Регион
САД со остро писмо до Тачи, Харадинај и Весели: Укинување на таксите или санкции
САД упатија остро писмо до тројцата високи косовски функционери, со барање за укинување на таксите на српските производи, пренесоа приштинските медиуми.
Писмото стигнало на адресите на претседателот Хашим Тачи, премиерот Рамуш Харадинај и претседателот на косовскиот парламент, Кадри Весели, а потпишано е од страна на тројца високи претставници на Белата куќа, Стејт департментот и американското Министерството за одбрана, пренесе „РТС“.
Во писмото се повикува на почитување на жртвувањето на американската држава и американската војска за Косово.
Лидерите на Приштина се предупредени дека ако не ги укинат таксите, ќе следат санкции.
Медиумите наведуваат дека имаат потврда од американската амбасада за упатените писма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Не знам дали е жива мајка ми“; „Свекор ми беше во делот кој целосно изгоре“: членовите на семејствата чекаат вести за своите најблиски во Србија
Пред домот за стари лица во Бараево, каде што утринава избувна пожар, во кој досега загинаа осум лица, а седум беа повредени, пристигнуваат видно потресени членови на семејството на жителите на домот. Мажот, чија мајка била корисничка на домот, за „Блиц“ изјави дека нема информации дали мајка му е жива и дека се надева на најдобро.
Таа била на приземјето во делот што изгорел. „Немам информации дали е жива и каде е. Последен пат бев тука на 9 јануари кога на мајка ми ѝ донесов работи и сè што и требаше. Таа потоа прими терапија“, раскажува тој за „Блиц“.
На местото на настанот пристигнала и брачна двојка, а таткото на мажот бил жител на овој дом.
„Свекор ми беше внатре, во самиот дел кој целосно изгоре. Токму под оџакот“, вели видно потресена жената.
Таа додава дека немаат информации за неговата состојба, но дека знаат дека се пронајдени четири машки тела во целосно јагленисана состојба.
Медиумите потсетуваат дека најмалку осум лица загинаа, а неколку се повредени во пожар што утринава околу 4.30 часот избувна во дом за стари лица во Србија.
Како што соопштија од српската полиција, постојат основи на сомнение дека пожарот е подметнат, а полицијата во соработка со надлежното обвинителство продолжува интензивно да работи на утврдување на сите околности и факти за овој настан.
Во моментот на пожарот во домот имало 30 лица, од кои осум починале, седум се повредени, од кои на тројца им била укажана лекарска помош на Ургентниот центар, а на четворица на ВМА. Другите корисници се сместени во друг дом за стари лица, пренесува медиумот.
Регион
Петти ден се трага по тригодишното девојче кое во реката Сава во Загреб го внесе мајка му
Поминаа пет дена во потрагата по тригодишното девојче, чија мајка во средата го внела во реката кај загрепскиот мост Јанкомир. На теренот имаше повеќе од сто луѓе со 45 возила, 15 чамци, 13 дронови и три кучиња трагачи. Се пребарува површина од 110 километри.
Антонио Станиќ, раководител на жупанискиот центар 112 во Загреб, рече дека реката Сава е малку пониска од последните денови, што ја олеснува нивната потрага.
„Не можам да проценам колку ќе трае потрагата. Областа што ја опфативме е околу 110 километри од мостот Јанкомир до вливот на реката Сава“, изјави синоќа Станиќ за ХРТ.
34-годишната мајка се бранела со молчење и и е изречена мерка притвор од еден месец.
Постои основано сомнение дека 34-годишната обвинета на 15.01.2025 година во попладневните часови во Загреб извршила кривично дело тешко убиство над своето малолетно дете.
Регион
(Видео) Пожар во дом за стари лица во Србија, осум загинати, неколку повредени
Осум лица загинаа, а неколку се повредени во пожар што утрово околу 4 часот и 30 минути избувна во дом за стари лица во Велики Борак, во белградската општина Бараево, објави РТС. Пожарот е изгаснат, а во гаснењето учествувале голем број пожарникари и противпожарни возила.
Др. Виолета Николиќ од Итната медицинска помош за РТС изјави дека добиле повик од пожарникари за избувнување на пожар во дом за стари лица во Велики Борак.
Таа наведе дека четири повредени лица се пренесени на токсиколошкото одделение на ВМА, додека на две лица им е укажана помош во Ургентниот центар. На интервенција се упатени четири екипи од Итната медицинска помош, уште две дополнителни екипи од Лазаревац и една од Бараево.
Вршителот на должноста помошник министер и раководител на Секторот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ за РТС изјави дека се претпоставува дека во моментот на пожарот во објектот имало 30 корисници. Како што наведе, Брзата помош згрижила седум повредени и ги пренела во ВМА и Ургентниот центар.
Според него, по пријава во 3 часот и 32 минути, единиците на Секторот за вонредни ситуации веднаш биле испратени на местото на настанот, каде што го затекнале огромен пожар. „Во моментов се уште проверуваме дали има преостанати извори на пожар што би можеле да предизвикаат негово ширење, додека причината ќе се утврди во наредните часови“, рече Чаушиќ.
Тој додаде дека домот за стари лица се наоѓа далеку од фреквентни патишта, но противпожарните екипи брзо пристигнале, а на повредените им била укажана помош во рекордно време. „Ова е голема трагедија, но можеше да биде и многу поголема“, заклучи Чаушиќ.