Регион
Бугарија одби да му издаде виза на руски дипломат

Бугарските власти одбиле да му издадат виза на рускиот воен аташе во Амбасадата на Русија во Софија еден ден по протерувањето друг руски дипломат, пренесува бугарската агенција „Фокус“ повикувајќи се на Министерството за надворешни работи на Бугарија. Дипломатот на кој му е одбиена визата сè уште е во Москва.
Одлуката за неиздавање виза била донесена по препорака од неименувана институција со која е договорено именувањето, а која дала негативно мислење. Од министерството не објавија детали за причините за одлуката, но нагласија дека тоа не значи оти рускиот дипомат ќе биде прогласен за персона нон грата.
Москва била информирана за таа одлука, информира бугарското МНР, но Русија сè уште не се произнесла јавно за проблемот.
Во понеделникот беше објавено дека бугарските власти го протеруваат од земјата рускиот дипломат што го сомничеа за шпионажа. Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Александар Грушко, потоа изјави дека Русија ќе возврати со контрамерки.
Софија го презеде невообичаениот чекор за протерување на неименуваниот дипломат на 29 октомври кога тој не го исполнил барањето за повлекување во Москва. Руската амбасада потврди дека го примила писменото протерување на 30 октомври и дека нејзиниот вработен ќе го почитува 24-часовниот рок за заминување.
Ниту бугарското МНР, ниту канцеларијата на јавниот обвинител во Софија, ниту руската амбасада не го откри името на осомничениот шпион. Случајот е првиот јавно познат пример на вработен во руската амбасада, кој е протеран од Бугарија од 2001 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Две жени се удавија во морето во Бугарија

Два смртни случаја во вода се регистрирани денес на јужниот брег на Црното Море.
Околу 12.50 часот 56-годишна жена од Софија се удавила во незаштитениот дел од плажата „Делфин“ во близина на Ахтопол.
Еден час подоцна, околу 13.20 часот, на јужната плажа во Поморие, во морето почина 72-годишна туристка од Финска, која пристигнала во Бугарија на 16 август со својот сопруг.
Во двата случаја телата се однесени на обдукција во Одделот за судска медицина при Универзитетската болница во Бургас. Работата за расветлување на околностите продолжува.
Регион
Политичар почина на плажа на Халкидик

Апостолос Везиропулос, поранешен заменик-министер за финансии на Грција и актуелен генерален секретар на парламентарната група на Нова демократија, почина ненадејно на 59-годишна возраст кога доживеа срцев удар на плажа на Халкидик.
Според грчките медиуми, Везиропулос се разболел во саботата и иако брзата помош пристигнала бргу и го пренела во Здравствениот центар „Агиос Николаос“, лекарите не успеале да го спасат, објавува „Нова.рс“.
Везиропулос беше долгогодишен пратеник од Иматија, а од април оваа година е генерален секретар на парламентарната група на Нова демократија. Претходно, тој беше претседател на Постојаната комисија за економски прашања на парламентот, а од 2019 до 2023 година беше заменик-министер за финансии задолжен за даночната политика и јавните средства во владата на Киријакос Мицотакис.
Веста за неговата смрт длабоко го потресе премиерот Мицотакис, кој изрази сочувство до семејството и истакна дека Везиропулос бил „вреден колега и сакан политичар, кој со децении им служел и на својата партија и на својата татковина“.
Роден во Верија, по потекло од Александрија, беше оженет со професорката Катерина Кацава и татко е на две деца. Имаше два магистерски степена – по стратешко менаџерско сметководство и финансиско управување, како и по јавно право и политички науки. Исто така, беше докторанд на Правниот факултет при Универзитетот „Демокрит“ во Тракија.
Регион
(Видео) Кралски питон снимен на улица во Загреб

Во загрепската населба Кајзерица вчера вечерта човек наишол на кралски питон како талка по улицата. Ја снимил змијата и го објавил видеото во соседските групи во обид да го пронајде нејзиниот сопственик.
Еден од членовите на групата вклучен во безбедното враќање на змијата потврдил за „Дневник.хр“ дека сопственикот е пронајден.
„Ја најдовме сопственичката и змијата ќе ѝ биде вратена. Пред да ја најдеме сопственичката, стапив во контакт со Зоолошката градина во Загреб. Од таму ни кажаа дека можеме да им ја доставиме змијата, но бидејќи сопственичката во меѓувреме ни се јави, проблемот е решен“, рече тој.