Регион
(Видео) По протестите во Белград, надлежните тврдат дека студентите ќе останат во домовите
По синоќешните протести во Белград, надлежните тврдат дека студентите нема да бидат иселени од домовите поради експанзијата на заболени од коронавирус.
„По синоќешното гостување на претседателот на Србија на РТС и пораката дека студентските домови ќе бидат затворени и дека академиците кои не се од Белград ќе мора да се вратат дома, се појави вистинска мешаница“, вели министерот Младен Шарчевиќ.
„Тие остануваат во студентските домови и не станува збор за компромис. Студентската поликлиника испрати лоша порака кога од таа институција беше соопштено дека од коронавирус заболеле над 3200 студенти“, додава тој.
Но, се покажало дека се заразени само 20 студенти од студентските домови. Тоа, како што вели тој, е случај во Белград, додека во другите градови или нема заразени лица во домови или тој број е минимален, објасни министерот.
Протестите се случија по најавите дека српскиот претседател Александар Вучиќ од денеска да ги затвори сите студентски домови поради порастот на бројот на заразени од коронавирус во главниот град. Тоа предизвика незадоволство меѓу студентската популација, која синоќа почна да се собира на улиците.
Најголемиот собир бил во Студентскиот град, но и во студентскиот дом „4 Април“, каде што незадоволните студенти излегле и блокирале една од улиците.
„Полицијата дојде и си замина. Атмосферата е одлична. Ништо не е готово и ние нема да заминеме сè додека не се реши ситуацијата. Нема лидер на протестите“, истакна еден од студентите.
Меѓу младите биле забележани пароли „Правда за студентите“. Некои од студентите ги повикувале станарите од околните згради да им се придружат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Вучиќ утрово го посети Дачиќ: Неговата состојба е нешто подобра
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е малку подобра. Вучиќ го објави ова од авионот, пренесува РТС.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е малку подобра. Верувам во него, а сега на пат кон Казахстан за одлични резултати за нашата Србија“, напиша Вучиќ на својот профил на Инстаграм.
Тој додаде дека закрепнувањето на Дачиќ е во тек, но дека претпазливоста е сè уште неопходна.
„Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и ништо не е сигурно, но е подобро, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат“, рече Вучиќ.
Регион
„Следните 72 часа се клучни“: Се огласи доктор од клиниката каде што се лекува Дачиќ
Српскиот вицепремиер и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија.
Заменик-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера вечер за Танјуг изјави дека ситуацијата е многу тешка и дека министерот Дачиќ има тешка пневмонија и дека следните 72 часа ќе бидат клучни.
– Тој моментално е на механичка вентилација – респиратор, прима сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот – рече д-р Попевиќ.
Докторот прецизираше дека министерот Дачиќ е хоспитализиран во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија.
Попевиќ додаде дека засега не може да даде никаква прогноза.
– Прерано е, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент – рече Попевиќ.
Дачиќ вчера беше посетен и од српскиот претседател Александар Вучиќ и членови на владата.
Регион
(Видео) Вучиќ за состојбата на министерот Ивица Дачиќ: Се молиме за него
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ е примен на полуинтензивна нега во Клиничкиот центар на Србија и е во сериозна состојба.
Дачиќ моментално е на апарати и е во критична состојба. Дијагностициран му е билатерална пневмонија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ даде изјава пред Клиничкиот центар на Србија:
„Вицепремиерот на Србија и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е во тешка ситуација“, кажа претседателот на Србија пред Клиниката за пулмологија во Клиничкиот центар на Србија, каде што го посети со членови на владата.
„Ги посетивме сите заедно вицепремиерот и претседателот на Социјалистичката партија на Србија, тоа е тешка ситуација, но веруваме во лекарите и веруваме во него и се молиме за него“, рече Вучиќ.
Според лекарот што го лекува министерот Дачиќ, ситуацијата е многу тешка, Дачиќ има тешка пневмонија.
„Тој моментално е на механичка вентилација, односно респиратор, прима сè што му е потребно, ја прима најдобрата антибиотска терапија, со тој респиратор купуваме време потребно за тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тој беше примен на Клиниката за пулмологија околу 16:30 часот. Следните неколку дена ќе ни дадат повеќе одговори, се надеваме на најдоброто“, рече д-р Попевиќ, кој го лекува Дачиќ.

