Регион
(Видео) Паднати дрвја, скршени клупи, водопади: невремето го опустоши Белград
Белград денеска повторно го зафати силно невреме.
Според локалните медиуми, градските улици се поплавени, паднаа многу дрвја, а многу возила се оштетени.
Невремето собори огромни дрвја и во близина на Музејот на Југославија.
Поради пороите заглавија многу возила. Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, изјави дека суперќелиските бури стануваат реалност.
„Мораме да ги прифатиме новите временски услови. Суперќелиските бури стануваат наша реалност. Имавме дури и среќа во споредба со регионот и светот. Загреб беше целосно уништен. Количеството на врнежи беше околу 55 литри на метар квадратен. Максималната е околу 60 литри. Ова е количината што вообичаено паѓа за еден месец“, изјави Шапиќ.
Градоначалникот на Белград истакна дека канализацијата не може да прими поголемо количество дожд и дека тоа е проблем и во многу побогатите области и градови.
„Имавме над 250 интервенции од нашите комунални претпријатија, 1.500 работници постојано се на терен, состојбата во градот се стабилизира“, додаде тој.
Дождот буквално предизвика колапс во Белград и делови од градот. Најлошо беше во општините Раковица и Чукарица. Во првиот буквално е создаден водопад, како што може да се види на видеата од социјалните мрежи, додека во Чукарица е снимен гејзер.
Градот беше целосно блокиран, а претходно невремето ги зафати и Рума, Нови Сад и Инџија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама објави укинување на забраната за ТикТок во Албанија
Албанскиот премиер, Еди Рама, објави дека социјалната мрежа ТикТок повторно ќе биде достапна во Албанија.
Во интервју за „Политико“, Рама истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека наскоро ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во таа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани ТикТок пред една година, кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија е меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година, во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа, Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината на алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење на алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа на надлежните органи.
По правило, тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка, Дирекцијата навремено ги информираше сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Во Хрватска во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска, Предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија Анте Шушњар често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

