Регион
Ранетата наставничка раскажа сè што се случувало на денот на масакрот во Србија: „Се плашам и кога гледам оружје на филм“

Во Вишиот суд во Белград денеска почна судењето на Владимир и Милјана Кецмановиќ, родителите на момчето што пукаше во училиштето „Владислав Рибникар“, по тужба на наставничката по историја Татјана Стевановиќ. Во јуни претходно се одржа прелиминарно рочиште. Стевановиќ на денешното рочиште раскажа како за многумина изгледал кобниот 3 мај.
Иако на прелиминарното рочиште рече дека Стевановиќ побарала изземање на јавноста, адвокатот Стефан Радивојевиќ денеска изјави дека остава на судот да оцени дали е неопходно изземањето на јавноста, а одлуката на судот беше расправата да биде отворена.
Стевановиќ рече дека 3 мај почнал како и секој друг ден, дека повеќето од децата дошле на училиште на фотографирање, „дури и оние што одамна не доаѓале“. Таа го почнувала својот час по историја кога слушнала звук на пукање во училиште.
„Мислев дека непослушните осмоодделенци фрлаат петарди. Втората мисла ми беше дека Драган (убиениот чувар) е тука, дека ќе го реши проблемот. Тој звук продолжи да се слуша. Беше морничаво. Во еден момент сите бевме замрзнати, како хипнотизирани. Ништо не се слушна, а потоа одекна вресок во ходникот“, рече таа.
Токму кога помислила дека звукот што го слушнала можеби и не се петарди, вратата наеднаш се отворила. Немала време ниту да се сврти, била погодена во стомакот и паднала.
„Слушнав пукање во училницата, но бев на подот. Се онесвестив. Кога се разбудив, рацете ми беа крвави. До мене лежеше едно момче, беше бледо, неподвижно. Едно дете дојде кај мене да се скрие, го прегрнав. Настана тишина, а потоа дојде наставникот по географија, праша што се случило, а едното дете одговори дека пукал К. К.“
Таа истакна дека не можела да разбере оти сево ова е возможно. Се чинело дека сè траеше многу долго, а подоцна слушнала дека во прашање биле само две минути. Полицијата пристигнала во училницата, го почувствувале нејзиниот пулс. Тогаш, како што рече, сфатила дека не е добро, пренесе „Телеграф“.
Како што опишала, еден куршум ја погодил во стомакот од левата страна, пропуштил само еден милиметар за да ја погоди стомачната артерија.
„Левата нога не ми фукнционира, нервот беше оштетен. Лекарите го извадиле куршумот, но не знаеле дали веднаш да ми го оперираат колкот. Сега е добро, но рекоа дека колкот побргу ќе се влоши. Имав прострелни рани на двете раце. Имам плочка во десната подлактница, лекарите рекоа дека коската е како каша. Нервите на левата рака ми се скинати, не ја чувствувам раката“, изјави Стевановиќ.
Наставничката по историја изјавила дека поминала осум месеци во болница, а шест месеци била неподвижна. Таа истакна и дека поради оштетување на нервите, не може да ја почувствува левата нога под коленото.
„Имаше пет проценти шанси нервот да се врати во функција. Имав среќа што успеа благодарение на терапијата, семејството и мојата желба да закрепнам. Еден-два месеца бев без функцијата на рацете“, додаде таа.
Стевановиќ изјави дека на почетокот не чувствувала страв бидејќи не разбрала што се случило. Кога била погодена, изгубила воздух и паднала, била во шок, не можела да разбере што се случило. Стравот се развил подоцна.
„Во болницата не сакаа да ми кажат сè. Знаев дека Драган е убиен, а потоа полека ми ги кажуваа имињата на децата едно по едно. Морав да направам уште една операција. Тогаш почувствував страв. Сè може да се смени преку ноќ“, изјави наставничката по историја.
Има лузни на рацете, на градите и на стомакот. Таа е несигурна во чекорот бидејќи не ја чувствува левата нога.
„Секој ден чувствувам страв. Се повлекувам ако има огномет, во ненадејни ситуации, кога гледам оружје на филм. Се вознемирувам“, додаде таа.
Истакнала и дека К. К. бил примерно дете и добар ученик и дека немала потреба да им се јавува на родителите, кои не ги ни познавала.
Правниот застапник на брачната двојка Кецмановиќ, Марина Ивеља, предложи прекинување на граѓанската постапка затоа што, меѓу другото, Кецмановиќ се тужени за запуштање и запоставување дете, што довело до смртен исход, а таа истакна дека обвинението е поведено за ова конкретно кривично дело во кривичната постапка и побара да се чека исходот од кривичната постапка.
Адвокатот на оштетената посочи дека граѓанско-правната одговорност е многу поширока од кривично-правната одговорност и се спротивстави на предлогот на Ивеља. Судот го одби предлогот за запирање на постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Полицијата приведе 79 демонстранти во Србија вклучувајќи и универзитетски професор

