Регион
Почнаа изборите во Хрватска, за место во парламентот се борат 2.700 кандидати
Во Хрватска, од 7 часот утрово беа отворени избирачките места за 10. парламентарни избори од независноста на земјата, на кои учествуваат 192 листи со 2.700 кандидати.
На изборите во Хрватска право на глас имаат 3,86 милиони избирачи, кои во Хрватска и во странство ќе гласаат на околу 7.000 избирачки места.
Гласањето ќе заврши во 19 часот, а Државната изборна комисија (ДИП) ќе започне со објавување на првите неофицијални резултати од 21 часот.
Хрватскиот парламент брои 151 член, а главната битка за места ќе биде помеѓу листите на сега владеачката ХДЗ на премиерот Андреј Пленковиќ и СДП предводена од Давор Бернардиќ, додека во предизборните анкети третото место го зазема Домашното движење на Мирослав Шкорo.
Во 10 изборни единици во Хрватска се бираат по 14, дијаспората бира три, а припадниците на малцинствата осум члена на парламентот.
На кандидатските листи има 41 отсто жени, а просечната возраст на кандидатите е 48,6 години.
Изборите ги следат скоро 8.700 набљудувачи, а околу 75.000 луѓе се ангажирани во спроведувањето на изборите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Четири деца пронајдени без свест во спалните соби, едното починало од труење со гас: трагедија во Грција
Едно дете почина, а три се во тешка состојба по истекување на гас во семејна куќа во Ксанти, Грција.
Според медиумите, 16-годишно момче го загубило животот, две од неговите сестри биле интубирани, додека третата сестра исто така е во тешка состојба.
Децата утрово биле пронајдени во куќата без свест. Според медиумите, родителите спиеле во горната соба, додека децата биле на приземје. Кога утрово мајката се симнала, забележала дека ниту едно од децата не се движи и веднаш повикала брза помош.
Не многу долго откако сите биле префрлени во болница, лекарите можеле само да констатираат смрт на момчето. Неговите три сестри на возраст од 15, 18 и 20 години се во исклучително тешка состојба, според написите.
Во болница се хоспитализирани и таткото и мајката, но според грчките медиуми не биле забележани здравствени проблеми.
На трагедијата наводно им претходело поставување на резервоар за плин од надворешната страна на куќата. Се уште не е познато како дошло до истекувањето на гасот.
Регион
Вучиќ: Ќе продолжиме да се вооружуваме за да не се повтори ниту 1995 ниту 1999 година
„Ние не ја гледаме Хрватска како непријател, но сериозно се вооружуваме и ќе продолжиме да го правиме тоа за да не се повторат 1995 и 1999 година“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Согласно промената на доктрината на српската армија, ние мора да бидеме посилни од значаен дел од нашите соседи заедно“, изјави Вучиќ на ТВ Пинк.
Посочувајќи дека армијата „силно, брзо, ефикасно и сериозно“ се вооружува, Вучиќ рече дека тоа ќе продолжи за „да не се повтори ниту 1995, ниту 1999 или многу други години“.
„Нема да нападнеме никого, но никој да не помисли повторно да изврши агресија врз нашата земја“, рече Вучиќ.
Вучиќ признава дека Хрватска е поразвиена земја, но тврди дека Србија расте многу побрзо од нејзиниот западен сосед и дека оваа разлика се намалува.
Регион
Драма во Зеница: маж осуден за воени злосторства дошол во полициска станица и се заканувал со бомба
Голема драма се одвивала утрово во Зеница кога маж извадил рачна бомба откога се дознало дека е осуден за воени злосторства.
Според медиумите, Д. Х. (56) од Зеница престојувал околу осум часа во просториите на полициската станица за да ги оствари своите права.
„Од извршените проверки е утврдено дека тој се бара од страна на Општинскиот суд Зеница за издржување затворска казна бидејќи е осуден за воено злосторство“, изјави Самир Валентиќ, портпарол на МВР.
При обидот за апсење извадил рачна бомба и им се заканувал на полицајците.
„Потоа се оддалечил од просториите на полициската станица. Со брза интервенција на полициски службеници бил лоциран, лишен од слобода и спроведен во службени простории. За ова била известена и судската полиција. Лицето ќе биде предадено во полиција, која ќе го одведе на издржување на казната. Делата што ги извршил утрово ќе бидат документирани од полициските службеници од Одделот за криминалистичка полиција“, додаде Валентиќ.