Регион
Преглед на состојбата во регионот: Албанија со нов рекорд на новозаразени, во Косово уште 13 починати
Преглед на состојбата со коронавирус во регионот во последното деноноќие.
Нов рекорд на новозаболени во Албанија
Откако Албанија вчера регистрираше рекордни 120 новозаразени, што е најмногу од почетокот на пандемијата, денеска забележан е нов рекорд. Имено, во последните 24 часа во земјата, потврдени се 123 нови случа, а починале пет пациенти, на возраст од 47 до 72 години, тројца од Скадар и двајца од Тирана.
Од последно потврдените нови случаи половина се од Тирана, каде се и половина од активните случаи или 1.285 лица.
Во Косово уште 13 починати и 245 заболени
Пораст на бројот на заболени и починати е регистриран и во Косово. Денеска во земјата има 245 новозаразени, што е за 9 повеќе од вчера, а зголемен е и бројот на смртни случаи од 10 на 13.
Вкупно, од почетокот на епидемијата, во земјата се регистрирани 8.799 заразени. Излекувани се 4.863 лица, а активно заразени се 3.687.
Србија со помалку случаи на новозаразени во споредба со вчера
Според најновите податоци во Србија уште осум пациенти ја загубиле битката со ковид-19.
Потврдени се 311 новозаразени, што е помалку од вчера кога имаше 330.
Голем пад на бројот на новозаразени во Бугарија во споредба до вчера
Во Бугарија во изминатите 24 часа се потврдени 146 нови случаи на коронавирус од извршени 3.955 тестови. Во земјата вчера беа потврдени 270 новозаболени.
Вкупниот број од почетокот на пандемијата е 11.836 лица, во моментот активни се 5.055 од случаите.
Хоспитализирани се вкупно 793 лица, од кои 43 во одделенија за интензивна нега. Излечени се 6.396 од кои 77 во последните 24 часа.
Две лица починаа, со што вкупниот број жртви достигна 385.
Во Грција 75 новозаболени
Грчките здравствени власти вечерва објавија 75 нови случаи на коронавирус и 2 смртни случаи во последните 24 часа.
Вкупниот број случаи се искачи на 4.662, со 208 смртни случаи.
Денешните податоци се помалку алармантни од вчерашните, кога беа регистрирани 110 новозаболени.
60 новозаразени во Црна Гора
Во последните 24 часа во Црна Гора биле потврдени 60 нови случаи на коронавирус врз основа на 431 тестирани примероци, а едно лице починало, соопшти Институтот за јавно здравје.
Половина од новозаразените се од Подгорица.
Вкупниот број на активни случаи во Црна Гора во моментов е 1.762 лица. Од почетокот на пандемијата, вкупниот број регистрирани случаи на инфекција со новиот коронавирус к 3.258.
Вкупниот број на смртни случаи поврзани со ковид-19 од почетокот на јуни е 42, а од почетокот на годината 51.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

