Регион
Српскиот министер за одбрана избран за претседател на партијата на местото на Вучиќ

На седницата на вонредното собрание на партијата во Крагуевац за претседател на Српската напредна партија е избран актуелниот министер за одбрана и потпретседател на српската влада, Милош Вучевиќ.
Претходно денеска, на вонредното собрание, Вучиќ, предлагајќи го Вучевиќ за свој наследник, рече дека „го познава како човек лојален на СНС, од добро семејство, но и посветен на идејата за независна и просперитетна Србија“.
Вучевиќ рече дека „голема е предноста кога ја наследуваш партијата по Вучиќ“.
„Ќе имам една голема предност во политиката, што покрај себе ќе имам таков политичар како што е Александар Вучиќ. Потешката околност е што не е лесно да се зачува и подобри и да се продолжи понатаму. Верувам дека заедно, како тим, раководството на партијата, ќе бидеме достојни на тој предизвик и свесни за тие обврски“, рече тој.
Тој рече дека ќе има можност да се консултира и со други членови на партијата, бидејќи не е проблем да се прашува, важно е да се разговара, да се разменат мислења. Вучевиќ рече дека СНС е подготвена да разговара со сите политички актери.
Потврди дека исто како и Вучиќ, нема да дозволи преодна Влада во Србија.
„Владата се формира само врз основа на мнозинството во Собранието, а тоа се добива со поддршка од граѓаните на избирачките места, односно на избори. За тоа нема дискусија и не оставаме ни милиметар простор за некој да замисли дека ќе ја преземе власта. Ја преземате власта кога ќе добиете мнозинска поддршка од гласачите“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Рама по реакциите за испраќање на КФОР на северот на Косово: „Болно е политичари од лажни профили да манипулираат“

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека КФОР е мисија на НАТО Алијансата, а не окупаторска сила на Србија, нагласувајќи дека реакциите на неговата изјава дека КФОР мора да ја преземе контролата врз северот се болни и смешни.
Рама во долга објава на социјалните мрежи изјави дека Владата на Албанија комуницирала со највисоките нивоа на Евроатлантската алијанса за да ја гарантира безбедноста на северот на Косово.
„Како дел од поддршката на Албанија за гарантирање на безбедноста на северот на Косово и преземање контрола од КФОР, во оваа фаза кога постои алармантен ризик од ескалација на конфликтот, комунициравме на највисоко ниво на евроатлантската алијанса и изразивме максимум готовност. Од друга страна, на сојузниците им ги пренесовме причините за нашето несогласување со последното соопштение на ЕУ, продолжувајќи да го бараме нивниот јасен став, во врска со вооружената криминална група која го уби косовскиот полицаец и по повод Денот на жалост во Белград“, напиша Рама на социјалната мрежа „Икс“.
Премиерот на Албанија ги потсети „оние во Приштина кои, како што рече, имаат време да користат лажни Фејсбук профили дека КФОР е НАТО, пренесува „Косово онлајн“.
„Потсетувам: КФОР е НАТО и не е окупаторска сила во име на Србија, ниту сила која ја дели територијата на Косово, туку напротив, многу голема гаранција во секој случај на закани!“, напиша Рама.
Тој рече дека такво барање испратила и претседателката на Косово, Вјоса Османи.
„Вчера јасно кажав дека ова барање е дадено од претседателката Османи и дополнително објаснив дека ова што го барам денеска нема никаква врска со она што го изразив пред неколку месеци, како страв дека тоа може да се случи доколку ситуацијата се влоши во отсуство на резултати од дијалогот. Бидејќи, како што објаснив вчера, „сè уште не сме таму“ и за да не одиме утре таму, КФОР мора што поскоро да ја преземе контролата врз северот“, напиша тој.
Рама нагласи дека сите го знаат фактот дека во секој случај и за секоја нова оперативна потреба на територијата на Косово, КФОР ги координира своите акции со државните власти на Косово и со безбедносните сили на Косово и затоа е болно колку што е и смешно што и во оваа многу сериозна ситуација за безбедноста на северот на Косово, политичари од јавни или лажни профили во Приштина се впуштаат во такви ниски манипулации со емоциите на своите граѓани, намерно искривувајќи ги неговите ставови.
Претходно денес и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека е потребна посилна улога на КФОР, особено на северот на Косово и дека не му пречи што КФОР го зголемува бројот на војници таму.
„НАТО не ни пречи, нека праќаат, така помалку Курти ќе дивее“, рече тој.
Регион
НАТО испраќа нови сили во Косово

НАТО објави дека одобри дополнителни сили за решавање на актуелната ситуација во Косово, но не го прецизираше бројот и не кажа од кои земји.
Судирите избија минатиот викенд меѓу полицијата и вооружените Срби.
Косовската претседателка Вјоса Османи ги обвини Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ дека се одговорни за нападот врз косовската полиција на северот од земјата, велејќи во интервју за „Ројтерс“ во четвртокот дека Косово е „нападнaто“.
Триесетина вооружени Срби во неделата ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска, по што се забарикадираа во манастир на Српската православна црква.
Загинаа тројца Срби и еден косовски полицаец, а досега три лица се обвинети за учество во нападот.
Србија, која не ја признава независноста на својата поранешна покраина, го обвинува Косово за поттикнување на насилството преку малтретирање на етничките Срби.
Регион
(Видео) Косовската полиција објави како изгледа куќата на Милан Радоичиќ и го спореди со Пабло Ескобар

Косовската полиција од утрово го претресува имотот на Милан Радоичиќ, поранешниот потпретседател на Српската листа, кој организираше акција во селото Бањска во која загинаа четири лица, пренесуваат српските медиуми.
Косовскиот министер за полиција Џељај Свеќља објави видео од внатрешноста на вилата на Радоичиќ на брегот на езерото Газиводе, нарекувајќи го Пабло Ескобар од регионот.
„Детално и до крај ќе се истражува терористичкиот напад со кој се соочи косовската полиција во селото Бањска. Косовската полиција, согласно судската наредба, денеска изврши претрес во станот на Милан Радојчиќ, неговата вила на Ујманското езеро“, напиша Свеќља на својот Фејсбук профил, пренесе „Нова.рс“.
„Дури и од сликите што може да се видат, очигледно е дека не се работи за „борец за слобода“ туку за Пабло Ескобар од регионот. Под превезот на бранител на граѓаните, тој и неговите соработници станаа мултимилионери на сметка на законот, државата и другите граѓани. Затоа, неопходно е да се истражи местото на злосторството сите овие години на северот на земјата заедно со целиот имот на терористичката група“, заклучи Свеќља.
Од утрово трае претресот на имотот на Милан Радоичиќ во Косово, а во меѓувреме тој ја призна целосната одговорност за настаните во селото Бањска, кога загинаа четири лица.