Регион
Адвокат: Телото на Данка Илиќ никогаш нема да биде пронајдено
Српскиот адвокат Боривоје Боровиќ денеска изјави дека телото на девојчето Данка Илиќ (2) од Бор, кое исчезна на 26 март, никогаш нема да биде пронајдено.
Боровиќ за агенцијата Бета изјави дека полицијата под притисок на политичките власти ја водела истрагата „непрофесионално“.
„Овој случај полицијата го уништи бидејќи јавно ја водеше истрагата, објавувајќи ги дури и изјавите кои обвинетите ги дале на рочиштето. Исто така, погрешно е што на јавноста и на обвинетите им било кажано дека кривичното дело е казниво со доживотен затвор. Еден од обвинетите починал во полициска станица, најверојатно под тортура, сега секој обвинет, кој преживеал, може да каже дека бил принуден да даде изјава под полициска тортура“, рече адвокатот.
Според него, доколку се докаже дека Далибор Драгијевиќ починал како последица на полициска тортура, изјавите на останатите обвинети кои го признале делото не можат да бидат доказ.
„Ако нема траги од ДНК од возилото, тоа ќе значи дека сите докази се контаминирани од политичарите, кои набрзина сакаа да објават дека случајот е расчистен. Полицијата беше прилично засрамена што не го најде телото и по речиси два месеци е очигледно дека тие не презеле криминално-форензички дејствија навреме, туку се потпирале на полиграфот, кој е неважен за истрагата на обвинителството“, рече Боровиќ.
Тој нагласи дека телото на девојчето нема да биде пронајдено.
„Телото на Данка Илиќ нема да биде пронајдено и истрагата ќе мора да се прекине, а оваа трагедија ќе се претвори во фарса“, процени тој.
Додаде дека случајот со Данка Илиќ е само еден во низата кој полицијата не го разреши поради притисок и мешање на политичките власти.
„Во истрагата за убиствата на пејачката Јелена Марјановиќ и адвокатот Миша Огњановиќ се вмешаа и политичари кои по неколку дена објавија дека знаат кои се убијците. Во сите овие случаи, наместо тајно да ги достави доказите до обвинителството, полицијата ги достави деталите од истрагата до поединечни политичари.
Девојчето Данка Илиќ исчезна на 26 март од семејниот двор во населбата Бањско Поље кај Бор. Српскиот претседател Александар Вучиќ и соопшти на јавноста дека девојчето било убиено на 4 април. Срѓан Јанковиќ (50) и Дејан Драгијевиќ (50), вработени во ЈКП „Водовод“ од Бор се уапсени поради сомнение дека прво со службено ја удриле малата Данка, а потоа ја внеле во возилото и ја убиле.
Тие се обвинети и дека телото на девојчето го фрлиле во депонија.
Далибор Драгијевиќ и неговиот татко Раде беа уапсени на 6 април, под сомнение дека му помогнале на Дејан Драгијевиќ да го премести телото на девојчето на непозната локација. Дејан Драгијевиќ почина на 7 април во полициската станица во Бор, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.
Во соопштението навеле дека „вештиот суд констатирал природна смрт“, но подоцна во Институтот за судска медицина во Белград било констатирано дека има повреди по телото и дека смртта била поради насилство. Истрагата за неговата насилна смрт ја води Секторот за внатрешна контрола на МУП.
Во меѓувреме, во Вишото јавно обвинителство во Зајечар пристигнаа првите резултати од ДНК-испитувањето од Националниот криминалистичко-технолошки центар, во кои нема биолошки траги од девојчето.
Телото на Данка Илиќ се уште не е пронајдено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Хрватска советничка снимена додека вели: „Овој не е*ел“, тврди дека коментарот не се однесувал на колегата
Седницата на Градското собрание на Загреб ја одбележал испад на независната советничка Дина Доган по говорот на градскиот советник од партијата Можеме, Матко Дујмовиќ. До непримерниот коментар дошло за време на расправата за одржувањето на дворовите на градските градинки и училишта, јавува „Индекс“.
Дујмовиќ во своето излагање зборуваше за улогата на подружницата „Зрињевац“, нагласувајќи дека градските служби често мораат да интервенираат и да ја преземат работата кога приватните изведувачи не ги исполнуваат своите договорни обврски. Тоа, како што рече, особено се случува во вонредни ситуации како невреме. Во тој контекст постави прашање каде се приватните понудувачи кога на терен се појавуваат проблеми.
