Регион
Се огласи Русија за немирите во Косово

Кремљ објави дека внимателно ја следи тензичната и политички опасна ситуација во Косово, каде што етничките Срби поставија барикади на патиштата, што предизвика оружен конфликт со косовската полиција и четири лица беа убиени.
„Гледаме многу напната и потенцијално опасна ситуација на Косово и внимателно ја следиме. Гледаме прилично воспоставен необјективен однос кон Србите. Ова е традиционално неизбалансирана линија“, изјави портпаролот Дмитриј Песков.
Група вооружени локални Срби поставија патна барикада во близина на селото Бањска во неделата рано наутро, а потоа убија косовски полицаец од групата, која дошла да интервенира. Во продолжението на конфликтот загинаа тројца Срби од Косово, кои во меѓувреме се забарикадираа во манастир.
Иако конфликтот почна со поставување барикади, српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвини КФОР и косовскиот премиер Аљбин Курти за насилството.
„Барикадите требаше да ги отстрани КФОР бидејќи тие се задолжени за слободата на движење, а не косовската полиција“, рече Вучиќ.
Истовремено, тој ја отфрли одговорноста на официјален Белград за самоорганизирање на Србите посочувајќи дека „тие се побунија затоа што повеќе не сакаат да го трпат теророт на Курти“. Тој ја обвини и меѓународната заедница дека му дала отворени раце на Курти и ја овозможила акцијата на косовската полиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Од 94 милиони евра за гасоводот Србија-Бугарија, 50 милиони се подарок од Европската Унија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека од 94 милиони евра колку што чинат изградбата на гасоводот Србија-Бугарија, односно интерконектор до бугарската граница, речиси 50 милиони евра се подарок од Европската Унија, а уште 25 отсто се најповолните кредити од Европската инвестициска банка.
Вучиќ изјави дека остатокот, околу 20 милиони евра, се финансирани од буџетот на републиката.
Како што истакна, поврзувањето преку интерконекторот со Бугарија ќе обезбеди дополнителен гас за Србија, а преку него ќе може да се закупи и дел од азербејџанскиот гас, како и гасот од Александрополис.
„Ќе има поголема можност за добивање гас од територијата на Бугарија, Грција и други земји. Ова ќе овозможи сигурност во снабдувањето и подобри цени“, рече Вучиќ.
Тој најави дека утре, по пуштањето во употреба на гасниот интерконектор Србија-Бугарија, ќе има демонстрација на можностите на падобранот и специјалните единици, на која ќе присуствуваат и претставници од Бугарија и Азербејџан.
Регион
Силен земјотрес во Романија

Романија попладнево ја погоди земјотрес со јачина од четири степени според Рихтеровата скала, јавува Европскиот медитерански сеизмолошки институт.
Земјотресот се случил на 52 километри северозападно од градот Бузау, кој се наоѓа на истокот на Романија.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 136 километри.
Регион
Ужас во центарот на Белград: судир на трамвај и такси

Вечерва околу 17 часот дошло до судир на трамвај и такси на улицата Караѓорѓева, во близина на белградската автобуска станица.
Според извештаите, таксито удрило во трамвајот.
Не се знае моменталната состојба на учесниците, како и причината за несреќата.
На оваа делница од патот има голема гужва.
Истрагата е во тек.