателство можат да донесат. Тие спомени засекогаш ќе останат со мене. Ти благодарам за сè што беше и што остави зад себе. Почивај во мир, пријателу“, напиша Јанковиќ на социјалните мрежи.
Јусуфходжиќ, заедно со Сеад Липовача и Јанковиќ, ја основал групата „Дивље јагоде“, со која учествувал во снимањето на првите четири сингл-плочи и дебитантскиот албум од 1978 година.