„Кога ќе се случи некаков стрес во процесот, големи бури, временски непогоди. Знаете ли можеби каде се приватните понудувачи? Бидејќи јас не знам, затоа што не се јавуваат“, рече Дујмовиќ.
Навреда и реакција на социјалните мрежи
По говорот на Дујмовиќ, советничката Дина Доган била снимена како вели: „Пи*ка ти материна. Тој никогаш не е*ел. А ни нема“. Нејзината изјава, како што пишува „Индекс“, била забележана за време на преносот на седницата, а снимката Дујмовиќ ја објави на социјалните мрежи. Тој порача дека смета дека Доган не треба да му се извинува.
„Нема Дина за што да се извинува, овој излив беше искрен и од срце, мене лично и симпатичен, бидејќи покажува колку ја вознемирува и ја исфрла од такт мојата ангажираност околу темата. Она што е важно е сите да ја видиме Дина Доган каква што навистина е – некоја што не се занимава со содржината, туку редовно вперува прст, вика, навредува и малтретира многу луѓе во и околу Градското собрание на Град Загреб. Но нема врска, ние и понатаму ќе зборуваме за квалитетот на услугите што ги нудат градските компании“, напиша Дујмовиќ покрај видеото.
View this post on Instagram
Дина Доган: Ниту еден збор не беше упатен кон колегата
По текстот на „Индекс“, Дина Доган испратила демант:
„По повод медиумските објави и дистрибуцијата на видео-исечок кој се обидува да се прикаже како навреда упатена кон колега советник за време на вчерашната седница на Градското собрание, со ова давам јасен и недвосмислен демант.
Ниту еден збор не беше упатен ниту адресиран кон колегата советник. Станува збор за дел од приватна комуникација во клупа, во сосема друг контекст, надвор од службениот тек на расправата, во момент кога микрофоните беа исклучени или барем имавме основана претпоставка дека се исклучени. Дополнително, содржината што сега се пласира во јавноста воопшто не потекнува од вчерашната седница, што е видливо по облеката што ја носам, туку е извлечена од една од претходните седници и накнадно временски и контекстуално лажно претставена како актуелен настан.
„Ова не е снимка, ова е манипулација“
Во службениот фонетски запис од седницата со која се поврзува оваа содржина не постои изјава што ми се припишува, што потврдува дека не станува збор за нешто изговорено во рамките на расправата.
И покрај тоа, во јавноста се пласира конструкција дека станува збор за навреда изречена со вклучен микрофон и насочена кон конкретен советник, со што се создава неточна и штетна слика по мојот углед. Таквото селективно и временски манипулирано користење на аудио-материјалот отвора и сериозно прашање под какви услови се снимани и користени разговори на советници во клупите кои не се дел од официјалниот тек на седницата.
Во контекст на моето повеќегодишно и аргументирано критичко дејствување кон градската власт, платформата Можеме и градоначалникот, ваквиот начин на пласирање стар приватен материјал како „свеж скандал“ не може да се толкува поинаку освен како политички инструментализиран напад со цел дискредитација. Таквата манипулација со приватната комуникација на советник претставува сериозен удар врз интегритетот и безбедноста на работата во Градското собрание.
Затоа, по правен пат ќе барам утврдување на сите околности околу настанувањето, снимањето и дистрибуцијата на предметната содржина, како и одговорност на оние што временски и контекстуално ја манипулирале и ја пласирале во јавниот простор.
За штетата што е предизвикана со ваквото постапување некој ќе мора да одговара, политички и материјално.
Доколку намерата на ваквите конструкции била обид за мое замолчување преку лични напади и дискредитација, тогаш тоа ги надминува границите на политичкиот разум и легитимната борба. На такви, добро познати репресивни методи не прифаќам и против нив ќе се борам со сите правни и политички средства. Јавноста мора да знае дека овде не станува збор за „снимка“, туку за манипулација.“
Регион
Вучиќ: Новите закони на Приштина го загрозуваат опстанокот на Србите на Косово
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја истакнал пред специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Петер Соренсен, како што наведува, тешката положба на Србите, истакнувајќи загриженост поради намерата на Приштина да започне со спроведување нови закони кои би можеле да ја дискриминираат српската заедница.