Речиси 80 демонстранти беа приведени вклучувајќи и еден универзитетски професор, а неколку лица беа повредени вчеравечер кога полицијата интервенира разбивајќи ги блокадите поставени во акции на сè помасовната граѓанска непослушност, на која повикаа студентите, по антивладиниот митинг на 28 јуни.
Студентите ја обвинија полицијата за брутален напад врз мирни демонстранти, кои седеа на раскрсница пред Правниот факултет, и за кршење на автономијата на универзитетот со обид за упад на Факултетот, тврдење што Министерството за внатрешни работи категорично го негира. Полицијата само во оваа операција привела 23 лица.
Според објавите на социјалните мрежи, приведена е и универзитетската професорка и активистка за човекови права, Билјана Стојковиќ.
Во ново соопштение во четвртокот наутро Министерството за внатрешни работи објави дека синоќа ги проверило идентитетите на вкупно 1.297 лица на терен, а 79 од нив се приведени – 72 за помали прекршоци и седум за кривични дела.
Сите блокади на територијата на Србија и во Белград се отстранети и сите патишта се проодни, додаде Министерството за внатрешни работи.
За денес се најавени акции на граѓанска непослушност во неколку градови.
Регион
(Фото) Масовна евакуација на туристи поради пожар на Крит

Голем пожар во Грција продолжува да беснее во источниот дел од островот Крит, откако избувна вчера попладне во тешко пристапна шумска област во близина на општината Иерапетра.
Пожарот го поттикнуваат ветрови со сила на ураган што достигнуваат до ниво осум степени според Бофортовата скала, што предизвикува брзо ширење кон југ и закана за станбени згради, туристички сместувачки капацитети и клучна инфраструктура, вклучително и бензинска пумпа.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Според службите за итни случаи, пожарот во моментов се шири на најмалку 6 километри, што го отежнува неговото локализирање. Густ чад зафатил поширока област, а видливоста на некои места е намалена на речиси нула.
Чадот се проширил дури до плажата Макри Гиалос, каде што пожарникарите се обидуваат да го локализираат пожарот.

A wildfire at Ierapetra, on Crete island, Greece, 02 July 2025. A large wildfire erupted in the afternoon in an agro-forested area in eastern Crete, at the Ahlia site in Lasithi prefecture, with authorities later issuing an alert to local residents to evacuate towards Ierapetra. A total of 155 firefighters were dispatched to the scene, operating 38 vehicles, while two water-dropping aircraft assisted. EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Главниот пат во близина на населбата Агиа Фотија беше затворен за сообраќај, а полицијата ги повика жителите и туристите да избегнуваат секакви непотребни патувања поради исклучително лошиот квалитет на воздухот, екстремната топлина и пепелта што паѓа од небото.
Локалните извори наведуваат дека областа Агиа Фотија останала без електрична енергија. Најмалку четири постари лица беа однесени во болница со проблеми со дишењето предизвикани од вдишување чад.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Здравствените власти ги ставија сите болници на Крит во состојба на готовност. Властите наредија масовна евакуација на хотели, приватни сместувања и домови во општина Ферма, бидејќи пожарот се приближува кон областа. Операцијата се спроведува со поддршка на пожарникари, полиција и локални волонтери.
Досега, околу 1.500 луѓе се евакуирани од околните села и туристички области и однесени во Иерапетра. Околу 200 од нив се привремено сместени во градската спортска сала.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Противпожарните сили се значително засилени. До среда вечерта, на местото на настанот беа 155 пожарникари, осум специјализирани пешадиски екипи и 38 противпожарни возила.
До зајдисонце, четири хеликоптери фрлаа вода врз пожарот. Локалните општински власти, исто така, распоредија цистерни за вода и тешка механизација.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Дополнителни сили се на пат – уште 17 пожарникари, една пешадиска екипа и пет возила доаѓаат од Пиреја, а уште 33 пожарникари и четири дополнителни екипи на EMODE од Елефсина.
Пожарот, кој избувна помеѓу Агија Фотија и селото Скинокапсала, се шири низ густа, запалива вегетација. Сувите услови, стрмниот терен и силните ветрови го отежнуваат гаснењето.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Порано оваа недела, повеќе од 50.000 луѓе во Турција беа евакуирани поради пожар во Измир, а најмалку шест лица загинаа како резултат на топлотниот бран што ја погодува Европа – вклучително и Шпанија, Италија и Франција.
Регион
Вучиќ: Реков дека нема помилување и се чувствував лошо, ова се наши деца

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека можеби ќе помилува некои од уапсените студенти, иако пред неколку дена изјави дека нема да го стори тоа.
„Размислував за тоа пред неколку дена. Реков дека нема да има помилувања и се чувствував лошо. Ова се наши деца, можам да им помогнам. Можам да одам подалеку од мојот збор за да ги спасам животите на другите, бидејќи така како што размислуваат, нема да можат да најдат работа никаде. Ќе им остане дамка до крајот на животот“, рече Вучиќ, според Нова.рс.
Тој нагласи дека е претседател и на оние луѓе кои велат дека тој е дилер на дрога и дека неговиот татко не е негов татко. „Јас морам да се грижам за нив“, забележа тој, додавајќи дека тие паднале под влијание на „пропагандната телевизија на криминалец“.
Вучиќ се обрати во неделата, еден ден по масовниот студентски протест во центарот на Белград.
„Седум месеци терор се случуваат од група луѓе кои го зедоа законот во свои раце. Обвинителството мора да си ја заврши работата, доаѓа време за одговорност. Нема да потпишам помилувања, никаква аболиција“, рече тој во таа пригода.