Регион
Во повеќе градови во Бугарија големи протести против злоставувачите на животни: „Сакаме затвор, а не парични казни“
Во повеќе градови во Бугарија и денес се одржа сенароден протест за одбрана на животните.
Во Софија незадоволните граѓани кренаа плакати: „Доживотен затвор за изродите“, Стоп за злоупотреба на животни, Затвор за убијци на животни“.
Демонстрантите повторно побараа затвор за злоставувачите на животни, а не парични казни. Тие носеа и натписи: „Нема оправдување за оваа тортура“.
Во Бургас се одржа втор протест против насилството во сите негови форми. Пред зградата на судот, стотици граѓани, заедно со нивните миленици, се собраа да побараат правда, пренесе „БГНЕС“.
„Ова мора да престане! 360 случаи, 9 обвинети, смешни казни! Потребна ни е контрола, регистар на продадени животни, вистинска превенција и буџет за обука на специјализирани служби. Но што е најважно – треба да знаеме кој ги одложува овие промени ма цивилизирано општество!“, изјави организаторот на протестот Николај Ќучуков.
Во Благоевград десетици луѓе со своите миленици се собраа пред Судската палата со барања да не се игнорираат инцидентите на злоупотреба на животни и сторителите да добијат правична казна.
Во Варна, демонстрантите се собраа пред зградата на општината, а потоа мирно маршираа до Плоштадот на независноста во градот. Луѓето скандираа и држеа плакати со натписи: „Не за агресијата кон бездомните животни“ и „Тие умираат без своја вина“.
Демонстрантите се надеваат дека реакцијата на јавноста ќе донесе правични казни за насилниците, законски измени во корист на животните и нетолеранција кон агресија и насилство во која било форма.
„БГНЕС“ потсетува дека 26-годишната Габриела Сашова и 35-годишниот Красимир Георгиев се обвинети дека за пари снимиле страшни видеа на злоставување животни. Окружниот суд Перник ги стави двајцата обвинети во притвор.
Сашова и Георгиев ги снимале бруталните видеа во име на „клиенти“ од целиот свет и примале плаќање во криптовалути и преку разни онлајн платформи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.

