Регион
Вооружен маж уапсен во близина на зградата на хрватската претседателка
По пријава од граѓанин, хрватската полиција уапси маж кој бил вооружен и бил забележан како оди и стои во близина на зградата каде што живее претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, објави дневник.хр.
Човекот стоел во близина на зградата на крстосницата на улицата Звонимир и Бауер, додаваат медиумите.
Според „Јутарни лист“, вооружените сили излегле на терен веднаш по пријавата, а на себе носеле панцири и шлемови.
„Околу 15 часот добивме повик дека непознато лице оди по улицата Звонимир, а во рацете имало оружје. По брзата реакција на полицијата, лицето беше уапсено, а ситуацијата ставена под контрола. Уапсеното лице е донесено во простории на полицијата со цел негово испрашување. Ние сме многу благодарни на граѓанинот кој веднаш откако забележал пријави во полиција“, изјавиле од полицијата за дневник.хр.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бања Лука ќе ја дочека Новата година без огномет – загадениот воздух ги менува празничните навики
Градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, најави нов сет мерки за борба против загадувањето на воздухот, меѓу кои и одлука оваа година да нема новогодишен огномет, пренесува Klix.ba.
Како што изјави Станивуковиќ, одлуката е донесена по консултации со стручни лица, поради сериозната состојба со загадениот воздух во градот. Потврдено е и дека за време на новогодишните празници нема да се користи пиротехника, бидејќи дополнително ја нарушува квалитетата на воздухот.
Меѓу најавените мерки е и задолжителна вградба на филтри на оџаците, со можност тие да бидат субвенционирани. Градот планира и воведување електрични автобуси, зголемување на субвенциите за јавниот превоз, како и построги технички прегледи на возилата.
Станивуковиќ најави засилени инспекциски контроли на сите потенцијални загадувачи и продолжување на зелените проекти, како садење дрвја, зелени бариери и проширување на системот за централно греење.
Тој истакна дека чистиот воздух не е политичко, туку здравствено прашање и повика на соработка со институциите за долгорочни решенија.
Фото: pexels
Регион
(Видео) Голем пожар во Хрватска: Над 60 пожарникари на терен, се слушале експлозии
Пожарот што синоќа избувна во објект на хрватската компанија „ЦИАК“ во Забок, која складира и третира опасен отпад, е ставен под контрола, соопшти претседателот на Противпожарната заедница на Крапинско-загорската жупанија, Стјепан Скулибер, пренесе Танјуг.
„Пожарот сè уште не е целосно изгаснат, но е под контрола. На терен останаа седум пожарникари со три возила, а во текот на утрото ќе продолжи догасувањето и внатре во објектот“, изјави Скулибер.
Тој потврди дека вработени од Наставниот завод за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“ извршиле мерења на квалитетот на воздухот на местото на пожарот и во околните населени места Забок, Орославје и Велико Трговишче, а резултатите се очекуваат во текот на денот.
Околу 3:30 часот наутро, жителите на Хрватско Загорје добиле предупредувачка порака преку системот HR112 ALERT за потенцијална опасност поради пожарот во компанијата ЦИАК од Забок.
Компанијата во индустриската зона располага со хали и погон за рециклирање акумулатори, а локалните медиуми објавија дека на терен биле ангажирани повеќе од 60 пожарникари. Според порталот Zagorje.com, целата зграда била зафатена од оган и се слушале експлозии, при што станува збор за објект во кој се складира опасен хемиски отпад.
На местото на настанот пристигнала и градоначалничката на Забок, Валентина Ѓурек, која изјави дека дел од конструкцијата веќе е урната, но дека во тој момент немала дополнителни информации.
Од полицијата за Хина изјавиле дека пожарникарите интервенираат и дека засега не можат да дадат повеќе детали. Хрватските медиуми наведуваат дека во гаснењето учествувале пожарникари од јавната пожарникарска станица на Загорје и уште осум доброволни противпожарни друштва од околината.
Регион
Вучиќ бара наследник на функцијата претседател, се споменуваат четири имиња
Речиси е сигурно дека Александар Вучиќ повторно ќе се кандидира за премиер на Србија, но кој ќе биде кандидатот на Српската напредна партија за претседател останува главната непозната. Соговорниците на белградскиот портал „Данас.рс“ се согласуваат дека СНС нема доволно харизматична личност сама да ги добие претседателските избори, поради што Вучиќ наводно планира да ги одржи парламентарните и претседателските избори на ист ден.
Дури и самата Српска напредна партија не знае со сигурност кој е фаворит на Вучиќ за негов наследник. Иако за тоа не се дискутира на партиските состаноци, низ ходниците се шири приказната за желбата на сегашниот претседател жена да го наследи на таа позиција, слично како што Ана Брнабиќ еднаш го наследи како премиер.
На прашањето дали веќе има некои имиња во трка, соговорниците од СНС одговараат дека претседателот е тој што се грижи за сè. „Важно е да направиме добра кампања и да нема втор круг избори“, нагласуваат тие, избегнувајќи шпекулации за имиња.
Мирослав Паровиќ од Движењето за народна слобода тврди дека СНС разговара за кандидати. Според него, Вучиќ, како што му е стара навика, им ветил кандидатура на неколку лица.
„Еден од нив е Милош Вучевиќ, претседателот на СНС. Тука е и Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, бидејќи Вучиќ се обидува да ја протурка приказната преку одредени канали дека жена сега треба да биде претседател на Србија. Тој, исто така, му ветил на Никола Селаковиќ, сè за да може да продолжи да го напаѓа ТОК, но и Александар Вулин, кој сега почнува лажни приказни дека е потребно да се оди на референдум за непостоечкиот ‘српски свет’“, пишува „Данас.рс“.
„Ова се барем четири имиња за кои Вучиќ вети дека ќе бидат можни кандидати, но веројатно има некои луѓе во оптек кои од нигде никаде ќе се кандидираат, исто како што некогаш направи со Ана Брнабиќ“, смета Паровиќ.
фото/депозитфотос

