Регион
Никола и Марта исчезнаа на патот кон Грција: „По втората рампа повеќе не ги видовме“
Никола Стефановиќ (31) и Марта Илиќ (19) исчезнаа патувајќи на одмор во Грција, како што потврди за „Блиц“ Јелена Стојиљковиќ, ќерката на нивниот пријател, со кого го напуштиле Лесковац.
„Тие отидоа со нас во Грција, требаше да прстојуваме стан до стан на истото место. Никола е пријател на татко ми, го замолил да оди пред него, да го следи, не го знаел патот. Сè беше во ред низ Србија и Северна Македонија, влеговме во Грција“, вели Јелена Стојиљковиќ за „Блиц“.
Откако направиле пауза на бензинска пумпа во Грција, го продолжиле своето патување.
Кога стигнале до втората рампа на автопатот кон Олимпик бич, Никола и Марта исчезнале.
„Тато ги набљудуваше цело време во ретровизорот. По таа втора рампа, повеќе не ги видовме. Потоа тато доби порака од бројот на Никола „Брат, те молам јави ми се“, што и го стори. И тој и таа беа недостапни“, изјави Јелена за „Блиц“.
Како што истакна, Марта и Никола не контактирале со никого од вчера и сите се многу загрижени.
„Се надеваме дека се е добро и дека ќе се појават, сите сме многу загрижени за нив“, рече таа на крајот од интервјуто за „Блиц“.
Патем, судејќи според информациите објавени на Фејсбук страницата „Во живо од Грција“, автомобилот со кој Никола и Марта патувале во Грција е син металик опел со лесковачки регистарски таблички LE 164 LB.
Исчезнатиот Никола Стефановиќ живее во селото Богојевце во близина на Лесковац, а Марта Илиќ живее во селото Бунушки Чифлук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Следната година е многу важна, ќе ја одреди судбината на Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја оцени 2026 година како исклучително важна година поради изборите што ќе „ја одредат судбината на Србија“ и големите инвестиции планирани како дел од подготовките за изложбата ЕКСПО 2027, пишува „n1info.rs“.
Вучиќ изрази надеж дека граѓаните ќе „судат според постапките“ кога гласаат и ќе дадат поддршка на Српската напредна партија.
„Донесете ја одлуката со ладна глава и рационално. Погледнете што е направено, разгледајте ги плановите, програмите и луѓето кои се способни да спроведат нешто или не се способни“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека за него е важно што знае колку народот дал за да ја спаси земјата.
„Знам колку разбравте дека вашата земја е загрозена и колку сакавте да помогнете, и затоа сум ви бескрајно благодарен. Благодарение на вас и вашата сила, успеавме да се бориме, успеавме да ја одбраниме и зачуваме Србија и сега само гледаме како Србија може да продолжи напред. Ви благодарам за вашата поддршка“, рече тој.
Фото: депозитфотос
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos

