Регион
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека е шокиран од идејата на европските лидери за воведување на ковид-пасоши во Европа и дека е срамно и антиевропски ваква одлука да се спроведе.
Според него, ковид-пасошите ги газат највисоките европски вредности, односно слободата на движење и избор.
„Јас немам добро мислење за антиваксерите, но кои сте вие за да ограничите нечие движење ако тој не сака или не може да ја прими вакцината“, истакна Вучиќ.
Тој оцени дека ова покажува оти ЕУ се грижи само за внатрешните движења и оти притисокот на внатрешните политики е голем, но нагласува дека Србија ќе се вакцинира најбрзо и ќе им овозможи на граѓаните да патуваат, пренесе Курир.рс.
Тој исто така забележува дека сега во земјата, притисокот на младите да се вакцинираат ќе биде голем, а намерата е прво да се заштитат постарите луѓе.
Вучиќ посочи дека Србија е петта во светот според вакцинацијата, а прва во Европа во однос на давањето на втората доза.
Утрово во 9,50 часот, вели тој, 509.000 граѓани ја примиле втората доза од некои од достапните вакцини.
Вучиќ им се заблагодари на сите што придонесоа за пристигнувањето на вакцините.
„Да беше до ЕУ, немаше да имаме вакцинирани. Ние сме на европскиот пат, а вие воведувате ковид-пасоши за Западен Балкан. Колку вакцини ни дадовте? Нула од Ковакс“, изјави Вучиќ.
Тој забележува дека Србија настапила паметно и снаодливо и покрај неправедливата распределба на ЕУ.
„Можете да видите колку богатите зеле само за сиромашните да не вакцинираат“, изјави Вучиќ и најави дека во следниот период Србија ќе добие уште милион и пол вакцини од „Модерна“, но и нови дози од кинеските и руските вакцини.
Тој проценува дека проблемите со пандемијата ќе бидат надминати и Србите ќе живеат нормално кога ќе има два милиони граѓани кои ги примиле двете дози.
Вучиќ исто така посочи дека случајно, на 5 март, на неговиот роденден, ќе дојдат 500.000 кинески вакцини. Потоа ќе пристигне Фајзер и тој очекува дека, сепак, нешто ќе дојде и од програмата Ковакс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

