Регион
Нова рунда разговори меѓу Грција и Турција во НАТО, Столтенберг се надева на решавање на проблемите
Турската и грчката воена делегација денеска ќе го одржат шестиот круг технички разговори во седиштето на НАТО во Брисел за да разговараат за источен Медитеран, соопшти турското Министерство за национална одбрана, пренесува „Анадолија“.
Разговорите, чија цел е да се намали ризикот од инцидент во услови на зголемени тензии во источен Медитеран, беа испланирани по состанокот меѓу претседателот Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Столтенберг денеска изјави дека дека техничките воени преговори меѓу Турција и Грција, предводени од НАТО, може да помогнат во решавање на основните проблеми меѓу двата сојузника.
Тој посочи дека НАТО е загрижен во врска со тензиите меѓу двата НАТО-сојузника додавајќи дека презеле иницијатива да ги обединат двата високоценети сојузници да седнат и да разгледаат како може да ги развијат воените механизми за деконфликција.
„Ова е во врска со тоа како да се осигуриме дека бродовите и авионите ја држат потребната оддалеченост и се однесуваат на одговорен начин. Значи, спречуваме, т.е. избегнуваме инциденти и несреќи. И секогаш постојат ризици кога имате толку многу бродови на исто место на истата територија, како што видовме во источен Медитеран“, рече тој.
Столтенберг исто така рече дека неговите неодамнешни разговори со грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, и со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, довеле до почеток на техничките воени разговори.
„Се надевам дека ако можеме да најдеме решение, да ги воспоставиме овие механизми, тогаш тоа може да помогне во поддршката на напорите предводени од Германија за олеснување на разговорите за основниот проблем“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Фото) Женско тело пронајдено во замрзнувач во Србија, се трага по нејзиниот партнер
43-годишниот Далибор Демировиќ ја убил својата 36-годишна партнерка Катарина Глигоријевиќ во селото Печењевце во близина на Лесковац во јужна Србија, ноќта од понеделник кон вторник.
Вишото јавно обвинителство во Лесковац соопшти дека осомничениот за убиството е во бегство. Телото на жртвата е пронајдено вчера во замрзнувач.
Демираовиќ носел електронска нараквица бидејќи бил осуден на домашен притвор за спречување на службено лице во вршење на службена должност. Тој нападнал полицаец фрлајќи ограда од тераса кон него. Се претпоставува дека по убиството, ја извадил електронската нараквица и со црвен автомобил се одвезол во непознат правец, пишува српски Телеграф.

Соседите за српските медиуми изјавиле дека односот меѓу Демировиќ и Глигоријевиќ бил исклучително проблематичен. „Тие биле во токсична врска изминатата година. Таа одеше и доаѓаше кај него. Имаа многу турбулентна врска“, рекле мештаните.
Непотврдените информации сугерираат дека немало очигледни повреди на телото на жртвата, па затоа се сомнева дека се задушила. Телото наводно го пронашол синот на убиецот од неговиот прв брак, кој потоа го известил братот на убиецот, кој ја повикал полицијата.
Полицијата започнала интензивна потрага, во која се вклучени и бројни мештани. Мајката и таткото на убиецот се во куќата на убиецот, а полицијата ги чува бидејќи, како што велат, се плашат дека би можеле да бидат следната цел на нивниот син.
Регион
Силен земјотрес во Грција, почувствуван и во Бугарија: „На 5-ти кат сме, се тресевме околу 10 секунди“
Земјотрес со магнитуда од 4,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди Грција во 8:16 часот наутро, а беше почувствуван и во Бугарија.
Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот се наоѓал на 12 километри западно од Ксанти во Грција.
Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 7 километри под површината на земјата.
Земјотресот беше добро почувствуван во Кавала, а граѓаните на Пловдив и другите бугарски градови исто така велат дека го почувствувале потресот.
„На 5-ти кат сме, добро се тресевме околу 10 секунди“, „Навистина се почувствува кај нас“, „Во Софија сме, почувствувавме мало тресење на земјата“, сведочеа жителите на бројни градови во Бугарија.
Грците велат дека го почувствувале земјотресот и на островот Тасос.
„Се тресеше во Лименарија“, „Кавала, се тресеше добро“, сведочат луѓе.
Досега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат ситуацијата.
