Регион
Шестмина повредени во судирите во Атина меѓу Албанци и Грци
Шест лица беа повредени во судирите што избувнаа меѓу група Грци и Албанци во Геракас, источниот дел на Атина.
Конфликтот се случил околу два часот по полноќ, а според грчките медиуми, борбата била закажана на еден паркинг помеѓу две улици.
По борбата три лица беа итно пренесени во Клиничкиот центар на Марусија, вклучувајќи и еден Грк кој се здобил со прострелна рана. На местото на судирот било откриено оружје, кое ќе биде детално испитано, соопштија тамошните власти.
Полицијата во моментов се обидува да испита како дошло до судирот и дали тоа е поврзано со убиството на Константинос Кацифас, кое се случи минатата ноќ во северниот дел на Албанија.
Албанската полиција вчера го уби 35-годишниот Грк, кој претходно со „калашников“ пукал кон албански полицајци кои сакале да го тргнат грчкото знаме поставено на воените гробишта кај селото Буларат, недалеку од границата со Грција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Силна експлозија пред училиште во Загреб
Силна експлозија синоќа ја вознемири загрепската населба Трешњевка, откако во дворот пред основно училиште во Новa цеста била активирана силна пиротехничка направа, јавува „Дневник.хр“.
Според сведоци, се слушнале две експлозии, а една од жителките изјавила дека од силниот удар се треселе прозорците.
Од загрепската противпожарна служба соопштиле дека во 22:56 часот добиле пријава за пожар на игралиштето на Основното училиште „Јулије Кловиќ“, предизвикан од пиротехничка направа, кој бил изгаснат по нивното пристигнување. Во интервенцијата учествувало едно противпожарно возило.
Регион
Еден загинат, а тројца исчезнати откако брод со мигранти потона во Грција
Едно лице загина, а тројца се водат како исчезнати откако брод со мигранти потона кај грчкиот остров Самос рано утрово, потврди крајбрежната стража. Дваесет и шест мигранти успеаја да стигнат до брегот во областа Петалидес и ги известија властите дека други се во морето, објави „Еуроњуз“.
Веднаш беше започната масовна операција за пребарување и спасување во која учествуваа бродови на крајбрежната стража, хеликоптер, приватен брод и копнени екипи. Телото на една жена беше пронајдено за време на пребарувањето, додека операциите продолжуваат за пронаоѓање на три исчезнати лица. Националностите на мигрантите сè уште не се објавени.
Смртоносни преминувања преку Медитеранот
Грција е една од главните точки на влез во Европската Унија за мигранти и бегалци од 2015 година, со регистрирани повеќе од еден милион пристигнувања. Стотици луѓе загинаа обидувајќи се да го преминат морето.
Најновите податоци од Фронтекс, Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, покажуваат дека нерегуларните миграциски текови низ Источниот Медитеран се намалиле за 30% во првите 11 месеци од 2025 година во споредба со истиот период во 2024 година. И покрај ова, околу 46.200 пристигнувања се регистрирани во грчките води оваа година.
Инцидентот е најновиот во низата неодамнешни трагедии со мигранти во грчките води. На 6 декември, грчките власти пронајдоа 17 тела и спасија двајца мигранти од брод во близина на Крит.
Само два дена подоцна, на 8 декември, 12-годишно момче почина откако беше удрено од пропелер на брод кога шверцер наводно ги принудил мигрантите да скокнат од глисер во близина на Самос. Една недела подоцна, 28 мигранти беа спасени, а тројца се водат како исчезнати откако нивниот брод удри во карпи во близина на истиот остров.
Регион
БиХ го легализира медицинскиот канабис
Босна и Херцеговина денес ја легализираше употребата на канабис, придружувајќи се на голем број земји кои одобрија употреба на ова растение за ублажување на симптомите на сериозни болести, објави Министерството за граѓански работи на Босна и Херцеговина.
Советот на министри на БиХ ги измени прописите за наркотични дроги, преместувајќи го канабисот од категоријата забранети супстанции во категоријата супстанции под строга контрола, со што го хармонизираше законодавството со меѓународните стандарди. Оваа промена следеше по препораките на Комисијата на Обединетите нации за наркотични дроги и Светската здравствена организација, кои во 2020 година го сместија канабисот во категоријата супстанции со признати медицински својства.
Според новата регулатива, производството, трговијата и поседувањето канабис ќе бидат дозволени само во форма на фармацевтски препарати со лекарски рецепт, а Агенцијата за лекови и медицински помагала на Босна и Херцеговина ќе биде одговорна за надзор на целиот процес, од увоз до употреба од страна на пациентите.
Оваа мерка не значи либерализација на пазарот, туку воспоставување јасна, безбедна и надгледувана рамка за медицинска употреба на канабис.
Иако медицинската употреба на канабис досега беше забранета во Босна и Херцеговина, препаратите што содржат канабиноиди често се продаваа на нелегалниот пазар, без следење на квалитетот и безбедноста.
Одлуката доаѓа по повеќе од една деценија административен процес и усогласување со меѓународните препораки. Босна и Херцеговина сега го следи примерот на други земји каде што лековите базирани на канабис веќе се дозволени за ублажување на симптомите на болести како што се мултиплекс склероза, рак, СИДА и епилепсија.
фото/депозитфотос

