Регион
Во Хрватска 962 нови случаи на коронавирус, четири лица починаа
Во последните 24 часа во Хрватска се евидентирани 962 нови случаи на коронавирус, а четири лица починаа, објави Националниот штаб за цивилна заштита.
Денес во Хрватска има вкупно 3.981 активен случај, од кои 807 се во болница.
Од првиот случај на коронавирус, пред нешто повеќе од една година, во Хрватска 248.061 лице заболело со коронавирус, од кои 5.625 починале.
Оздравеле 238.455 лица, од кои 334 во последните 24 часа.
Во моментов има 14.537 лица во самоизолација. До денес се тестирани вкупно 1.403.628 лица, од кои 7.499 во последните 24 часа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Првиот човек на грчката Пошта поднесе оставка по најавата за затворање на 200 филијали
Планираното затворање на 204 поштенски филијали скапо го чинеше директорот на Грчката пошта (ЕЛТА), Григорис Скликас, кој поднесе оставка, пренесе весникот „Катимерини“.
Скликас ја поднел оставката откако многу граѓани дознале дека нивните локални пошти биле затворени преку ноќ, што предизвикало остри реакции. И покрај оставката, владата останува при планот за затворање на околу една петтина од вкупно нешто повеќе од илјада пошти.
Директорот се бранел дека работат со застарена опрема и несоодветна дигитална инфраструктура. Грчката пошта се соочува со недостиг од персонал и милионски загуби, а долгот изнесува околу 140 милиони евра.
Портпаролот на владата, Павлос Маринакис, изјави дека планот за реструктурирање и затворање на филијалите е конечен, но призна дека одлуката за нивно затворање без претходна консултација со граѓаните била погрешна.
Тој најави дека реформата ќе се спроведе по дијалог со јавноста и дека целта е сите граѓани да имаат пристап до поштенски услуги.
Регион
Еден кат подолу од пеколот: фотографот зборуваше за човекот покрај прозорецот во домот во Тузла
Eдинаесет лица загинаа во пожарот што го зафати пензионерскиот дом во Тузла, а дополнително 35 побарале медицинска помош во Универзитетскиот клинички центар.
Фарук Бегташагиќ беше еден од фотографите на ова место и низ објективот долови една од најтажните сцени од претходната ноќ.
Како што објасни, го подготвил објективот за фотографирање и погледнал кон огнот на врвот од зградата. Сепак, морничавиот момент, кој се случил еден кат подолу, го потресол уште повеќе.
„На прозорецот имаше човек, а луѓето од улицата го повикуваа да се засолни. Долго време беше на прозорецот. Чадот почна сè повеќе да ја исполнува неговата соба. Како беспомошно да нè гледаше. По неколку моменти, веќе го немаше. Само сакам да е добро“, рече Бегташагиќ, пренесе „Кликс.ба“.
Засега нема официјални информации за судбината на човекот од фотографијата.
Претходно денес, директорот на Домот за стари лица, Мирсад Бакаловиќ, поднесе оставка од оваа позиција, а сојузниот премиер Нермин Никшиќ најави дека во наредниот период ќе бидат формирани тимови за посета на институции од ваков тип.
Регион
Планот на ЕК предвидува: со воз од Софија до Атина за 6 часа
Патувањето со воз од Софија до Атина ќе трае 6 часа, според планот на Комисијата за револуција на брзите железници во Европа. До 2040 година патувањата на новата TEN-T мрежа ќе се одвиваат со возови со брзина од над 200 километри на час, а инвестициите во зелени горива ќе ги трансформира воздухопловството и поморскиот транспорт, пишува „БНР.бг“.
Патувањето со воз од Софија до Атина ќе биде скратено на 6 часа наместо сегашните 13 часа и 40 минути. Планот за брза железница презентиран од Европската комисија има амбиција да ги поврзе клучните европски престолнини со мрежа од возови што сообраќаат со брзина од над 200 километри на час до 2040 година. Мерките се дел од сеопфатен транспортен пакет со кој Брисел се стреми кон поефикасен, одржлив и конкурентен транспортен систем во ЕУ.
Времето на патување на другите линии исто така ќе биде намалено. На пример, линијата Берлин – Копенхаген ќе биде 4 часа наместо 7, а новите прекугранични линии ќе го поврзуваат Париз со Лисабон преку Мадрид, како и со главните градови на балтичките држави.
Паралелно со планот за железница, Комисијата усвои и план за инвестиции во одржлив транспорт, насочен кон горивата во воздухопловниот и поморскиот сектор.
За да се постигнат целите во рамките на механизмите RefuelEU Aviation и FuelEU Maritime, на ЕУ ќе ѝ бидат потребни 20 милиони тони одржливи горива до 2035 година, што бара инвестиции од над 100 милијарди евра.

