Регион
(Видео) Акција на специјалната единица РОСУ во Косово, уапсени две лица
Повеќе од 100 припадници на специјалната единица на косовската полиција РОСУ со 25 оклопни возила и џипови утринава околу 5.50 часот влегле на северот на Косово, при што биле уапсени двајца Срби во врска со убиството на политичарот Оливер Ивановиќ, пренесува „Танјуг“. Српските полициски власти велат дека упадот бил брутален и спротивен на сите прописи и резолуции.
Српските медиуми пренесуваат дека акцијата не била најавена, а два часа по нејзиното почнување, се огласила косовската полиција и соопштила дека во раните утрински часови на северот на Косово спровела акција во врска со убиството на Оливер Ивановиќ.
(Телевизијата „Клан Косова“ објави видео за кое се наведува дека е од акцијата на РОСУ)
Pamje nga aksioni policor në Veri të Mitrovicës
Pamje nga aksioni policor në Veri të Mitrovicës
Posted by Klan Kosova on Вторник, 15 октомври 2019
„Полициската акција е изведена врз основа на налог за претрес од Основниот суд, Посебното одделение, а која резултира со апсење на осомничениот полицаец Р. Б.“, се наведува во соопштението.
Полицијата додала дека се трага по уште еден осомничен полицаец, а дека е уапсено уште едно лице кај кое е пронајдено оружје.
Акцијата завршила околу 8 часот по што косовската единица се повлекла јужно од реката Ибар.
„Танјуг“ пренесува дека двајцата Срби се уапсени по наредба на специјалниот суд во Приштина. Едниот од нив е полициски истражител на северот на Косово, Раде Басара, кој ја водел истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ и за кого постои сомневање дека ги криел доказите. Вториот осомничен полицаец, кого полицијата не го пронашла, е командант на косовската полиција за северот на Косово, Жељко Боиќ.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, рекол дека синот на Боиќ бил одведен во непознат правец.
Според него, специјалците на РОСУ биле вооружени до заби, а целта била, како што рекол, криминализација на Србите и план да се обвинат за убиството на Ивановиќ. Тој рекол дека упадот на РОСУ бил брутален.
Директорот на српската полиција, Владимир Ребиќ, рекол дека српската полиција во текот на ноќта имала сознанија дека приштинските власти ќе влезат на северот на Косово. Тој рекол дека Белград е спремен да реагира ако дојде до егзодус на српскиот народ, но уверен е дека меѓународната заедница нема да го дозволи тоа.
Тој рекол дека 24 блиндирани возила влегле на подрачјето на северот на Косово спротивно на сите прописи и резолуции.
Оливер Ивановиќ беше убиен на 16 јануари 2018 година. Тој беше лидер на Србите на Косово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

