Регион
Бугарија се сомнева дека Руси подметнале експлозии во неколку фабрики за оружје
Бугарското Обвинителство се сомнева дека шестмина Руси организирале четири експлозии во бугарски фабрики за оружје во периодот од 2011 до 2020 година, изјави денеска портпаролката на бугарскиот главен обвинител, Сијка Милева.
Во тие фабрики, како што се наведува, имало производи што му припаѓаат на бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев, пренесува руската новинска агенција ТАСС. Исто така, тројца Руси се обвинети за обид за убиство на овој бизнисмен.
Обвинителството тврди дека за десет години бугарските власти забележале многубројни случаи на експлозии во магацините и производствените погони во фабриките за неутрализирање на експлозивни направи, како и за производство на оружје и муниција.
„Сличности се откриени во четири случаи“, рече портпаролката Милева.
Во некои од магацините во кои се случиле експлозиите наводно имало оружје за Грузија и Украина.
„Врз основа на податоците од истрагата, може да се направи основана претпоставка за поврзаност помеѓу експлозиите во Бугарија, обидот за труење на тројца бугарски државјани и експлозиите во други земји“, нагласи портпаролката.
Според неа, утврдено е дека шест руски државјани биле на територијата на Бугарија во деновите блиску до датумот на експлозиите и обидот за убиство на Емилијан Гебрев.
„Се собираат докази дека руски државјани извршиле сериозно кривично дело“, додаде таа.
Бугарското Обвинителство смета дека обидот за убиство на Гебрев бил извршен во периодот од 28 април до 4 мај 2015 година.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, претходно забележа дека станува збор за слаба и нејасна база на докази на истрагата и ги опиша обвинувањата на Софија како уште еден елемент на антируска кампања зад кој можеби стојат претставници на политичкиот естаблишмент во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

