Регион
(Видео) Суспендирани двајца полицајци кои во Мостар претепаа момче поради кршење на мерките
Главна тема во БиХ деновиве е видеото снимено во Мостар на кое се гледа како двајца полицајци брутално тепаат момче.
Снимката прво беше објавена од порталот Поглед.ба, а наскоро беше пренесена и од други медиуми во БиХ.
Видеото е направено вечерта на 10 април, а на него се гледа како млад човек трча кон влезот на зграда. Наскоро го стигнува еден полицаец, а потоа и друг.
Настанот најверојатно е снимен од надзорната камера поставена на влезот од зградата. Полицајците дивјачки го претепале момчето. Прво со раце, а потоа и со нозе.
Подоцна се дозна и идентитетот на жртвата на полициската бруталност, Славен Блажевиќ, кој во изјава ја раскажал својата страна на приказната и дал детали за нападот:
„Бев кај пријател во соседната зграда и во тие моменти одев кон мојата зграда. На пат кон дома забележав полициско возило како застанува малку подалеку од мене и во тој момент побрзав да влезам во зградата свесен дека го прекршив законот за забрана за движење, во обид да избегнам можна казна“, рекол тој на почетокот од своето објаснување:
„Како и да е, полицијата ме фати пред зградата. Видеото покажува што се случи понатаму. Се извинив што го прекршив полицискиот час, понудив да ја платам казната, но тие почнаа да ме удираат. Потоа, ме одведоа во полициска станица. Во возилото неколку пати им реков дека не ми е добро. Во станицата ми издадоа налог на кој пишуваше дека сум го прекршил правилото за движење. Никаде не беа споменати повредите, само пишуваше дека сум ја прекршил забраната за движење од 21 до 5 часот. Откако го напишаа прекршочниот налог, ме пуштија да одам дома пеш“, изјавил Славен за Поглед.ба, додавајаќи дека на пат до дома тој постојано стравувал дека повторно ќе биде зaпрен поради прекршување на забраната.
„После тоа, отидов на итен медицински преглед, сам, бидејќи не се чувствував добро. Дури и повраќав неколку пати додека одев кон дома“, објаснува тој.
Исто така за медиумите потврдил дека ангажирал и адвокат, односно дека ќе покрене приватна тужба против двајцата полицајци.
Полицијата веќе му се извини на момчето и соопшти дека полицајците се суспендирани, а случајот му е предаден на Обвинителството.
„Двајцата полицајци веднаш беа отстранети од должноста, започната е внатрешна истрага за да се испитаат сите аспекти на ваквото однесување и да се утврди постоењето на елементи на кривична одговорност на полициските службеници. Првичните информации за настанот беа проследени до Обвинителството. Ваквото однесување и вакви личности не можат и не смеат да имаат место меѓу полициските службеници“, се наведува во соопштението на Министерството.
Попладнево стотици граѓани на Мостар се собраа пред две полициски згради во центарот на градот во знак на протест против полициската бруталност над младиот човек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Хрватска испраќа четири авиони за Хрватите заглавени во Дубаи
Хрватска испраќа четири авиони на „Кроација ерлајнс“ во Дубаи за да ги врати хрватските граѓани заглавени во Обединетите Арапски Емирати поради војната меѓу САД и Израел против Иран, објави Министерството за надворешни и европски работи (MVEP).
„Утре и во наредните денови испраќаме четири авиони на „Кроација ерлајнс“, со можни дополнителни опции“, се вели во соопштението.
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман се договори со министерот за надворешни работи на ОАЕ, Абдула бин Зајед Ал Нахјан, за два авиони од локална авиокомпанија што ќе ги транспортираат хрватските граѓани од Дубаи, рече Зрињевац.
Во Обединетите Арапски Емирати моментално има околу 2.000 хрватски граѓани кои живеат таму, од кои 300 сакаат да бидат репатрирани, а има и 460 туристи кои, исто така, сакаат да се вратат во својата татковина.
Досега, хрватски државјани се евакуирани од Израел, Јордан и Бахреин. „Успеавме да ги евакуираме сите хрватски државјани од Израел, Јордан и Бахреин, а наскоро и аџиите од Израел, кои се на лет преку Лион на пат кон Загреб, ќе пристигнат дома“, соопшти министерството.
Од Оман, каде што имаше 23 хрватски државјани, 12 беа евакуирани со лет преку Истанбул до Загреб. Останатите 11 имаат можност да одат во Дубаи, изјави претходно Грлиќ Радман.
Хрватската амбасада во Доха, исто така, обезбеди 30 места на летот на австриската компанија од Ријад во четврток, па затоа министерството ги повикува заинтересираните што е можно поскоро да се регистрираат за тој лет, на кој приоритет ќе им се даде на децата, болните лица, бремените жени и членовите на нивните семејства.
фото/Depositphotos
Регион
Српските патници кои беа евакуирани од Дубаи: „Ни рекоа за 15 минути да се спакуваме“
Авион на „Флај Дубаи“ од Обединетите Арапски Емирати со 200 државјани на Србија слета утрово во Белград. Тоа е првиот лет кон Србија по прекинот на летовите поради тензиите на Блискиот Исток.
Како што пренесе РТС, една патничка која утрово слетала во Белград патувала од Кенија преку Дубаи. Таа изјавила дека околу три часа ги „држеле горе на небото“, по што слетале.
Двојка од Бачка Паланка допатувала од Малдивите.
„Слетавме во Дубаи и патувањето требаше да продолжи понатаму. Авионот полета, кружеше некое време и повторно се врати на аеродромот во Дубаи од безбедносни причини. Во меѓувреме се случи тоа што се случи со Иран“, изјавиле патниците за РТС.
На прашањето дали почувствувале страв, тие одговориле дека не.
„Не, бевме сместени во еден хотел кој е на околу 20 километри од центарот на градот, така што слушнавме некои детонации, но не се плашевме, имавме прекрасна група“, велат тие.
„Прво се јавивме во нашата амбасада, која направи список на патници што се најдоа на аеродромот во Дубаи, дури и амбасадорот нè посети во хотелот и му благодариме за тоа. Имавме идеални услови во хотелот и чекавме да нè известат за враќањето, а буквално ни беше кажано за 15 минути да се спакуваме“, навеле патниците.
Регион
Авион од Дубаи слета во Белград, евакуирани 200 српски државјани
Авион од Дубаи со 200 српски државјани слета денес во Белград, откако летовите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија беа суспендирани поради тензиите на Блискиот Исток.
Првиот авион со 200 патници полета од аеродромот во Дубаи синоќа, објави Радио телевизија Србија (РТС).
Аеродромот во Дубаи објави дека првиот лет од Обединетите Арапски Емирати до Србија, по суспензијата на воздушниот сообраќај, полетал околу 23:30 часот по централноевропско време.
Авионот е Боинг 737 MAX 8, со капацитет од 162 до 200 патници, управуван од авиокомпанијата „Флајдубаи“.
Во меѓувреме, авиокомпанијата Емирати објави дека го продолжува сообраќајот со реализација на ограничен број летови.
„Приоритет им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои се прераспределени на овие ограничени летови ќе бидат контактирани директно од компанијата Емирати“, се вели во соопштението.
Компанијата ги повика патниците да не доаѓаат на аеродромот освен ако не бидат однапред известени, додавајќи дека сите други летови остануваат суспендирани до понатамошно известување.
Летовите беа откажани поради американско-израелската воена кампања започната во саботата против Иран, во која загинаа неколку високи ирански функционери, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи.
Како одговор, Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, како и врз неколку земји во регионот каде што се наоѓаат американски воени објекти.

