Регион
Босна и Херцеговина го одбележува денот на независноста, Република Српска бојкотира
Во Босна и Херцеговина, денеска, 1 Март, се одбележува Денот на независноста, но овој ден се слави како празник само во Федерацијата БиХ, а во Република Српска се третира како незаконски и непостоен.
„Жртви сме на политика што одлучи да го јакне ентитетот со слабеење на државата, но ќе сториме сè за да ги отстраниме овие блокади и БиХ да тргне по вистинскиот пат“, рече во Сараево, Бакир Изетбеговиќ, претседател на Домот на народите на парламентот во БиХ, откако претходно беше положен венец на споменикот на партизанските ослободители од Втората светска војна, каде што присуствуваа членовите на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ.
Изетбеговиќ рече дека пред 29 години БиХ ја презела контролата над својата судбина во свои раце и тој е убеден дека ќе дојде време кога сите што живеат во неа ќе ја сакаат својата земја и ќе ја ценат нејзината независност.
Претседателот на Федерацијата на БиХ, Маринко Чавара (ХДЗ БиХ), по повод одбележувањето на 1 Март, рече дека овој датум е важен затоа што БиХ го напуштила југословенскиот државен сојуз во 1992 година, со што на сите народи и граѓани во БиХ им била дадена можност демократски и слободно ја изразат својата волја за иднината.
„Народите во БиХ ја изразија својата определба за независна БиХ, држава на еднакви народи и еднакви граѓани“, нагласи тој.
Честитки по повод Денот на независноста пристигнаа и од американската амбасада во Сараево.
„Соединетите Американски Држави остануваат посветени на силно партнерство и пријателство со БиХ и нејзините граѓани, со поддршка на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет и со нетрпение очекуваме да ги зајакнеме односите меѓу нашите две земји во наредните години“, се вели во честитката објавена на социјалните мрежи.
БиХ стана меѓународно призната држава откога мнозинството нејзини граѓани гласаа на референдум на 28 февруари и 1 март 1992 година за воспоставување „суверена и независна БиХ, држава на рамноправни граѓани и народи, муслимани, Срби, Хрвати и припадници на други народи што живеат во неа“, што беше формулацијата и на референдумското прашање.
Референдумот беше организиран по експлицитно барање на тогашната европска заедница, која го постави како услов за признавање самостојна БиХ, а одговорот „да“ тогаш го заокружиле нешто повеќе од два милиона граѓани, односно над 60 проценти од тогашната популација.
Властите во Република Српска, пак, упорно одбиваат да го признаат 1 март како празник и сметаат дека датумот е провокација тврдејќи дека токму референдумот е главната причина што довела до војна.
Пред прославата оваа година, сегашниот претседател во Претседателството на БиХ, Милорад Додик, рече дека тој никогаш нема да го слави 1 март во РС.
Во 2016 година некои српски членови на парламентот на РС побараа од Уставниот суд на БиХ да го поништи 1 март како празник што ги дискриминира Србите, но судот го одби таквото барање како неосновано.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Јахорина: Детето кое падна од жичарницата претрпе сериозни повреди
Детето, кое вчера падна од жичарницата на планината Јахорина, е надвор од животна опасност, соопштија утрово за „БН ТВ“ од болницата во Источно Сараево.
„Детето е згрижено, претрпе фрактура на бутната коска, што е сериозна физичка повреда, и е испратено во матичната установа во Нови Сад на понатамошно лекување“, изјавија од болницата за „БН ТВ“.
Медиумите потсетуваат дека вчера се случи непријатен настан на Јахорина, кога едно дете беше оставено да виси од жичарницата, а потоа падна на земја од висина од неколку метри.
Сето ова го забележаа скијачите кои случајно се најдоа таму.
Полициската управа Источно Сараево досега не го коментирала случајот, според медиумите во регионот.
Како што изјавија од Олимпискиот центар Јахорина, наскоро ќе биде објавено соопштение во врска со овој настан.
Регион
(Видео) Дете висеше од ски-лифт на Јахорина па падна, скијачите се обидоа да го фатат
Вчера, дете падна од жичницата на планината Јахорина во Босна и Херцеговина откако некое време висеше држејќи се за седиштето. Видеото од инцидентот покажува како другите скијачи се обиделе да помогнат, но детето на крајот паднало на земја.
Видеото го прикажува детето како виси од столчето неколку моменти пред падот. Скијачите кои случајно се нашле на падината под жичницата се обиделе да го фатат за да го ублажат падот.
Сè уште не е познато зошто детето паднало од седиштето.
Планинарската служба потврди за БН дека се случила несреќата. Повреденото дете е однесено во болницата „Србија“ во Источно Сараево, каде што е на лекување.
Лекарите сè уште не дале коментар за сериозноста на неговите повреди.
Регион
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Хрватска во 21:48 часот вчера вечер.
Епицентарот бил на длабочина од 15 километри во Јадранското Море јужно од Корчула, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Во вторникот, земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина на Ливно. Беше почувствуван и во Далмација.

