Регион
Во Хрватска помалку од 100 новозаразени од коронавирус, од денес попуштање на мерките

Во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 91 нов случај на зараза со вирусот САРС-КоВ-2, а бројот на активни случаи денес е вкупно 2.892, објави Националниот кризен штаб.
Меѓу нив, 791 пациент се во болница, од кои 64 се на апарати за дишење. Починаа 11 лица.
Од 25 февруари 2020 година, кога е регистриран првиот случај на инфекција во Хрватска, вкупно се евидентирани 243.064 лица заразени од новиот коронавирус, од кои 5.537 починале, вкупно 234.635 закрепнале, од кои 401 во последните 24 часа.
Во моментот има 14.074 лица во самоизолација. До денес се тестирани вкупно 1.346.946 лица, од кои 2.294 во последните 24 часа.
Од денес кафулињата и рестораните во Хрватска ги отвораат терасите и ги служат гостите на нив, а можни се и тренинзи во затворени простории, но сето тоа според строги правила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Соња (57) и Марко (69) станаа родители, коментарите за нивната возраст не ги загрижуваат оти си го живеат сонот

Екипа на „Проверено“ во Црна Гора ги посети Соња (57) и Марко Миротиќ (69) и нивното пет и полмесечно девојче со симболично име Богдана.
Родителите достигнаа значителна возраст, што предизвика многубројни реакции во целиот регион, но не се грижат за тоа. Соња и Марко стојат зад осум спонтани абортуси, две процедури за инсеминација, години борба со неплодност, неуспеси, разочарувања.
„Ние сме исполнети како родители, нашите срца се полни. Ова е чудно чувство, задоволство. Сега би плачела, но нема да плачам. Цел живот сонував за ова“, открила гордата мајка за „Проверено“. Кога влегла во менопауза на 50 години, мислела дека тоа е крајот на нејзините соништа.
Сепак, тие успеале да си го остварат својот сон благодарение на 24-годишен донор на јајце-клетки на приватна клиника во Македонија. За донорот во видеото велат го знаат само основниот податок, дека не е од Црна Гора.
Со оглед на тоа што Соња закрепнува, Марко го презел поголемиот дел од грижата за малото девојче. Често му велат дека „Богдана изгледа исто како дедо му“. „Потоа им велам – јас не сум нејзин дедо, јас сум нејзин татко. Па се засрамуваат“, се шегува Марко.
Тие имаат уште две замрзнати јајце-клетки, но не планираат да имаат друго дете, иако би сакале.
„Доволно сме возрасни, би било убаво, но не сум сигурна дека би можела да издржам“, искрено рекла Соња.
Регион
Трагедија на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград: маж почина штом слета од Тунис

Вистинска драма се одвивала синоќа, еден час по полноќ, на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, кога на патникот Н. Л. (64) му се слошило штом неговиот авион слетал од Тунис.
Според информациите објавени од „Блиц“, лекарите на аеродромот „Никола Тесла“ веднаш му укажале помош, но човекот не можел да се спаси.
Неговата сопруга била до него цело време. Таа, неофицијално, изјавила дека на нејзиниот сопруг му се слошило штом излегол од авионот. Лекарите итно реагирале, но и покрај нивните напори, немало начин да се спаси.
За случајот било известено Вишото јавно обвинителство, кое нареди обдукција на телото на мажот, објавија српските медиуми.
Регион
Фон дер Лајен: Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека само обединета Европа може да биде независна Европа, дека поголема и посилна Унија е гаранција за безбедноста на сите и дека иднината на Западен Балкан, Украина и на Молдавија е во ЕУ.
Во својот годишен говор до нацијата пред Европскиот парламент таа повика на следно обединување на Европа.
„Кога зборуваме за независност, зборуваме за избор на нашата судбина. Тоа е она за што се бори Украина. И тоа е она што го заслужуваат сите Европејци. Бидејќи Европа е идеја – идејата за слобода и заемна сила. Тоа беше идејата што ја водеше генерацијата по 1989 година кога Истокот и Западот се обединија. Сега е исто толку моќна како што беше и тогаш. Затоа ги доближуваме идните земји членки до нашата Унија. Треба да го одржиме темпото на овој процес базиран на заслуги“, рече Фон дер Лајен, пренесува „Танјуг“.
Фото: принтскрин