Регион
(Видео) Пожар во Грција: Во Александрополис горат куќи

Голем пожар беснее во грчкиот град Александрополис, меѓу населбите Агнација и Антија, а противпожарните единици се борат да го локализираат при неповолни услови на силен ветер, јавуваат локалните медиуми.
Пожарот напладне ја премина Игнација Одос каде сообраќајот беше рано запрен и се движи кон југозападен правец бидејќи дува североисточен ветер со јачина од 6-7 бофори.
Сите спасувачки екипи се на терен. Покрај копнените сили на Противпожарната служба, има и армија, полиција, доброволци и вкупно 14 ротирачки авиони и четири хеликоптери кои го гаснат пожарот од воздух.
Во пожарот изгореа куќи и автомобили во Етохори и Пефка каде е причинета голема материјална штета. Во исто време во близина на куќите пожарот го зафатил и селото Агнадија.
На граѓаните во седум села во регионот на Еврос, на североистокот на Грција, во текот на денот им било кажано да се подготват за евакуација, преку итна порака поради шумски пожар.
Првата порака стигна до жителите на Нипса, Етохори и Пефка, додека втората порака беше испратена до луѓето во Лутрос, Агнација, Аристин и Дорик.
Според противпожарната служба во моментов нема непосредна опасност за овие населени места, но поради силниот ветер и чадот најавена е евакуација на населението.
Во исто време, според претседателот на Комората на Еврос, Христодулос Топсидис, штети од големиот пожар претрпеле и бизниси.
Надлежните поради густ чад го затворија автопатот Игнација во двата правци до раскрсницата на индустриската зона Александрополис. Сообраќајот е пренасочен по патниот правец Ферон-Александрополис, а се молат возачите и граѓаните да бидат особено внимателни и да ги следат упатствата на полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Плинска боца експлодира во стан на српски туристи во Грција, има повредени

Пет туристи од Србија се повредени денес во експлозија на плинска боца во изнајмена соба во Аспровалта, во регионот на Солун, од кои еден доби тешки изгореници, објавува Катимерини.
Несреќата се случила денес околу 15:30 часот под сè уште неразјаснети околности.
Најтешко повреден е 41-годишен маж, кој се здобил со изгореници, додека другите се здобиле со повреди од скршено стакло, објавува Катимерини, додека Прототема објавува дека маж со изгореници од прв и втор степен и жена со изгореници од прв степен се пренесени во свесна состојба во Општата болница во Солун.
Полицијата го уапси 86-годишниот сопственик на куќата, а надлежните органи ги истражуваат причините за несреќата.
Регион
Полицијата на Истра уапси Германец: снимал голи деца со рачен часовник

Истарската полиција приведе германски државјанин (31), кој е обвинет за експлоатација на деца за порнографија откога е откриено дека снима голи деца на плажа со рачен часовник со интегрирана камера.
Граѓаните ја известиле полицијата во вторникот околу 18 часот кога забележале дека мажот снима деца со рачен часовник. Полицијата ги претресла неговите простории, автомобилот и друга техничка опрема и пронашла инкриминирачки снимки. Еден ден подоцна тој бил предаден на притворската единица на Полициската управа на Истра со кривична пријава.
„Полицијата апелира до родителите да ги следат своите деца и да гледаат каде се и што прават на плажа. Облечете ги вашите деца во костими за капење, а доколку забележите сомнително лице што снима деца, веднаш известете ја полицијата на 192“, велат од полицијата додавајќи дека ваквите акции покажуваат дека јавноста е сè повеќе свесна за проблемот со снимањето деца и дека препознавањето на сомнителното однесување овозможува навремен одговор и апсење на сторителот“.
Фото: принтскрин
Регион
Словенците воведуваат скратена работна недела за оние што се блиску до пензија

Од 1 јануари 2026 година во Словенија делумно ќе стапи во сила закон кој претставува вистинска револуција на пазарот на трудот. Освен зголемување на надоместоците за невработеност и јавни работи, како и олеснување на пристапот до пазарот на трудот за младите, студентите, но и пензионерите, законот ќе им овозможи на лицата што се блиску до пензија да ја намалат работната обврска.
Конкретно, работниците постари од 58 години, како и оние со најмалку 35 години работен стаж, практично ќе може да изберат помеѓу слободен петок или скратен работен ден во траење од шест часа, потврдија од Министерството за труд, семејни и социјални прашања и еднакви можности за словенечките медиуми.
Според моделот наречен 80-90-100, што значи 80 отсто работно време, 90 % плата и 100 % уплатени придонеси – Словенија делумно ќе ги преземе искуствата на земји како Исланд, Ирска и Германија. Во овие земји ваквите закони довеле до позитивни ефекти, како зголемена продуктивност, помалку отсуства од работа и поголема ефикасност. Словенците веќе имаат неколку пилот-проекти, претежно во технолошки компании, кои покажале слични резултати.
Од Министерството за труд најавија дека, доколку измените се покажат успешни, ќе се оди во насока на дополнителна либерализација на прописите. До крајот на 2028 година се очекуваат и промени, како додаток за работа во сабота, задолжителен божиќен бонус за сите вработени, па дури и воведување 38-часовна работна недела.
Во оваа прва рунда на измени донесени се и други мерки. Така, од 2026 година невработените Словенци ќе имаат повисоки надоместоци за невработеност. Максималниот износ што ќе го примаат во првите три месеци по отказ или раскин на договорот за работа ќе изнесува 130 проценти од просечната минимална бруто-плата во државата, што моментно е нешто повеќе од 1.660 евра. Ако ни по три месеци, не најдат нова работа, ќе имаат право на 110, па 100 отсто, па сè до 70 проценти од просечната минимална бруто-плата.
Значајни промени и зголемени надоместоци ги очекуваат и учениците, студентите и учесниците во јавни работи, кои покрај повисоки минимални часовни тарифи, ќе имаат и подобрени работни услови. Планирани се и стимулации за вработување невработени лица постари од 59 години во износ од 40 проценти од месечниот нето-надоместок, а оваа категорија ќе има право на зголемен број дозволени часови за привремена или повремена работа. Месечното ограничување за работа на пензионерите се зголемува од 60 на 85 часа месечно, соодветно со зголемување на максималниот годишен приход.
Законот на крајот беше усвоен по итна постапка бидејќи неговото донесување беше услов за повлекување 140 милиони евра европски средства за оваа цел.