Регион
Објавени сликите на 18 трагично загинати во поплавите во Јабланица, БиХ
Бројот на загинатите во поплавите и свлечиштата во Босна и Херцеговина се искачи на 25.
Четворица загинати во Коњиќ, тројца во Фојница, а убедливо најмногу – 18 во Долна Јабланица. Ова не е конечната бројка на загинати бидејќи се уште е активна потрагата по две исчезнати лица, еден од Коњиќ, еден од Јабланица.
Колективниот погреб за настраданите од поплавите на подрачјето на Долна Јабланица ќе се одржи во вторник на 15 октомври во 14 часот, пренесуваат босанските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Месар вршел злоупотреба и тортура врз животни, па продавал штетно месо на граѓаните во Смедерево
Полицијата, УКП, Службата за сузбивање на криминалот, Полициското одделение во Смедерево и Ветеринарната управа, во соработка со основните јавни обвинителства во Смедерево и Велика Плана и Основниот суд во Велика Плана, извршија претрес во станот и другите простории што ги користеше Н.Ј.(46) од Велика Плана, поради постоење основи на сомнение дека сторил казнени дела изработување и пуштање во промет штетни производи, убивање и злоупотреба на животни и неовластено вршење на одредени активности.
Во нерегистрирана кланица, во помошните простории од неговата куќа, во контаминирани, нехигиенски и несоодветни услови, пријавениот колел и преработувал животинско месо и правел месни производи, кои потоа ги продавал во својата месарница во Смедерево, која се наоѓала во близина на училиште. Тој без документација за потекло и задолжителна ветеринарна инспекција извршувал и услуга за печење месо, продажба на месо и месни производи.
Во дивата кланица во Велика Плана при претрес биле пронајдени околу 1.300 килограми месо и 51 жива свиња, без ветеринарен надзор, хранети во нехумани услови, додека во месарницата во Смедерево биле пронајдени околу 50 килограми месо на скара, кое било ставено под контрола на Ветеринарната управа.
Со оваа ефективна акција на полицијата беше пресечен уште еден синџир на злоупотреба и тортура врз животни, производство и пуштање во промет штетни производи и неовластено ангажирање во одредени активности. На осомничениот му е одредена мерка притвор до 48 часа, по што со кривична пријава ќе биде изведен кај основниот јавен обвинител во Велика Плана, пренесуваат медиумите.
Полицијата продолжува интензивно да работи на спречување и откривање на кривични дела од областа на еколошкиот криминал, по принципот на нулта толеранција и апелира граѓаните да ги пријават сите случаи на еколошки криминал.
Регион
„Сè додека сум претседател, хрватски војник нема да води туѓи војни“: Милановиќ за дебатата во НАТО за Украина
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, денеска, по повод обновените дискусии во НАТО за можното испраќање војници во Украина, изјави дека додека тој е претседател, хрватскиот војник нема да води туѓи војни.
„Хрватски војник нема да води туѓи војни. Додека сме сведоци на глобални промени и конфликти, кои може да имаат непроценливо влијание врз светскиот мир и поредок, повторно почнуваат дискусии за можно заминување војници од одделни членки на НАТО во Украина“, напиша Милановиќ на својот официјален профил на „Фејсбук“.
Тој рече дека додека е претседател, ќе ја држи Хрватска надвор од вакви конфликти.
„Хрватска нема да спроведува туѓи одлуки без размислување и следење наредби, туку ќе биде внимателна и ќе се грижи за сопствениот интерес, постојано ќе го доведува во прашање она што се случува околу нас, но ќе биде искрена и лојална на оние со кои потпиша сојуз“, рече Милановиќ.
Регион
Маж паднал во отвор од лифт во Србија
Утрово, околу 10.30 часот. се случи тешка несреќа во Нови Пазар. во која животот го загуби 21-годишен млад човек, јавуваат српските медиуми. Според првичните информации, младиот човек бил работник на градилиштето на зграда.
Несреќата се случила при изведување работи кога младиот човек од засега непознати причини паднал од височина.
Како што пренесува „Информер“, младиот човек паднал во отворот на лифтот на зградата во изградба.
На местото на настанот веднаш пристигнале екипи на итната помош, но лекарите можеле само да констатираат смрт на работникот.
Полицијата набргу пристигнала на местото на несреќата и почнала увид, а работите на градилиштето биле прекинати. Сè уште се чекаат официјални информации за околностите на оваа трагедија, наведува медиумот.
Трудовата инспекција е вклучена во истрагата за да се утврди дали на градилиштето се запазени сите законски безбедносни мерки.