Регион
„Во такви моменти нема граници – само човечка болка, жалиме со нашите браќа Македонци“, бугарските партии изразија сочувство
Бугарските политички партии изразија сочувство до браќата Македонци на денот на националната жалост, прогласен од министерскиот совет во Бугарија во знак на солидарност со трагедијата во градот Кочани, Република Северна Македонија, во која загинаа 59 лица, а над 155 беа повредени во пожар во дискотеката „Пулс“ на 16 март, пренесе „Бгнес“.
„Бугарија ја споделува тагата на Северна Македонија по трагичната смрт на 59 лица во Кочани. Во овој тежок момент за нашите најблиски соседи остануваме солидарни во целосна поддршка на македонскиот народ“, соопштија од коалицијата Демократска Бугарија на социјалните мрежи.
Партијата Вазраждане напиша: „Денеска е ден на жалост и солидарност со нашите браќа во Македонија. Господ да ги прости невините млади души!“
И од Има таков народ изразија најискрено сочувство за трагедијата во Кочани. „Ние тагуваме заедно со нашите браќа Македонци“, велат од партијата на Слави Трифонов.
„Денеска, Бугарија е во жалост! Жалиме заедно со нашите браќа и сестри од Кочани и изразуваме длабоко сочувство за семејствата на загинатите во трагичниот пожар. Во такви моменти нема граници – само човечка болка и поддршка што можеме да ја дадеме. Почит кон споменот на жртвите“, стои во ставот на партијата Величие.
Премиерот на Бугарија, Росен Жељазков, го прогласи 18 март за ден на национална жалост како израз на солидарност со „нашиот најблизок сосед на Балканот – Република Северна Македонија, а во врска со трагичниот инцидент во градот Кочани, во кој загинаа 59 лица, над 150 беа повредени во пожар во дискотека“.
14 од повредените се пренесени во медицинските установи во Бугарија – во Софија, Пловдив и во Варна.
„Во такви моменти најважно е да се покажат навремена емпатија и солидарност. Бугарија е подготвена да прифати уште жртви“, изјави вчера премиерот Жељазков.
Претходно денеска, шефот на бугарската држава, кој се потпиша во книгата на жалост во Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија, најави дека Бугарија може да прифати повеќе жртви доколку на Скопје му треба поголема медицинска помош уверувајќи дека медицинските тимови се подготвени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

