Регион
ЕУ: Членството на Србија може да биде довдедено во прашање ако не ја усогласи својата политика со нашата

Усогласувањето со вредностите на ЕУ, почнувајќи од владеењето на правото и со заедничката надворешна и безбедносна политика, е најважниот показател за стратешката ориентација на земјите кандидати на нивниот пат кон Унијата, рече првиот европски дипломат , Жозеп Борел.
Заедно со комесарот за проширување, Оливер Вархеји, Борел го претстави овогодишниот пакет за проширување, кој вклучува извештаи за напредокот на 10 земји кандидати и потенцијални кандидати.
Србија е единствената која не е целосно усогласена со надворешната и безбедносната рамка на ЕУ, а во извештајот се вели дека земјата не воведе санкции против Русија, дека одржува односи на високо ниво со таа земја и дека ги интензивирала односитесо Кина, „што покренува прашања за нејзината стратешка насока“.
Борел вели дека членството на Србија во ЕУ е „единствениот одржлив начин да се изгради долгорочен просперитет“.
„Ние инсистираме Србија да се усогласи со нашата надворешна и безбедносна политика, чиј важен дел се рестриктивните мерки против Русија и мислам дека Србија ќе се усогласи порано или подоцна, во спротивно членството може да биде довдено во прашање“, рече Борел.
Минатиот петок, за време на посетата на Белград, претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен ја пофали Србија. На заедничката прес-конференција со претседателот Александар Вучиќ, таа рече дека тој лично е „посветен на реформите, особено во основните прашања, владеењето на правото и демократијата“.
„Покажавте дека вашите зборови се проследени со дела“, рече Фон дер Лајен, обраќајќи му се на Вучиќ.
Меѓутоа, во извештајот за напредокот, Комисијата вели дека Србија постигнала „ограничен напредок“ во судството и основните права, дека „нема напредок“ во областа на слободата на изразување.
Србија ги започна преговорите во јануари 2014 година и досега отвори 22 од 35 преговарачки поглавја, додека привремено затвори само две. Комисијата ја повтори минатогодишната оценка дека Србија е технички подготвена да го затвори третиот кластер, кој вклучува поглавја поврзани со пазарната конкуренција и инклузивен раст.
Македонија е најдолго во процесот на преговори, добивајќи кандидатски статус уште во декември 2005 година, но оттогаш нема големи поместувања – прво поради грчкото вето, а денес поради бугарската блокада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
На охридското крајбрежје откриена можеби најстарата населба во Европа на езеро

Археолозите велат дека пронашле докази за најстарата човечка населба на европско езеро на албанската страна од Охридското Езеро за која се верува дека е стара до 8.000 години.
Тим научници од Швајцарија и Албанија поминуваат три часа под вода секој ден макотрпно отстранувајќи дрвени столбови на кои биле потпрени куќите, објави „Ројтерс“. Археолозите исто така наоѓаат коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со детаљни резби.
Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн рече дека слични населби се пронајдени во алпскиот и во медитеранскиот регион, но населбата во Лин, Албанија, е половина милениум постара датирајќи помеѓу шест и осум илјади години.
„Органскиот материјал е добро зачуван бидејќи е под вода, што ни овозможува да откриеме што јаделе овие луѓе, што саделе“, рече Хафнер.
Неколку студии покажаа дека Охридското Езеро, кое се наоѓа помеѓу Македонија и Албанија, е најстарото езеро во Европа – повеќе од еден милион години.
Староста на наодите се утврдува со радиоизотопско датирање и дендрохронологија, која ги брои прстените на дрвјата. Од локацијата се собрани повеќе од илјада примероци од дрво. Се верува дека населбата, во која можеби живееле неколку стотици луѓе, се протегала на околу шест хектари, а сега, по шест години работа, ископан е само околу еден процент од вкупниот материјал.
Регион
(Видео) Зебра избега од Зоолошката градина во Белград, повредени три лица

Од трите лица повредени вчера кога зебра избега од ограден простор во Зоолошката градина во Белград, две се однесени во Военомедицинската академија, но се пуштени на домашно лекување бидејќи повредите биле полесни, соопшти утрово Ургентниот центар на ВМА.
Зебрата удрила во маж и го прегазила, по што му биле констатирани полесни повреди, додека другата жена била донесена во ВМА без физички повреди, но во состојба на шок, изјавија за РТС.
Од Зоолошката градина во Белград вчера, зебра избегала од ограден простор и повредила вкупно три лица, од кои едно било дете, кое било пренесено во Детска клиника.
Регион
Три лица извлечени од морето во разни делови на Грција: меѓу нив и српски државјанин

Три лица, меѓу кои и еден српски државјанин, беа извлечени во несвест од морето во различни делови на Грција, соопшти крајбрежната стража.
Во раните утрински часови во среда, 88-годишен грчки државјанин беше извлечен во несвест од морето во областа Агиос Андреас Малаконтас во Еретрија, според Прототема.
Неколку часа подоцна, 69-годишен српски државјанин беше извлечен во несвест од морето во Олимпискиот брег во областа Пиерија.
Во трет инцидент, друг грчки државјанин (61) беше извлечен од морето во пристаништето Милина во општина Јужен Пелион.
За сите три инциденти, надлежните пристанишни власти спроведоа прелиминарна истрага и беше наредена обдукција.
Вчера сите беа шокирани од веста за смртта на 13-месечно бебе од Србија, кое се задуши додека беше на плажа со своите родители на Халкидики. Момчето се задавило со храна додека било во бар на плажа во областа Ормос Панагиас.