Регион
Брнабиќ: Србија целосно го почитува територијалниот интегритет на Украина
Српската премиерка Ана Брнабиќ, учествувајќи преку интернет на самитот „Кримска платформа“, изјави дека Србија „не е вредносно неутрална“ и дека „целосно ги почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, пренесоа белградските медиуми.
„Кримската платформа“ е меѓународна дипломатска иницијатива за консултации и координација, формирана на покана на Украина, и ги обединува украинските владини претставници и меѓународни експерти, чиј фокус се „критериумите за реинтеграција на Крим“ откога Москва го анектира украинскиот полуостров во 2014 година.
Брнабиќ истакна дека Србија жали за страдањата што ги претрпеа Украина и нејзиниот народ, пренесе Радио Слободна Европа.
„Ние ќе продолжиме да посветуваме посебно внимание на хуманитарната ситуација во Украина и ќе ѝ даваме помош за што сведочи нашата одлука да донираме стоки и лекови за ублажување на хуманитарните страдања“, рече Брнабиќ.
Србија е „вистински пријател“ на Украина, додаде таа. Брнабиќ ја истакна подготвеноста на Србија да учествува во повоената обнова на Украина и да ја поддржи нејзината европска интеграција пренесувајќи ги своите искуства.
Нејзиното учество на самитот „Кримска платформа“ следува по неделната средба меѓу украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и српскиот претседател, Александар Вучиќ, на регионалниот состанок во Атина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.
Регион
Српскиот патријарх: Го губиме националниот идентитет, тоа е загрижувачко
Да ги надминеме поделбите и да си подадеме рака еден на друг, порача поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј, во својата божиќна порака, оценувајќи дека „за внатрешните политички тензии и поделби во Србија сведочи целиот српски народ, каде и да се наоѓа“.
„Внатрешните политички тензии доведоа до длабока поделба во општеството и недоверба меѓу луѓето, а разликите во мислењата сè повеќе се развиваат во ирационална омраза“, истакна српскиот патријарх и повика на надминување на поделбите.
„Да си подадеме рака еден на друг, бидејќи сме неопходни еден на друг“, нагласи Порфириј, оценувајќи дека ситуацијата во Србија е сложена и тешка.
Поглаварот на СПЦ го гледа како „особено загрижувачки“ „губењето на националниот и културниот идентитет, што го доведува во прашање континуитетот на историското и духовното саморазбирање на нашиот народ, а во исто време не може да се објасни само со надворешни влијанија“.
„Заедно со тоа доаѓа економската несигурност и демографскиот пад: Србија се соочува со многу негативен природен прираст и, следствено, со еден од најбрзите депопулации во светот, како и со сè поизразено стареење на населението“, рече патријархот.
Нагласувајќи дека Божиќ е празник на мирот, Порфириј рече дека денес „човештвото има потреба повеќе од кога било да се врати кон тој извор на мир кој не е наметнат со сила, туку се открива во понизност и љубов“ во „однос што гради доверба, заедништво и почит кон секое човечко суштество“.

