Регион
„Во Грција владее правото“ – Атина реагира по обвинувањата на Милановиќ дека хрватските навивачи се држат како воени затвореници
Откако хрватскиот претседател Зоран Милановиќ остро ја обвини Грција дека „хулиганите од редовите на Бед Блу Бојс ги третираат како воени заробеници“, стигна и првата официјална реакција на Атина.
Одговарајќи на новинарско прашање, портпаролот на грчкото МНР, Стратос Ефтимиу рече дека „во Грција владее правото“. Тој додаде дека независното грчко судство „ќе го суди овој случај непристрасно и објективно“ и дека грчката држава секогаш гарантира почитување на законитоста и интегритетот на сите оние кои се во затворите.
„Секакви изјави кои ја искривуваат реалноста не придонесуваат за сегашната ситуација“, изјави Ефтимију, повикувајќи се на изјавите на хрватскиот претседател, пренесува „Индекс.хр“.
Претседателот Милановиќ претходно рече дека хрватските навивачи во Грција се заробени како да е војна, дека ги третираат како плевел и оцени дека односот на грчките власти кон нив нема врска со правото, демократијата и почитувањето на човечки права.
„Не е правна држава! Овие луѓе се третираат како воени заробеници. Да бев премиер ќе размислував што ќе правам. Не е лесно. Ова се граничи со воено право. Тие се третираат како заробена единица“ изјави Милановиќ вчера, коментирајќи го испраќањето на сите хрватски навивачи во истражните затвори низ Грција.
Тој додаде дека за такво можно сценарио зборувал пред неколку дена, плашејќи се дека тоа ќе биде „колективна етичка казна“.
„Сега можам да навлегувам во причините зошто тоа е направено и зошто токму во Грција и што треба Грција да добие од УЕФА и зошто им е важно одговорноста да ја пренесат на стотина Хрвати. Колку Грци се во притвор?“, праша Милановиќ.
Тој потсети дека на грчките власти – и по пет дена од приведувањето на навивачите без објаснување – не им било доволно да идентификуваат кој е одговорен, туку сите ги привеле.
„Имате пет дена да соберете една група луѓе, па да ги затворите сите и да ги расфрлите низ цела Грција за да ги тепате и силувате. Одлично, тоа е ЕУ“, рече претседателот Милановиќ.
Тој оцени дека ваквиот третман нема никаква врска со владеењето на правото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Американец загина во Словенија: се искачувал на Триглав
Американски државјанин загина во Словенија, најверојатно откако паднал од планинарска патека на Алпите, соопшти словенечката полиција.
Семејството на 33-годишникот изјави дека тој тргнал на планинарење во понеделник наутро до Триглав, највисокиот врв во Словенија, а потоа исчезнал, објави словенечката новинска агенција СТА.
Неговото тело е пронајдено вчера околу 1 часот наутро на дното од планинарска патека. Полицијата соопшти дека првичните наоди укажуваат дека паднал по стрмна падина.
Идентитетот на починатиот не е објавен.
Словенија е популарна дестинација за планинари и алпинисти поради бројните патеки во Јулиските Алпи.
Регион
Самит ЕУ-Западен Балкан без Србија: Вучиќ вели дека никој нема да оди во Брисел
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема да оди во Брисел на Самитот ЕУ-Западен Балкан, односно дека Србија нема да има свој претставник.
„За прв пат во последните 13 или 14 години, ниту јас ниту некој друг нема да одиме на таа меѓувладина конференција. Никој нема да ја претставува Република Србија, па затоа Западниот Балкан ќе биде без Република Србија“, изјави претседателот за РТС.
Тој изјави дека донел таква одлука за да не биде обвинет никој друг и дека Владата нема да трпи никаков притисок.
Тој рече дека во претходните 24 часа разговарал со голем број европски лидери.
„Искрено сум благодарен за почитта што Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта ја покажаа кон Србија. Исто така, сум благодарен и на претседателот Макрон, со кого разговарав синоќа. Сметам дека сè што правам, го правам за граѓаните на Србија. Без оглед на тоа што знам дека оваа одлука ќе предизвика критики, и во Брисел и од оние кои секогаш критикуваат, дури и кога не знаат точно што критикуваат. Верувам дека со ова ја штитам Република Србија и нејзините интереси, бидејќи мора да покажеме што сме направиле“, рече Вучиќ.
Тој повтори дека Србија ќе го продолжи својот европски пат додека тој е претседател, а потоа, како што рече, ќе видиме, пренесува РТС.
Фото: депозитфотос
Регион
ГП Евзони блокиран поради протестот на грчките земјоделци
Денеска во 18:00 часот поради протестот на грчките земјоделци, ГП Евзони е блокиран за сите видови на сообраќај за влез во Р. Грција, соопшти АМСМ.
Од таму додаваат дека граничниот премин за излез од Грција работи само за тешки моторни возила.

