Регион
Хрватски епидемиолог: Живееме како да нема вирус, Европа ни се чуди
Минатата сабота во Хрватска беше забележан рекорден број нови случаи на коронавирус (140), а во исто време се одржаа неколку настани во текот на викендот, на кои се собраа голем број луѓе.
Неколку илјади навивачи беа на „Максимир“ на фудбалското дерби помеѓу Динамо и Хајдук, од кои само неколкумина носеле маски, а Северина одржа концерт во Сплит, на кој се собраа повеќе од илјада луѓе. Хрватска, која многу бргу донесе строги мерки и воведе целосен карантин, еднакво бргу ги напушти сите забрани и стана многу либерална во однос на заштитата од вирусот.
Поради само една венчавка во Задар, на која се собраа повеќе од 300 луѓе, заразени се 23 лица, меѓу кои и вработени во општата болница во градот, како и вработени во службата за итна помош, а се дозна дека е заразена и државната секретарка од Министерството за наука и образование поради што целото Министерство, заедно со министерката Блаженка Дивјак, се упатени на тестирање и самоизолација.
Бранко Колариќ, специјалист епидемиолог од Институтот за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“, во разговор за „Индекс“ вели дека Хрватска треба да ги заостри мерките и да ги ограничи собирите, односно дека луѓето сами треба да се воздржат од организирање прослави.
„Треба да се ограничи собирањето повеќе од 100 луѓе. Овие концерти, спортски настани и свадби, на кои се собираат голем број луѓе, секако не се добри за епидемиолошката состојба. Би сакал да апелирам луѓето да се воздржат од толку големи собири и прослави“, изјави епидемиологот.
„До пред 2 седмици се однесувавме како никогаш да не имало епидемија и тоа не беше добро. Од тогаш бројот на новозаразени лица почна нагло да се зголемува, а некои луѓе изразуваат гнев поради воведувањето нови мерки. Мерките служат за намалување на инфекциите и спречување на потребата од построг режим. Ќе мораме да се навикнеме да живееме заедно со оваа болест, што е заедничка одговорност на сите граѓани. Можам да кажам дека повеќето европски земји се изненадени од Хрватска и од фактот дека овде се живее како пандемијата да поминала. Сведоци сме на ширење на инфекцијата со локален пренос, а тоа е тешко да се стави под контрола за неколку дена“, објаснува доктор Колариќ.
Тој наведува дека општеството нема друг избор, освен граѓаните строго да се придржуваат кон мерките со цел да се спречи ширење на вирусот.
Според информациите на здравствените власти, во Хрватска денеска се регистрирани 92 нови случаи на инфекција со коронавирус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.

