Регион
Хандке прогласен за персона нон грата во Сараево
Добитникот на годинашната Нобелова награда за литература, Питер Хандке, денес е прогласен за персона нон грата во кантонот Сараево.
Оваа одлука, иницирана од пратениците на Партијата за демократска акција (СДА), беше едногласно донесена на седницата на Собранието на кантонот Сараево.
Декларацијата го осудува доделувањето на Нобеловата награда на негаторот на геноцидот во Сребреница.
Во декларацијата се наведува дека последната фаза на геноцид е токму негирање на геноцидот и се наведува дека добитникот на Нобеловата награда за литература во јавни настапи за време на агресијата во БиХ јавно го поддржувал големосрпскиот режим на чело со воениот злосторник Слободан Милошевиќ.
Во декларацијата се вели дека Хандке не ги менува ставовите денес, туку оди чекор понапред најавувајќи ги своето доаѓање во БиХ и посетата на мајките од Кравица и околината на Сребреница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.

