Регион
(Видео) Двајца загинати во пожари во Грција, многубројни евакуации
Грција се бори со нов бран смртоносни пожари, втор за еден месец, кои веќе однесоа два живота и принудија многу жители да се евакуираат.
Неконтролирани пожари беснеат на североистокот на земјата, на островите Евбеја (близу Атина) и на Китнос и во провинција северно од Атина, придружени со опасна комбинација на силен ветер и температура до 41 Целзиусов степен.
„Имаме девет активни фронта“, изјави за АФП портпаролката на противпожарната служба. „Имавме слична ситуација во јули“, додаде таа мислејќи на претходниот бран пожари, во кој загинаа пет лица.
Во понеделникот вечерта беше издадена наредба за евакуација на болницата во Александрополис, пристаништен град во североисточна Грција, каде што пожарите беснеат веќе четврти ден по ред.
Крајбрежната стража извести дека евакуирала 65 пациенти на траект што чекал во пристаништето.
Во центарот на островот Евбеја во понеделникот вечерта беше издадена наредба за евакуација на индустрискиот град Неа Артаки, каде што во пожарот беа оштетени живинарски и свински фарми.
Пожарот го загрози и националниот парк на северот на земјата, каде што во понеделникот вечерта беше пронајдено тело, најверојатно на мигрант без документи.
Во понеделникот бил пронајден мртов и овчар.
Европската Унија најави дека ќе испрати два „канадера“ стационирани на Кипар и романска противпожарна бригада преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
Екстремно топло и суво време, кое фаворизира појава на пожари, во Грција ќе продолжи до петок, предупредува метеоролошката служба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

