Регион
Албанија не е дел од ЕУ поради предрасудите на Западот кон муслиманите, рече хрватскиот претседател
Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се разговараше за односите меѓу двете сојузнички земји, како и за состојбите во регионот.
Милановиќ ги оцени односите меѓу Хрватска и Албанија како пријателски и рече дека Хрватска се труди што повеќе да и’ помогне на Албанија за влез во Европската унија.
„Албанија, според мене, одамна требаше да биде во многу повисока фаза на интеграција во Европската Унија. Немаше ниту една реална политичка, безбедносна или економска причина Албанија сега да не биде на крајот од преговорите. Тоа не се случи, а верувам дека е така поради предрасудите не само кон Албанија, туку и кон некои други земји“, рече Милановиќ, пренесе агенцијата „Анадолија“.
„Клучниот проблем лежи во предрасудите на Западна Европа кон Балканот, кон муслиманите, бидејќи Албанија е земја во која претежно живеат граѓани од муслиманска вероисповед, а тоа очигледно стана проблем во Западна Европа“, додаде Милановиќ.
Тој додаде и дека Косово е реалност.
„Реалноста е дека Косово е дел од Европа и во не така далечна иднина ќе го признаат сите европски земји, а Србија е во малку политички шизофренична ситуација во која, од една страна , фантазира за односот со Русија, на која Белград и е само еден мал приврзок, а од друга страна мора да живеат во Европа. За жал, прашањето за Косово е неразделно од прашањето за односите со Србија“, рече Милановиќ.
Тој оцени дека огромното мнозинство српски граѓани ја прифатиле реалноста на Косово.
„Србија го загуби Косово затоа што не беше добар господар“, заклучи Милановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Поплави во Херцеговина: куќи под вода, нивото на реките продолжува да се зголемува
Во подрачјето на Херцеговина, во последните 24 часа, семејни куќи и населби се поплавени, реките се излеале и има лизгања на земјиштето, па затоа прогнозите за нови, уште пообилни врнежи од дожд предизвикуваат загриженост кај граѓаните и властите.
Штабот за цивилна заштита на Херцеговско-неретванската жупанија, со седиште во Мостар, предупреди на опасностите што би можеле да ги донесат обилните врнежи од дожд што се очекуваат во следните два дена.
Според метеоролошките прогнози, локално се очекуваат повеќе од 200 литри дожд на квадратен метар, што може да предизвика ненадејни поплави, излевање на реките и нови лизгања на земјиштето. Таква количина на врнежи од дожд е забележана во есента 2024 година, кога последиците во БиХ беа трагични со 27 смртни случаи.
Цивилната заштита предупредува дека интензивните врнежи од дожд можат да доведат до закана за животот и здравјето на населението, сериозни проблеми во сообраќајот, прекини во снабдувањето со електрична енергија и отежнат пристап до одредени населби.
На надлежните служби и јавните претпријатија им се препорачува да бидат во состојба на висока готовност, да спроведат превентивни мерки и да обезбедат подготвеност на персоналот и механизацијата за евентуални итни интервенции.
Регион
Кокаин вреден 10 милиони евра пронајден во камион на српски возач во Италија
Српскиот државјанин Д. В. (54) беше уапсен во Италија откако полицијата откри 110 килограми кокаин со висока чистота во кабината на неговиот камион. Вредноста на запленетата дрога се проценува на околу 10 милиони евра, а возачот, како што објавија локалните медиуми, бил запрен поради неисправно светло на возилото за време на рутинска проверка, пишува Nova.rs.
Италијанската полиција вршела рутинска сообраќајна контрола во областа Лисерт кога забележала камион со неисправно светло. Му сигнализирале да застане, но возачот ја игнорирал наредбата и продолжил да вози. Полицијата успеала да го запре непосредно пред границата со Словенија.
При детален преглед на возилото, полицајците пронашле три големи патни торби во кабината на возачот. Тие содржеле вкупно 100 пакувања кокаин со висока чистота, со тежина од 110 килограми. Според истражителите, вредноста на запленетата дрога е околу 10 милиони евра, додека нејзината улична вредност, по мешањето со други супстанции, би можела да достигне 20 милиони евра.
Според официјалната документација, камионот транспортирал керамички плочки од Шпанија во Србија. Италијанските власти забележуваат дека Шпанија се смета за една од главните влезни точки за кокаин што пристигнува во Европа од Јужна Америка.
Истражителите истакнуваат дека начинот на кој била транспортирана дрогата укажува на директна вмешаност на возачот, со оглед на тоа што кокаинот не бил скриен во товарниот простор, туку бил во кеси во кабината.
Возачот моментално е во притвор во Трст, а според достапните информации, досега не е кривично регистриран.
Случајот го презеде Дирекцијата за борба против мафијата (DDA) во Трст, чија главна цел е да ја разоткрие целата мрежа за дистрибуција на дрога и да ја утврди крајната дестинација на запленетиот кокаин.
фото/депозитфотос
Регион
Снегот во Сараево сруши дрво врз жена: од повредите почина
Трагедија се случи утрово во населбата Грбавица во Сараево кога дрво падна врз жена. Жената им подлегна на тешките повреди и покрај напорите на лекарите, објавува „Avaz.ba“.
Несреќата се случила во утринските часови кога бор, висок повеќе од 10 метри, паднал врз жената. Таа веднаш била однесена во болница со повреди на главата опасни по живот.
Лекарите не можеле да ѝ го спасат животот и таа починала кратко потоа.
Снегот што паднал во текот на ноќта создал големи проблеми низ цела Босна и Херцеговина, пренесуваат медиумите во регионот.

