Регион
Младо момче застрелано среде бел ден на семафор во Белград
На улицата Зрмањска на Баново Брдо дошло до пукање, во кое непознат напаѓач пукал во Дејан Г. (19) и побегнал.
Жителите на овој дел од градот велат дека се шокирани, а некои од нив дури и го виделе напаѓачот како бега.
„Не ми се верува дека некој застрела 19-годишно дете среде бел ден. Ужас. Ранетиот млад човек беше во автомобил на семафор, притрча некој и испука неколку куршуми кон него. Застреланиот почна да плаче и да вреска, не очекуваше дека некој ќе пука. Напаѓачот, како што слушнавме, веднаш почнал да бега со пиштолот во раката“, вели еден од жителите на овој крај.
Според друг жител, сè изгледало како филм.
„Како да е акционен филм, младиот човек чека да се вклучи семафорот, му приоѓа човек и пука, а потоа бега“, вели соговорникот за „Курир.рс“ и додава дека не е исклучена можноста за пресметка на навивачите бидејќи за неколку часа ќе почне и натпревар на Баново Брдо.
„Откога беше застрелан, младиот човек излезе од автомобилот целиот облеан во крв и побара помош“, вели сведокот.
На терен може да се забележат голем број припадници на полицијта.
Како што неофицијално дознава „Курир.рс“, напаѓачот е со голема градба и носел маслинесто-зелена јакна, црна тренирка и црни патики.
„Дејан наводно ѝ е познат на полицијата од порано, а се сомнева дека жртвата и напаѓачот се познавале. Исто така, постои сомневање дека напаѓачот побегнал во правец на улицата Пожешка“, раскажува неименуван соговорник за српскиот портал и додава дека младиот човек, кој бил застрелан, буквално излегол од автомобилот и почнал да ползи.
„Облеан во крв се обиде да излезе од автомобилот и почна да ползи, но падна и остана да лежи среде патот“, раскажал соговорникот.
Медиумот дознава дека напаѓачот не дејствувал сам. Наводно, во близина го чекал соучесник и кога напаѓачот ја завршил задачата, притрчал кај соучесникот и заедно побегнале.
Пред неколку дена се случил уште еден напад во близина на местото на денешната престрелка, но со нож.
„Се сомнева дека двата напада се поврзани и дека се работи за борба за територија. Неофицијално, станува збор за конфликт меѓу дилери за преземање на бизнисот бидејќи наводно главните дилери на тој простор биле уапсени пред неколку месеци“, објаснува соговорникот, пренесе „Курир.рс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.
Регион
Кипар го подигна нивото на тревога, училиштата се затворени
Кипар го подигна нивото на тревога по нападот со беспилотни летала врз британската воена база РАФ Акротири на островот. Властите ги затворија училиштата и спроведоа евакуации каде што е потребно, бидејќи земјата е вовлечена во ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Во утринското обраќање до нацијата, кипарскиот претседател Никос Христодулидес рече дека безбедноста на земјата е најголема грижа на неговата влада.
„Се наоѓаме во регион со исклучителна геополитичка нестабилност, со бројни предизвици и проблеми, кој во моментов поминува низ невидена криза. Правиме сè што е потребно, а безбедноста на нашата земја и граѓаните е наш врвен приоритет“, рече тој.
Тој нагласи дека Кипар, членката на ЕУ најблиску до Блискиот Исток и популарна туристичка дестинација, инсистира дека нема да се вклучи во никакви воени операции.
„Остануваме посветени на хуманитарната улога што ја имавме цело време – секогаш како дел од решението, а не како проблемот – и ќе продолжиме да дејствуваме со истото чувство на одговорност“, додаде Христодулидес.
Осврнувајќи се на нападот што се случи синоќа, ретседателот рече дека „дрон Шахед погодил воени објекти во британската база во Акротири и предизвикал мала материјална штета“.
Грчките медиуми објавија дека бил неутрализиран и втор борбен авион, кој Иран исто така го насочил кон британската база, оддалечена околу 960 километри.
фото/ЕПА
Регион
Над илјада лица протестираа во Атина против нападите врз Иран
Повеќе од илјада лица маршираа во неделата низ Атина до американската и израелската амбасада во знак на протест против нападите врз Иран. Според полицијата, на протестот учествувале над 1.300 демонстранти.
Протестот бил организиран претежно од поддржувачи на Комунистичката партија на Грција, кои носеле транспаренти со пораки „Рацете подалеку од Иран“ и „Затворете ја базата Суда“. Амбасадите на САД и Израел биле обезбедени со полициски кордони.
Συγκέντρωση στο πάρκο Ελευθερίας και πορεία προς την αμερικανική πρεσβεία πραγματοποίησαν εργατικά σωματεία και φορείς κατά των επιθέσεων των ΗΠΑ και Ισραήλ στο Ιράν.
🎥orange press#ingr #news #αθηνα #iran pic.twitter.com/q5IcH44kzk
— in.gr/news (@in_gr) March 1, 2026
Ден претходно, грчките власти ги засилиле безбедносните мерки во поморската база Суда на островот Крит, која ја користат САД како стратешка точка во источниот Медитеран.
Фото: ЕПА