Регион
(Видео) Бројот на загинати во Тузла се зголемува, 35 повредени, со месеци имало предупредувања за Домот
Според најновите официјални информации, вкупно 11 лица загинаа во пожарот што синоќа зафати дел од зградата на Домот за стари лица во Тузла, додека 35 лица побараа медицинска помош во Универзитетскиот клинички центар во Тузла.
Седмиот кат од Домот за стари лица беше зафатен од голем пожар синоќа, а градоначалникот на Тузла, Зијад Лугавиќ, потврди за „Кликс.ба“ дека 11 лица загинале, додека 35 побарале медицинска помош, пренесе Индекс.
Според информациите со кои располага Кликс, меѓу загинатите имало жители на домот кои биле на седмиот кат од зградата. Станува збор за неподвижни лица со сериозно нарушено здравје.
Лугавиќ рече дека меѓу повредените кои побарале медицинска помош има жители и вработени во домот, како и полицајци, пожарникари и медицински техничари. Според неофицијални информации, тројца од повредените се во критична состојба.
Зградата на Домот за стари лица ја обезбедуваат утрово припадници на Полициската управа на Министерството за внатрешни работи на Тузланскиот кантон. Според претходните информации, жителите се наоѓаат на обезбедените катови од зградата, во делот што не бил зафатен од пожарот.
Зошто најранливите беа на највисоките катови?
Со години се даваа предупредувања за овој дом, но никој ништо не презеде Трагедијата е дополнително продлабочена од шокантниот факт дека најранливите корисници – лица со деменција и тешки форми на рак – беа сместени на повисоките катови, каде што избувна пожарот, пишува „Кликс“.
Јавноста го поставува прашањето кој и врз основа на која логика ја донел одлуката да ги смести тешко болните лица на петтиот, шестиот и седмиот кат од зградата, што драстично ги намали нивните шанси за евакуација.
Корисниците на домот и нивните семејства, како и некои политичари во Тузла, со години предупредуваат за лошите услови во Домот за пензионери, но властите останаа глуви на нивните апели и предупредувања.
И покрај предупредувањата за лошите услови, администрацијата предводена од директорот Мирсад Бакаловиќ (СДП) во јануари донесе одлука да ја зголеми цената на сместувањето за дури 30 проценти.
Пред помалку од два месеци, советничката на Нашата партија во Градскиот совет на Тузла, Драгана Гагро Берберовиќ, го привлече вниманието на јавноста кон условите во кои живеат корисниците на Домот за стари лица во Тузла. Објавеното видео и фотографии ја вознемирија јавноста, а раководството на Домот покрена постапка против Гагро Берберовиќ.
„Администрацијата имаше повеќе од доволно време да ја подобри ситуацијата и со тоа да спречи повиците за достоинствен живот и работа да стигнат до политичарите и целата јавност“, предупреди тогаш Нашата партија.
Тогаш тие истакнаа дека посочувањето на влагата, нередот, лошиот квалитет на храната, мобингот, навредите и незадоволството на корисниците не се медиумска сензација, туку прашања за достоинство и човекови права.
„Дали ова е достојно за старост?“
„Она што го гледам е влага, неред и „оброци“ од две кришки леб и една лажица крем – тоа не е храна, тоа е понижување! Не ми треба никој да ме убеди дека царот е гол за ова. Го разгледав и менито на објектот, сè е како што пишува, но она што е напишано и она што е вистинско – не е исто, ниту пак количината е доволна. За таа цена, и храната и условите мора да бидат подобри. Корисниците и старателите пријавуваат мобинг, лоши услови и некомпетентно управување, а мобингот и пцовките се јасно видливи во видеото.
Иако лидерските позиции често се поделени по партиски линии и фаворизираат поединци, тие поединци мора да бидат способни да управуваат со јавното добро. Ако не го сторат тоа – штета е за сите нас кои имаме можност јавно да ги посочиме и отстраниме недостатоците. Се надевам дека ќе се најде решение за ова. Верувам во новата градска администрација, тие покажаа дека сакаат подобрувања и промени. Не смееме да молчиме – ова е прашање на достоинството на нашите постари лица и вработени на кои ние граѓаните сме работодавци“, рече советничката.
Исто така, треба да се напомене дека видеа од несоодветно однесување на персоналот кон корисниците на домот претходно беа објавени на социјалните мрежи.
Истрагата ќе покаже што го предизвикало пожарот и дали некој потфрлил во синџирот на одговорност.

