Регион
Вучиќ во ОН: Која е разликата меѓу суверенитетот на Украина и Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека годинашната Генерална дебата се одвива во услови на нарушен светски мир од размери што не се забележани од Втората светска војна и од основањето на Обединетите нации.
Неправдата направена каде било е закана за правдата насекаде и тие зборови се потсетување и опомена за сите, рече Вучиќ и нагласи дека без оглед на последиците од грубото кршење на основните одредби на меѓународното јавно право, Белград не се откажува од фундаментален принцип на неповредливост на границите.
Ние постојано се залагаме за почитување на принципите на територијален интегритет и суверенитет, рече Вучиќ и посочи дека Србија го почитува интегритетот на Украина.
Претседателот на Србија рече дека не слушнал рационален одговор од ниту еден соговорник на прашањето која е разликата меѓу суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија, кој е грубо нарушен.
„Од многу говорници слушнавме приказни за агресија и нарушување на територијалниот интегритет на Украина, многумина велат дека тоа е прв конфликт на европско тло по Втората светска војна. Но, упорно се премолчува вистината дека за прв пат е нарушен интегритетот на една држава во Европа, поточно Србија, која не нападна ниту една друга суверена земја. Бараме јасен одговор на прашањето што со години им го поставувам на моите соговорници, лидерите на многу земји – која е разликата меѓу суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија, што е грубо прекршен и на кој многумина од вас му давате меѓународно признание и легитимитет?“, истакна Вучиќ.
Тој потсети дека Србија не стапнала на туѓа територија, ниту го загрозувала територијалниот интегритет на која било суверена држава, за некој да интервенира или да изврши агресија врз неа, како што беше направено во 1999 година.
Вучиќ нагласи дека Белград ќе ги продолжи разговорите со Приштина под покровителство на Европската унија, „бидејќи подобро е да се преговара 100 години отколку да се води војна еден ден“.
– Се надевам дека ќе дојдеме до заемно прифатливо решение, засновано на компромис, бидејќи тоа е единствениот начин да се воспостави постојан мир и просперитет и за Србите и Албанците, како и за целиот регион – рече српскиот претседател на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Хрватска е подготвена да прифати деца од Газа

Хрватска ги отвора вратите за децата од Појасот Газа, објави Министерството за надворешни и европски работи, со акцент на „психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи“, објавија хрватските медиуми.
„Република Хрватска ќе ги отвори вратите за децата од Газа на ист начин како што ги отвори за децата од Украина, фокусирајќи се на психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи“, објави денес Министерството.
Во соопштението се нагласува дека Хрватска има искуство во ова од Татковинската војна и дека има меѓународно признато знаење за дејствување против мини.
Министерството пишува дека државата е подготвена да прифати деца доколку се појават можности, за што верува дека ќе се појават, и нагласува дека континуирано спроведува проекти поврзани со украинските деца, од кои околу 700 се згрижени во Хрватска, преку јавен повик.
Планот го објави државниот секретар на Министерството за надворешни работи за политички прашања, Франо Матушиќ, на меѓународната конференција за мирно решение на палестинското прашање и спроведување на решение за две држави во седиштето на ОН.
Регион
Украинско комбе се судри со руски камион во Словенија, петмина загинати

На автопатот кој ги поврзува Марибор и Љубљана, во близина на излезот Словенска Коњица, во правец на Љубљана, се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа пет лица, а две се повредени. Несреќата се случила кога патничко комбе удрилo во камион. Сите жртви биле странски државјани, соопшти словенечката полиција, јавуваат медиумите во регионот.
Според досега утврденото, возачот на комбе со украински регистарски таблички, кое превезувало седум лица, поради несоодветна брзина, удрил во задниот дел од приколка која стоела во ред поради работи на автопат. Пет лица загинале во комбето на местото на несреќата.
Возачот, кој ја предизвикал несреќата, е полесно повреден, додека патничка е тешко повредена. Двајцата повредени се пренесени во болница, а тешко повреденото лице е пренесено со хеликоптер. Идентитетот на загинатите сè уште се утврдува.
Возачот на камионот, руски државјанин, не е повреден, но му е понудена психолошка помош поради сериозноста на несреќата, објавува Радиотелевизија Словенија. Несреќата се случила непосредно пред одморилиштето Тепање, на дел од автопатот каде што се во тек големи работи – се реновираат 13 километри пат, два тунела и три вијадукти. Полицијата потврди дека несреќата се случила пред работната зона каде што се формираат долги редици поради затворени ленти.
Фото: принтскрин
Регион
Млад човек се удави во Улцињ: трагедија во Црна Гора

Млад човек се удави во Улцињ денеска, во попладневните часови, јавуваат медиумите во регионот.
Според написите, давењето се случило на „Големата плажа“.
Засега нема информации за идентитетот на загинатиот.
Според последните извештаи било подигнато црвено знаме бидејќи имало големи бранови во морето.