Регион
(Видео) Пожари беснеат на југот во Грција, илјадници евакуирани

Пожарот што избувна на југот на Грција во средата сè уште беснее и уништува куќи и хектари шумски области. Над илјада луѓе беа евакуирани од шест населени места во јужна Грција.
Во обид да го контролираат пожарот 236 пожарникари беа распоредени во населбата Кенхреи во близина на градот Коринт, заедно со 54 возила, шест хеликоптери и четири авиони.
Засега нема извештаи за евентуални жртви.
Пожарникарите ги евакуирале жителите на селото Атикија, како и децата од блискиот летен камп и неколку други станбени области.
Локалните медиуми јавуваат дека избувнале уште пет пожари во јужна Грција и во други делови на земјата.
Во јули 2018 година Грција претрпе еден од најголемите пожари во својата историја во крајбрежното одморалиште Мати и другите области источно од Атина, во кои загинаа 102 лица. Уништени беа повеќе од илјада дома.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Четири возила се судрија во Србија, изби пожар: загина брачна двојка и уште едно лице

Вчера околу 18.25 часот на патот Меленци-Башаид во северна Србија се случи тешка сообраќајна несреќа. Загинаа три лица, брачна двојка во автомобил со новосадски регистарски таблички и едно лице од Зрењанин, пренесува српски Телеграф.
Во несреќата учествувале три автомобили и еден трактор. Два автомобили се запалиле и целосно изгореле. Тракторот бил смачкан.
На местото на настанот пристигнале седум возила на брза помош. Повредени се четири лица. Двајца се тешко повредени, а двајца полесно.
Регион
Во Газа загина бугарски државјанин, вработен во Обединетите Нации

Бугарски државјанин, вработен во Обединетите нации, е убиен денеска во Појасот Газа, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на првични информации.
Министерството извести дека дополнителни информации ќе бидат објавени откако ќе добијат известување за исходот од истрагата за околностите на инцидентот спроведена од надлежните органи.
Шефот на бугарската дипломатија телефонски разговарал со својот израелски колега Гидеон Сар, кој им изразил сочувство на роднините на загинатиот Бугарин, објаснувајќи дека според досегашните податоци на израелските одбранбени сили, трагичниот инцидент во Газа не е поврзан со нивните акции на копно, воздух или вода.
Обединетите нации повикаа на истрага за нападот на две локации на ОН во Газа, за кој ОН соопштија дека уби еден од персоналот, а рани пет други.
„Генералниот секретар најостро ги осудува сите напади врз персоналот на ОН и повикува на целосна истрага. Тој нагласува дека сите конфликти мора да се водат на начин кој гарантира почитување и заштита на цивилите“, изјави заменик портпаролот на генералниот секретар Фархан Хак на прес-конференција.
Регион
Брнабиќ: Рокот за формирање нова влада е 18 април на полноќ, констатирана е оставката на Вучевиќ

Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека рокот за формирање нова влада почнува утре, 20 март, и изјави дека, според законот, новата влада треба да биде формирана до 18 април на полноќ.
Брнабиќ рече дека доколку до 18 април на полноќ не се формира нова влада, претседателот е должен да го распушти парламентот и да распише парламентарни избори.
Таа на прес-конференција во српското Собрание, по седницата на која беше констатирана оставката на премиерот Милош Вучевиќ, рече дека со констатацијата на оставката во парламентот и официјално е завршен мандатот на владата.
„Српскиот парламент, во согласност со член 132 од Уставот, ја призна оставката на премиерот, а со тоа и официјално заврши мандатот на Владата на Милош Вучевиќ. Од утре, 20 март, почнува рокот за формирање нова влада“, рече Брнабиќ.
Таа додаде дека, според Уставот, процедурата сега ја презема претседателот на Републиката, кој треба да предложи нов мандатар.
„Крајниот рок за формирање нова влада е 18 април на полноќ. Вучиќ треба да предложи мандатар, а мандатарот на Собранието да ги предложи програмата на новата влада и предлогот на членовите по што пратениците ќе се изјаснат за своите ставови“, изјави Брнабиќ.
Таа посочи дека доколку до тој рок не се избере нова влада, претседателот е должен да го распушти Собранието и да распише избори.
Како што наведе таа, изборите треба да се одржат од 45 до 60 дена од денот на распишувањето, што во овој случај би било почетокот на јуни.