По средбата во Белград, Вучиќ на Инстаграм наведе дека „посебно ја истакнал загриженоста по повод намерата на Приштина од 15 март да започне со спроведување нови ескалаторни и длабоко дискриминаторски одлуки“ кои, како што напиша, „директно го загрозуваат опстанокот на српскиот народ“ на Косово.
Белград најавениот Закон за странци го гледа како можна закана за прашањето на престојот, работата и опстанокот на илјадници луѓе кои функционираат во системот на институциите на Србија.
Ова особено се однесува на образованието, бидејќи бројни студенти од Србија, од северот на Црна Гора, како и половина од професорите и соработниците на факултетите во Косовска Митровица, според новиот закон би можеле да се сметаат за странци.
Тие на територијата на Косово ќе можат да престојуваат најмногу три дена или да наведат причина за продолжен престој, а доколку причината е студирање или работа на некој факултет, таа институција мора да биде акредитирана во Приштина, пренесе „Н1“.
Вучиќ, како што наведе, побарал „меѓународната заедница најсериозно да ги сфати овие исклучително важни прашања и да направи сè за да обезбеди почитување на правата“ на српската заедница на Косово.
Тој нагласи и дека приклучувањето на Косово кон регионален воен сојуз „дополнително ги зголемува тензиите и ја загрозува безбедноста на српскиот народ“.
„Ја истакнав неопходноста, без понатамошни одложувања, да се пристапи кон конкретни чекори за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО), на која српскиот народ на Косово чека веќе 13 години“, наведе Вучиќ, алудирајќи на Бриселскиот договор од април 2013 година.
Со тој договор Приштина се обврза да ја формира ЗСО, но одбива да го стори тоа бидејќи не сака да им препушти извршни овластувања на локалните заедници со мнозинско српско население.
Со Соренсен се сретна и шефот на српската Канцеларија за Косово, Петар Петковиќ, кој изјави дека најавениот закон директно загрозува повеќе од 10.000 Срби кои живеат и работат во Косово, вклучувајќи ги нивните „основни човекови и граѓански права, правото на работа, правото на слобода на движење, правото на семеен живот, здравствена заштита и образование“.
И Петковиќ повтори дека е неопходно итно формирање на Заедницата на српските општини.
Косово со Декларација усвоена од Собранието на Косово прогласи независност на 17 февруари 2008 година. Независноста во меѓувреме ја признаа водечките западни земји, но не и Кина и Русија, како и пет земји-членки на ЕУ. Србија одбива да ја признае косовската државност.
Регион
Додик повторно ја поддржа руската агресија врз Украина: „Праведна борба“
Лидерот на владејачката партија во Република Српска, Милорад Додик, денес отворено ја поддржа руската агресија врз Украина, опишувајќи ја како „праведна борба“.
Придружувајќи се на бројните коментари по повод четвртата годишнина од рускиот напад врз Украина, Додик ја бранеше позицијата на Москва и ја оправда агресијата во објава на социјалната мрежа X, користејќи формулации за карактерот на таа војна што доаѓаат од арсеналот на руската пропаганда.
„На денот кога се одбележуваат четири години од почетокот на специјалната воена операција на Руската Федерација, нашата посветеност останува иста: поддршка на праведните цели на Русија и нејзините напори да ги заштити своите интереси и народот во Украина“, напиша Додик, кој во минатото постојано заземаше проруски позиции и ја обвинуваше Украина за војната.
Тој сега додаде дека Русија покажала доволно волја да го реши проблемот „преку дијалог и договор“, а кога тоа не успеало, рече тој, морала да прибегне кон сила за да ги обезбеди своите граници и територија.
Додик, исто така, го пофали рускиот претседател Владимир Путин, пишувајќи дека неговата решителност „го вратила статусот на суперсила на Русија, решена да не дозволи да биде загрозен ниту еден државен или национален интерес“.
Откако администрацијата на Доналд Трамп ги укина санкциите врз него минатата година, Додик почна да се фали со своите одлични односи со Вашингтон и неговата подготвеност да соработува со САД, но нагласи дека сè уште ја гледа Русија како клучен стратешки партнер.
фото/Depositphotos

