Регион
Мило Ѓукановиќ избран за почесен лидер на ДПС

На 10 конгрес на црногорската Демократска партија на социјалистите (ДПС), што се одржа вчера во Подгорица, за почесен претседател беше избран поранешниот долгогодишен лидер на партијата Мило Ѓукановиќ.
Ѓукановиќ се повлече од функцијата претседател на партијата, која ја водеше од 1998 година, во април 2023 година, откако беше убедливо поразен на претседателските избори од актуелниот црногорски претседател Јаков Милатовиќ.
Потоа тој го препушти раководството на партијата на младите сили, предводени од претседателот на ДПС, Даниел Живковиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање по конгресот дали со именувањето на Ѓукановиќ за почесен претседател на ДПС е завршена реформата во партијата, Живковиќ рече дека мерката за реформи ја одредуваат граѓаните на избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трамп затвора 30 амбасади и конзулати, меѓу кои и тие во БиХ

Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да затвори речиси 30 амбасади и конзулати во странство како дел од значајната промена во дипломатското присуство на Америка во странство, според внатрешен документ на Стејт департментот, објави Си-Ен-Ен.
Во документот се препорачува затворање на 10 амбасади и 17 конзулати. Списокот ги вклучува амбасадите во Луксембург, Лесото, Република Конго, Централноафриканската Република и Јужен Судан, како и Малта. На списокот има и пет конзулати во Франција, два во Германија, два во Босна и Херцеговина, еден во Обединетото Кралство, еден во Јужна Африка и еден во Јужна Кореја.
Во случајот со Босна и Херцеговина, тоа се конзулати во Мостар и Бања Лука.
Во документот се предлага работите на затворените амбасади да ги покриваат филијали во соседните земји. Администрацијата на Трамп досега номинираше кандидати за амбасадори само за две амбасади кои се препорачани за затворање – Малта и Луксембург.
Амбасадите и конзулатите служат како важни пунктови за Стејт департментот. Тие обезбедуваат услуги како што се обработка на визи и помош за американските граѓани на кои им е потребна. Тие исто така собираат информации што се испраќаат до Вашингтон.
Регион
Осумгодишно момче падна од зграда во Сомбор

Осумгодишно момче паднало од четвртиот кат на зграда во Сомбор по што со тешки повреди било пренесено во болницата во Нови Сад.
Според информациите на регионалните медиуми, момчето родено 2017 година паднало од терасата на станот на четвртиот кат, најверојатно поради навалување, но ова, според написите, не е официјално потврдено.
„Детето паднало на лимениот покрив од зградата, кој се наоѓа на приземјето од зградата“, изјавил извор од истрагата.
Момчето, на кое му биле дијагностицирани тешки, животозагрозувачки повреди, по несреќата, веднаш било пренесено во здравствениот центар во Нови Сад.
Момчето е во многу сериозна општа состојба, пренесува „Блиц“. Сместено е на Институтот за здравствена заштита за деца и млади на Војводина, на одделот за интензивна нега на Детската хирургија.
Регион
Аљбин Курти поднесе оставка од функцијата премиер на Косово

Премиерот на Косово, Аљбин Курти, денес поднесе оставка од функцијата премиер, а својата одлука ја објави преку писмо испратено до Секретаријатот на Собранието на Косово.
Оставката следува по почетокот на постапката во рамките на конститутивната седница на деветтото свикување на косовскиот парламент, која се одржува во Собранието, каде што пратениците ќе положат заклетва и ќе изберат нов претседател на Собранието, како и потпретседатели.
Според законите на Република Косово, секој што ќе стане член на парламентот и претходно имал извршни функции во владата, како, што се, премиер, министри или заменик-министри, е должен да поднесе оставка од своите позиции за да го преземе парламентарниот мандат.
Курти му ја поднесе својата оставка на функцијата премиер на претседателот на Собранието и истакна дека неговата одлука е донесена за да може да положи заклетва како пратеник во новото свикување на Собранието на Косово.