Регион
Пецас: Благодарение на зрелоста на повеќето Грци, бројот на новoзаболени во земјата се стабилизира

Портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас, оцени дека земјата е во критична фаза во борбата против коронавирусот.
Toj изјави дека грчкиот народ треба сериозно да го сфати примерот со другите земји.
Пецас ја посочи Франција како напредна европска земја која има шест пати повеќе жители отколку Грција, а во која во моментов има повеќе од 10.000 новозаболени на ден.
Тој кажа дека тоа пропорционално би било како да има 1.600 нови случаи на ден во Грција, пренесува АНА.
„Благодарение на мерките и личната одговорност и колективната зрелост на повеќето Грци, бројот на нови случаи во нашата земја се стабилизира на 300 на ден. Споредбата со Франција, но и со другите европски земји со слично население покажува дека Грција сè уште се бори против пандемијата подобро од другите земји, како во однос на бројот на заразени, така и според бројот на смртни случаи“, рече Пецас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Мајка се обидела да го задуши своето 8-месечно бебе со перница во болница во Бања Лука

20-годишна мајка се обидела да го задуши своето осуммесечно бебе со перница во Универзитетскиот клинички центар во Бања Лука. Мајката била уапсена, а бебето, кое претходно имало здравствени проблеми, било спасено во последен момент.
Кликс.ба неофицијално дознава дека дваесетгодишната девојка имала психички проблеми.
„Вршителот на должноста обвинител на Окружното јавно обвинителство во Бања Лука, по сослушувањето на осомничената В. П., родена во 2005 година, на 18.06.2025 година поднесе предлог за определување мерка притвор до Окружниот суд во Бања Лука, поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело Тешко убиство во обид на штета на дете.
Обвинителот поднесе предлог за определување мерка притвор поради постоење на посебни околности што го оправдуваат стравот дека осомничената ќе го доврши обидот за кривично дело“, соопшти Окружното јавно обвинителство.
Судијата на Окружниот суд во Бања Лука ќе одлучи дали на 20-годишната девојка ќе ѝ биде одреден притвор.
Регион
Укинат притворот за петмина осомничени за смртта на 16 лица на железничката станица во Нови Сад

Апелациониот суд во Нови Сад го укина притворот на петмина осомничени во истрагата за фаталното уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 16 лица, објави судот.
Судот донесе одлука со која делумно ги прифати жалбите на адвокатите на обвинетите во кривичната постапка во врска со трагедијата во Нови Сад, која предизвика бран повеќемесечни протести и обвинувања за корупција и лошо извршување на работите за неодамнешната реконструкција на станицата.
Меѓу првично уапсените, судот веќе претходно го укина притворот на поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ, а со нова измена на одлуката, уште петмина обвинети беа ослободени од притвор, против кои ќе се примени електронски надзор и тримесечна забрана за напуштање на станот, како и забрана за користење на телефон, интернет и прием на други лица во станот.
Кон крајот на минатата година, беше поднесено обвинение против 13 лица, но судот го врати на понатамошна истрага.
Меѓу обвинетите се поранешната вд директорка на Српската железничка инфраструктура Јелена Танасковиќ, поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димовски, како и поранешниот генерален директор на Српската железничка инфраструктура Небојша Шурлан.
Тие се обвинети за кривични дела против јавната безбедност и предизвикување јавна опасност. Во обвинението се товарат и неколку инженери, проектанти и лица одговорни за изградба, контрола и надзор.
Регион
Индискиот премиер пристигна во историска посета на Хрватска

Индискиот премиер Нарендра Моди слета во Загреб, каде што ќе се сретне со својот хрватски колега Андреј Пленковиќ попладне и со претседателот Зоран Милановиќ навечер. Ова е прва посета на индиски премиер на Хрватска.
„Индија е еден од најважните партнери на Хрватска во Азија. Ова е историска, прва посета на индиски премиер. Тоа е најнаселената земја во светот, (со) 1,44 милијарди жители“, рече Пленковиќ на владина седница.
Тој ги опиша билатералните односи меѓу двете земји како добри и во „фаза на подем“, додавајќи дека Моди доаѓа во Хрватска по самитот на Г7 во Канада на негова покана. Се очекува претставниците на двете земји да потпишат голем број меморандуми и билатерални договори во различни области, вклучувајќи земјоделство, култура и образование.
„Двете наши земји уживаат вековно стари блиски културни врски. Бидејќи ова е прва посета на индиски премиер на Хрватска, тоа ќе отвори нови патишта за билатерална соработка во области од заеднички интерес“, напиша Моди на социјалната платформа Икс.