Регион
(Видео) Водено торнадо на плажа на Халкидик

Водена „пијавица“ или водено торнадо е снимено во Грција за време на невреме.
„На плажата Ксенија, на Касандра, сместена во заливот, на околу четири километри од едно од омилените летувалишта на Србите и Македонците – Пефкохори. Блиску е и до местото Паљури“ пишува на објавата на социјалните мрежи.
Застрашувачка глетка ги вознемирила туристите, огромно торнадо кое се формирало одеднаш, недалеку од брегот.
На социјалните мрежи можеше да се прочита коментар: „Чест и познат временски феномен. Тоа се случува речиси секоја година. малиот сега е поголем по големина. Опасност за чадори. Нема врска со еколошка хистерија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Во Тирана почна самитот на европската политичка заедница

Шестиот самит на европската политичка заедница под мотото „Нова Европа во нов свет“ се одржува во Тирана, на кој учествуваат лидери од повеќе од 40 европски земји, меѓу кои и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Домаќини на самитот се албанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, а една од темите на средбата е поддршката за европската интеграција на Западен Балкан, економската соработка, енергетската безбедност и зелената транзиција.
Премиерот на Албанија ги пречека лидерите и официјалните лица кои учествуваат на самитот на плоштадот Скендербег во Тирана, а на самитот присуствуваат лидерите на земјите од регионот, претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, премиерката на Италија Џорџа Мелони, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност.
На самитот присуствува и македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, кој од вчера најавува дека ќе биде слушната убава вест за македонските граѓани.
Дискусиите ќе се одржат на неколку тематски сесии на високо ниво, со фокус на безбедноста и демократската стабилност на Европа, конкурентноста и економската безбедност, сложената динамика на миграцијата и војната меѓу Русија и Украина.
На крајот на самитот ќе се одржи прес-конференција, која заеднички ќе ја водат домаќинот на средбата Рама и премиерката на Данска, Мете Фредериксен, чија земја следната година ќе биде домаќин на Самитот на Европската политичка заедница.
Регион
(Видео) Снег во Србија и во Црна Гора

На Копаоник од утрово вее слаб снег, а според податоците на Републичкиот хидрометеоролошки завод, во 7 часот температурата на оваа планина била нула степени.
Лапавица има и во Сјеница, на Златибор утрово се измерени 2 степена, а на Црн Врв – 3.
Планинскиот превој Јабука, на надморска височина од 1.250 метри, утрово осамна под снежна покривка.
„Бевме изненадени од овој снег, а уште поизненадувачки е што сè побеле како во јануари. Паѓаат големи снегулки како среде зима“, вели жител на Јабука.
Поради ниските температури и снегот што паѓа во ова погранично село од раните утрински часови, на возачите што се наоѓаат на овој планински превој им се препорачува да бидат дополнително внимателни, особено поради можноста за појава на мраз.
На другите места во Србија температурата е под 10 степени, освен во Заечар, Неготин и Димитровград, каде што се измерени 11 степени.
Во мај снег падна и во Жабљак, има и во Мојковац, а во другите делови на Црна Гора е значително постудено со врнежи од дожд.
Регион
Милановиќ: Хрватска расте, но не се развива

Хрватска расте, но не се развива, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој на почетокот на оваа година доби уште еден петгодишен претседателски мандат, со најавата дека повеќе нема да се кандидира на избори за која било позиција.
На Деновите на комуникациите во Ровињ, кои почнаа вчера попладне, Милановиќ зборуваше за глобалните предизвици, политичката средина и за важноста на комуникациите, особено во времето на технолошкиот напредок тврдејќи дека Хрватска останала на одредено ниво во последните 30 години, без оглед на разните промени.
„Хрватска остана во рамките на истата парадигма, истите две партии, слични конфликти на идеологии, истите приказни и обвинувања едни против други“, рече Милановиќ на отворањето на Денот на комуникациите.
Тој додаде дека Хрватска „со сите нови алатки, со вештачка интелигенција, сè уште стои во место, скалите се исти, целите се слични, а БДП расте“.
Во такви околности, според претседателот, Хрватска мора да се праша каде е како мала земја во денешна Европа. „Едноставно, Хрватска расте во значителна мера, но не се развива на вистински начин. Ние сме даватели на услуги, а оваа услуга што ја обезбедува Хрватска и од која живее релативно пристојно е нешто многу лабилно и не е нешто што гарантира континуитет и неповредливост“, рече Милановиќ, пренесува „Танјуг“.
Зборувајќи за положбата на Хрватите во Европа, Милановиќ вели дека нација, како Хрватска, Унгарија, Германија, Австрија и речиси сите европски земји, е првенствено ориентирана кон себе, а во нејзината основа е себичноста, а не злобата.
„Сите го прават тоа, некои зборуваат малку премногу за тоа, како унгарскиот премиер Виктор Орбан, но во основа сите се однесуваат така“, рече Милановиќ.
Тој додаде дека Хрватска во таква Европа се бори за својот простор, за својата безбедност и за својата одбрана. „Во такви околности се обидуваме да привлечеме внимание кон себе, притоа внимавајќи никому премногу да не му забележиме и да добиеме нешто за себе, односно да сме заштитени од надворешни влијанија и од силата на потенцијалните непријатели“, рече Милановиќ. Милановиќ исто така рече дека повеќе нема да се кандидира за никаква политичка функција.
„Како што времето минува, и во мојата епизода времето минува. Повеќе нема да бидам кандидат за претседател или за што и да било во политиката. Полека сумирам некои работи. Сфаќам дека е убаво да се биде во стадото, но во стадото и смрди“, заклучи Милановиќ, објави „Хина“.