Регион
(Видео) Пожарникарите во Црна Гора плачат од среќа – дождот ги изгасна големите пожари кои беснееја со денови
Ситуацијата во Црна Гора се смири по неколку дена катастрофални шумски пожари!
Силен дожд со поројни врнежи зафати многу подрачја и им помогна на пожарникарите. Речиси насекаде во Пипери падна дожд, освен на Риека Пиперска, каде што остана единственото активно жариште кое и понатаму се шири кон Дромири и Купини и уште подалеку во правец на Трмањ и Платија. Таму сè уште е суво.
Од Службата за заштита и спасување на главниот град прогласија победа над пожарите околу Подгорица.
– Заедно успеавме – наведоа од Службата за заштита и спасување.
Истовремено им се заблагодарија на сите граѓани, претпријатија, служби, војската и колегите пожарникари од цела Црна Гора, но и од странство.
– Ви благодариме за несебичноста, за секоја капка пот, за солзите и тагата, за грижата, поддршката и надежта. Благодариме за насмевката што ни ја упативте кога се гледавме очи в очи на теренот, за мавтањето додека поминувавме по патот, за сè што споделивте со нас во овие тешки денови. Вашата поддршка беше нашата сила да издржиме и да ја победиме огнената стихија – соопштија од Службата.
Се огласи и потпретседателот на Собранието на главниот град, Драгутин Вучиниќ.
– Пиперски Бротњик во овој момент е без оган! Благодарност до сите што учествуваа во гаснењето на пожарите во Пипери и низ цела Црна Гора. Голем поздрав од Поток – Пипери! Хеликоптерот си замина во база. Со среќа! Крај – рече Вучиниќ.
Како што соопштија од Пожарникарската служба Никшиќ, дождот што денеска падна и кој сè уште врне на некои места, ги изгасна активните пожари во местата Пиштете, Дубрава и Дуга. Остана само пожарот во Петровиќи, кој е активен во текот на целиот ден, но не ја загрозува имотната состојба, односно куќите, бидејќи се прошири високо во планината, јавува РТЦГ. Според последните информации од теренот, дожд почнал да паѓа и во Петровиќи, па пожарникарите се надеваат дека и тој пожар ќе биде изгаснат.
– Се разбира, ќе ја следиме состојбата во текот на ноќта, за да видиме како стојат работите – соопштија пожарникарите.
Најмногу се израдуваа пожарникарите, кои од среќа заплакаа.
Во текот на ноќта Црна Гора ќе ја зафати уште еден дождовен бран со порој и грмежи.
Засега не е познато до кога ќе останат екипите од странство.
Да потсетиме, изминатите денови голем број луѓе учествуваа во гаснењето на пожарите, а на помош пристигнаа и авиони. Ситуацијата беше најкритична на подрачјето на Подгорица, Никшиќ, Бјело Поље, Чањ, Будва…
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

